Македонија
(Видео) Поповска: Има доволно време да се направат промени за гласање во една изборна единица
Иницијаторите за една изборна единца на денешната прес-конференција од Собранието порачаа дека нема процедурални пречки за измени на Изборниот законик и дека очекуваат двата поднесени закона да се најдат на следната седница.
Тие велат дека не се потребни суштински промени и дека има време да се изгласаат, а Државната изборна комисија да се подготви за спроведување на изборите наместо во шест, во една изборна единица.
„Ова е технички едноставен и изводлив процес, кој бара само нов формулар за гласачките ливчиња и нов софтвер за пребројување на гласовите. Гласачките места и одбори остануваат исти, а поинакво е само собирањето на гласовите, кои сите одат на едно конто. Сакаме да го предочиме овој факт бидејќи претседателот на Собранието, Талат Џафери, вчера изрази двоумење за изводливоста“, рече пратеничката од ДОМ, Лилјана Поповска.
Освен за промена на Изборниот законик во една изборна единица, поднесен е уште еден закон со кој се бара да се воведат отворени листи за избор на советници.
Иницијативата е поднесена од 18 пратеници, кои велат дека го имаат потребното мнозинство од 61 пратеник за промена на Изборниот законик од шест на една изборна единица, а за отворени листи потребно ќе биде и Бадентерово мнозинство, но, како што рекоа, и тука ќе ја имаат поддршката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
АХВ: Спречен увоз на над 26 тони замрзнато пилешко месо од Бразил
Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спречија увоз на над 26 тони замрзнато пилешко месо од Бразил на граничниот премин Ќафасан.
Пратката, составена од 2.167 пакувања по 12 килограми, е вратена во земјата извозник поради неисполнување на условите за увоз.
Од АХВ соопштија дека забраната е донесена врз основа на претходно решение за забрана на увоз на живи животни, производи и нуспроизводи од животинско потекло од Бразил, со цел да се спречи внесување на вирусот на високо патогена авијарна инфлуенса (птичји грип).
Според правилата, забранет е увозот на пратки добиени од животни кои се заклани, натоварени и сертифицирани пред 1 август 2025 година.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Пукна меурот од конструкции на СДС, документи и докази ги рушат мигрантските лаги на СДС, Филипче е разоткриен
„Хистеријата на СДС и Филипче за лажните вести што ги создаваат и пласираат се распукнаа како меур од сапуница“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Лицемерието на СДС и Филипче излезе на виделина пред очите на целокупната јавност.
За разлика од глумата на Филипче во улогата на патриот, менувањето ставови и ширењето лаги за непостоечки теми од страна на СДС, ВМРО-ДПМНЕ има јасна државотворна позиција против политиките што ја загрозуваат безбедноста и интересите на граѓаните на Македонија. ВМРО-ДПМНЕ и тогаш, и сега води антиемигрантска политика.
Фактите се јасни и документирани, СДС на чело со Заев и Филипче отворено нудеа Македонија да стане паркинг на мигрантски кампови. Вистина е дека постоеја планови, постојат изјави и постоела волја кај СДС, Заев и Филипче да се вдомат мигранти.
Филипче и Заев биле спремни за населување на мигрантите во Скопје, во 2018 година усвоиле План за изградба на мигрантски камп во Бардовци.
Филипче туркал камп во Бардовци и гласал да се доселат мигранти во Македонија, а за сето тоа има и доказ во Службениот весник од 2018 година, каде што е објавена одлуката на владата за изградба на мигрантски камп, со Имотен лист бр. 2140 за КО Бардовци.
Филипче растура пердуви со лажни теми и игра криенка по партиските штабови додека бега од новинари и новинарски прашања.
Додека Филипче бега, вистината ги стигна и излезе на виделина. Наместо спинови и паника СДС нека одговори колку мигранти беа спремни да примат во 2018 година?
Кој ги договараше камповите?
Зошто тогаш Филипче молчеше во знак на одобрение а денес глуми патриот и принципиелност?
Време е СДС и Филипче да се посветат на мигрантите од сопствените редови кои им бегаат во други партии и да си ја реформираат партијата. На Македонија и е потребна зрела и конструктивна опозиција“, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
СДСМ: ДПМНЕ не ја потпишува Резолуцијата затоа што има скриена агенда за мигранти
„ДПМНЕ не ја прифати подадената рака на СДСМ за заедничко потпишување на Резолуцијата и со една одлука на Собранието граѓаните да бидат сигурни дека мигранти во Македонија нема да има“, велат од СДСМ.
„По толку јавни повици за заедничка акција, секој ден, добивме молк. На сите им е јасно дека ова е свесна политичка одлука на ДПМНЕ и дел од нивната стратегија.
Доколку немаше задкулисни договори и преземени обврски за кои јавноста дозна од британските медиуми, Резолуцијата одамна ќе беше потпишана.
Сега веќе можеме јавно да констатираме: ДПМНЕ одбива да ја потпише Резолуцијата затоа што има скриена агенда за мигранти.
Ние повеќе нема да ги повикуваме. Одбивањето кажува сè за нивното предавство за пари – мигранти во Македонија ќе има.
Народот ова нема да го дозволи. Борбата за одбрана на Македонија продолжува“, пишува во соопштението на СДСМ.

