Македонија
(Видео) Поповски: Владата никогаш нема да се меша во работата на медиумите
Mинистерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, на денешната прес-конференција посветена на слободата на медиумите вети дека Владата нема никогаш да се меша во работата на медиумите и дека за разлика од минатото, денешниот ден се прославува со ослободени медиуми, но сепак оценката сè уште треба да се поправа во меѓународните извештаи.
„Оценката за слободата на медиумите мора да биде подобрена во извештаите. Огромни предизвици има во секоја држава поради тоа под каков притисок се медиумите. Овој ден го одбележуваме со ослободени медиуми од какво било влијание. Ние како влада ве уверуваме, никогаш нема да се мешаме во работата на медиумите. Го преземаме ризикот критиките да бидат упатени кон нас. Преку медиумите граѓаните мора да имаат информација како се трошат нивните пари. Сепак, медиумите се далеку од нивото што го посакуваме. Ќе работиме на внатрешната поставеност и финансирањето за подобрување на истражувачкото новинарство. Не сакаме никој да мисли дека владата прави некакви ограничувања“, рече Поповски.
Тој истакна дека во наредниот период Владата ќе се наосчи и кон медиумската писменост на граѓаните. Поповски упати благодарност до сите медиуми што ги следеа изборите.
„Се случија мноштво дебати. Кандидатите се секој ден на дебата. Тоа е нешто што го немавме повеќе од една деценија“, рече Поповски.
Министерот за отчетност и транспарентност најави и нови проекти за финансирање на електронските медиуми на ист принцип како што финансиски беа помогнати печатените медиуми.
„Веќе имавме еден разговор за финансиска помош на електронските медиуми, но преговорите престанаа поради изборната кампања. По завршување на изборите ќе продолжиме со разговорите, но потребна ни е помош и од самите медиуми“, рече Поповски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почна седницата на Советот за безбедност во Вила Водно
Почна седницата на Советот за безбедност што ја закажа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на која на дневен ред е безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а на седницата присуствуваат членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, начинот на остварување на правата и исполнувањето на должностите на членовите на Советот, свикување и одржување на седниците, спроведувањето на заземените ставови, поведените иницијативи и дадените мислења и предлози, информирањето за својата работа, како и други прашања во врска со организирањето и начинот на работа на Советот, се определени со Деловник за работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
Седниците на Советот се затворени. Во одредени случаи седниците можат да бидат и јавни за што одлучува претседателот на Советот.
Македонија
Муцунски разговарал со шеикот Бин Зајед и дал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска телефонски се слушнал со заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан.
Муцунски ја истакнал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и изразил сочувство за жртвите од нападите.
„Министерот остро ги осуди нападите извршени од Иран врз Обединетите Арапски Емирати, оценувајќи ги како сериозна повреда на принципите на меѓународното право, вклучително и почитувањето на државниот суверенитет и територијалниот интегритет. Тој нагласи дека во услови на зголемени регионални тензии, неопходни се воздржаност, одговорност и дипломатски ангажман, со цел спречување понатамошна ескалација и зачувување на стабилноста и мирот во регионот“, се вели во соопштението на МНР.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ до Филипче: Ако Македонија е како Иран, дали Заев е ајатолахот?
ВМРО-ДПМНЕ реагира на денешната изјава на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој Македонија ја спореди со Иран и Венецуела.
По ваквата изјава од владејачката партија велат дека СДСМ е потоната во свој микро свет, во кој сите се лоши, а само тие се добри.
„Кој мисли дека му верува на Филипче кога кажува дека Македонија е како Иран? Ако Филипче вели Македонија е како Иран, дали со оглед на тоа што СДС беше на власт 7 години, а во влада скоро 9 со техничката, ова значи дека Заев е Ајатолахот, а Филипче неговиот прв проповедник?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
На новинарско прашање во врска со отворената поддршка на Македонија кон САД за нападите кон Иран, лидерот на опозицијата кажа оти Соединетите Американски Држави, како наш стратешки партнер треба да знаат дека во нашата земја има власт со многу слични карактеристики на тие авторитарни режими со кои тие се справуваат.
Елаборирајќи го својот став, тој ги повтори критиките дека Владата на чело со ВМРО-ДПМНЕ ја турка земјата кон изолација, дека преку вицепремиер во извршната власт има контакти со рускиот претседател Владимир Путин, како и дека целосно го партизира правосудството.
„Имаме власт и премиер којшто ја бутка земјата во изолација, притоа знаејќи дека во стратешки интерес на Соединетите Американски Држави е интергацијата во ЕУ и на нашата земја и на целиот регион“, рече Филипче.

