Македонија
Посета на началникот на ГШ на Вооружените сили на Кралството Норвешка

Од денеска, во дводневна официјална посета на земјава претстојува висока делегација на Вооружените сили на Кралството Норвешка, предводена од началникот на ГШ на ВС, адмирал Хакон Брун Хансен.
Адмиралот Хансен утре во Министерството за одбрана и генералштабот ќе оствари средба со својот домаќин, началникот на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, и со министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Главни теми на средбата, како што информираат од АРМ, ќе бидат унапредување на билатералната воена соработка, трансформација на Армијата на Република Северна Македонија и искуствата од учеството во меѓународните мисии.
По активностите во генералштабот, адмиралот Хансен ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Во повеќе градови почнува бесплатен скрининг за детектирање на болести на црниот дроб

Министерството за здравство, заедно со Хепар Центар-Битола и клиниките за гастроентерохепатологија и инфективни болести, по повод Светски ден за борба против хепатитисот, почнуваат заедничка национална кампања за бесплатен и анонимен скрининг за хепатитис Б, хепатитис Ц и ХИВ, како и еластографија за хронични црнодробни заболувања.
По тој повод, денеска од 10 до 13:00 часот ќе биде поставена мобилна единица на плоштад „Македонија“ во Скопје од каде почнува бесплатниот и анонимен скрининг за навремено детектирање на болести на црн дроб.
Националната кампања ќе се реализира во 10 градови во државата.
Целта е подигнување на свесноста за црнодробните болести, како што се црнодробен карцином, замастување на црниот дроб од алкохолна и неалкохолна природа, цироза и ретки болести на црн дроб.
СПИСОК НА ГРАДОВИ КАДЕ ЌЕ СЕ ВРШИ БЕСПЛАТЕН СКРИНИНГ
28 јули | Скопје: 10:00–13:00 / Куманово: 18:00–20:30
30 јули | Тетово: 10:00–12:30 / Гостивар: 18:00–20:30
01 август | Струга: 10:00–12:30 / Охрид: 18:00–20:30
04 август | Битола: 10:00–12:30 / Прилеп: 18:00–20:30
06 август | Штип: 10:00–12:30 / Гевгелија: 18:00–20:30
Македонија
Од утре изменет сообраќаен режим на мостот „Влајко“

Општина Карпош ја информира јавноста дека утре, вторник (29.07.2025) година со почеток во 07:30 часот ќе започнат работните активности за статичко испитување на надземниот премин „Влајко“ (во населбата Влае). Поради изведување на стручните мерења, ги известуваме сите граѓани дека ќе биде воведена времена измена на сообраќајниот режим, која ќе се реализира во две фази.
Имено, во првата фаза се предвидува затворање на дел од сообраќајницата, односно булеварот „Партизански одреди“, по принципот лента по лента, во насока исток – запад, поточно во правец кон населбата Ѓорче Петров. По завршување на првата фаза, ќе следи затворање на сообраќајот во насока запад – исток, (кон Центар), исто така по принципот лента по лента.
Во оваа пригода локалната самоуправа посочува дека во текот на изведување на работите, сообраќајот на тој потег ќе се одвива непречено, согласно сообраќајната сигнализација и опремата која ќе биде времено поставената, на која ќе биде означено прописно ограничување на брзината на движење од 30 km/h. Се предвидува овие активности да се одвиваат во период од седум работни дена, а по нивното завршување да биде воспоставен првобитниот режим на сообраќај.
Општина Карпош апелира до сите учесници во сообраќајот да го почитуваат и да се прилагодат кон времениот сообраќаен режим, за што однапред им благодари на разбирањето и соработката.
Македонија
АМСМ: Зголемена фреквенција на возила, но на граничните премини без гужви

Сообраќајот на државните патишта утрово се одвива непречено, по суви коловози, информира АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. Поради летните одмори се бележи зголемена фреквенција на возила, но на граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.