Македонија
Поранешниот заменик-министер за здравство, Арменд Арслани, е нов директор на струшката болница
Нов директор на Општата болница Струга е Арменд Арслани, поранешен заменик-министер за здравство.
Министерот за здравство, Венко Филипче, денес извести дека Арслани е назначен на местото на разрешениот Мухамед Асани, кој беше разрешен откако Државниот санитарен и здравствен инспекторат утврди дека дома имал дива амбуланта, во која прегледувал пациенти.
За Асани алармот го вклучи родилката од Дебар, која се пожали дека, по породувањето со царски рез, дома си заминала без бубрег, јајчник и матка, а Асани целата беременост ѝ ја водел во дивата амбуланта.
Арслани како кадар на ДУИ беше заменик-министер за здравство од 2019 година до лани кога по изборите на оваа функција дојде Илир Хасани. Тој веќе има работно искуство во болницата во Струга како доктор по општа медицина. Арслани е специјализант по урологија на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Студеничани и Сопиште денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.00 до 16.00 часот, дел од корисниците од село Осинчани, Ловиште Јасен, село Држилово, село Патишка Река, село Елово, село Малчиште, викендици Патишка Река, Сателитски центар Нова Брезница, Каменолом Вардар Градба, викендици Држилово, село Јаболци, село Црн Врв, Рудпроект, Карст Јаболци, Викенд Населба Јаболци и село Нова Брезница.(општинa Студеничани и Сопиште)
Македонија
Претпладне појава на слаба магла, во текот на денот сончево и тивко
Во утринските часови ќе има појава на магла по котлините. Во текот на денот ќе биде претежно сончево и тивко, освен во југоисточните делови каде ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 9 до 15 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на слаба магла. Во текот на денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на неделата нашата држава ќе биде под влијание на висок воздушен притисок кој ќе услови стабилно и релативно топло време. По одделни котлини во претпладневните и ноќните часови ќе има појава на магла.
Македонија
Сообраќајот на ГП „Богородица“ е нормализиран
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ (ГП Евзони) од 21 часот е нормализиран, информира АМСМ.
Поради блокада на границата за влез и за излез во текот на целиот ден, колони возила чекаа на граничниот премин „Дојран“ за влез во земјава. Претходно од АМСМ информираа дека од 11:00 часот сообраќајот на ГП „Евзони“ (Богородица) е блокиран за влез и излез поради штрајк на земјоделците.

На ГП „Дојран“ сообраќајот се одвива непречено, но поради зголемен интензитет има задржувања за влез во државата.

