Македонија
Поради повреда од петарда 13-годишно дете најверојатно ќе остане со инвалидитет на раката, според лекарите

Според директорот Небојша Настов во Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, на новогодишната ноќ имало вкупно 81 прегледан пациент, пет како последица на сообраќајни несреќи, тројца од физички пресметки и биле извршени три оперативни интервенции.
„За среќа во текот на новогодишната ноќ немаше повреди од петарди и огнострелно оружје, тоа беше зачестено во период пред празниците. Во последниот месец имаше 50-ина претежно малолетници на возраст од 12 до 17 години“, кажа Настов, додавајќи дека најверојатно се користат се поголеми петарди со поголемо барутно полнење и оставаат трајни оштетувања кај децата.
„За жал се користат петарди со се поголемо барутно полнење кои оставаат многу поголеми оштетувања односно траен инвалидитет кај децата“, рече тој.
На ТОАРИЛУЦ, Ургентниот центар, КАРИЛ и Ортопедија, како што информираше доктор Игор Мерџановски, биле направени околу 35 прегледи.
– Направени се околу 35 прегледи од кои девет се сообраќајки со лесни телесни повреди, тие пациенти се пуштени на домашно лекување. Имаме двајца пациенти од физички напад, едниот е задржан на опсервација и во текот на денов ќе биде пуштен дома, како и 13-годишно дете со тешка повреда на раката од петарда, кое веќе е оперирано на Детската клиника за хирургија и најверојатно ќе биде со инвалидитет на раката. Примен е и еден странски државјанин во алкохолизирана состојба со повреда на носот и на главата, згрижен е и пуштен е на домашно лекување, изјави Мерџановски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Тошковски од Приштина: Системот One Stop Shop ќе се имплементира на граничниот премин Јажинце

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денес беше во работна посета на Приштина на покана на неговиот косовски колега, министерот Џелал Свечла.
Средбата беше за евалуација на имплементацијата на One Stop Shop системот кој официјално беше пуштен минатата недела на граничниот премин „Блаце-Елез Хан“ како и за усогласување на идните чекори за дополнително зајакнување на прекуграничното поврзување.
„Следната фаза на оваа соработка е имплементација на системот и на граничниот премин „Јажинце-Глобочица“ кој треба да се реализира во следниот период. One Stop Shop системот за патниците значи една проверка наместо две, пократко чекање и подобро искуство, а за службите – поефикасна работа, подобра координација и посилна борба против незаконски активности а за нашите две држави тоа е ново поглавје на поврзаност со побрз транспорт, повеќе трговија, туризам и пријателство“, потенцираше министерот Тошковски.
На средбата се разгледа и тековната соработка на двете министерства и полиции и можноста за нејзино унапредување во делот на размената на информации и борба со криминалот кој не познава граници.
Македонија
Собрани повеќе од 2 милиона евра за настраданите од пожарот во Кочани

Црвениот крст денеска соопшти дека на апелот за помош на повредените и за семејствата на настраданите од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, што се случи на 16 март, а во кој загинаа 62 лица, а повеќе од 100 беа повредени, се собрани над два милиона евра.
„Во апелот на Црвениот крст на РСМ, заклучно со 17.4.2025 година, собрани се 128.011.651,00 денар за настраданите од пожарот во Кочани“, соопштија од таму.
Денес, Црвенот крст изврши трансфер на средства на 62 семејства на починатите лица. Досега на настраданите семејства вкупно се исплатени 86.100.000 денари.
Црвениот крст заедно со партнерите продолжува со испораката на психосоцијална и друга поддршка на населението.
Македонија
Димитровски: Неопходно е билатералните идентитетски и историски прашања да бидат надвор од преговарачкиот процес

Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски денеска во Софија учествуваше на форумот „ЕУ го среќава Балканот“, во организација на Атлантскиот клуб од Бугарија и АЛДЕ групацијата од Европскиот парламент.
Во дебатата со министри и заменици министри за надворешни работи или за Европа на земјите од Западен Балкан, Романија и Турција, заменик министерот Димитровски истакна дека Македонија е шампион во Европа според заштитата на етничките права и дека уставните измени за внесување на Бугарите во уставот сами за себе не претставуваат проблем.
„Она што предизвикува грижа е целиот пакет со преговарачката рамка вклучително и протоколите. Ако интегрирањето на Македонија во ЕУ зависи од резултатите од работата на заедничката македонско-бугарска Комисија за образовни и историски прашања, тогаш тоа може многу да се оддолжи. Ваквите меѓудржавни историски комисии по Втората светска војна, како помеѓу Германија и Франција или Германија и Полска може да работат повеќе децении додека дадат резултати. Неопходно е билатералните идентитетски и историски прашања да бидат надвор од преговарачкиот процес“, рече Димитровски.
На форумот свои обраќања имаа и потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова и еврокомесарката за проширување, Марта Кос.