Македонија
Последното BMW X1 од бонус-играта „Заврти екоскутер тркало“ ќе се вози низ Скопје
Мартина Стојковиќ од Скопје е добитничка на второто BMW Х1 од бонус-играта „Заврти екоскутер тркало“. Марјана Станојковска и тимот на Државна лотарија ги предадоа клучевите од новиот автомобил на Стефанија, сестрата на Мартина пред салонот М – Кар во Скопје.
Среќната добитничка на прекрасниот автомобил BMW X1 за себе вели дека секојдневно се забавува со игрите на среќа на Државна лотарија. Доказ за нејзината упорност се и претходните помали добивки кои ги остварила од инстант-лотаријата. Иако Мартина не беше присутна на доделувањето поради оправдани причини, во телефонски разговор ни раскажа за нејзиното учество во бонус-играта „Заврти екоскутер тркало“. Имено, Мартина преку веб-страницата на Државна лотарија www.loto.mk регистрирала над 100 недобитни инстант-лозови Екоскутер. Нејзината желба да вози BMW постои од пред една година, кога го положила возачкиот испит. На денот на извлекувањето, Мартина и нејзиното семејство не биле во можност да следат Лото 7 затоа што го реновирале семејниот дом, кога одеднаш се јавиле блиски пријатели да честитаат затоа што токму името на Мартина се појавило на малите екрани после електронското извлекување.
![]()
Убава коинциденција е роденденот на Мартина наредниот ден, па како што вели таа, овој атрактивен автомобил е всушност остварување на роденденската желба.
Пресреќна за добивката, на сите играчи на игрите на среќа на Државна лотарија им посака истрајност и упорност, никогаш да не се откажуваат затоа што не знаеме кога среќата ќе ни се насмее.
Државна лотарија преку бонус играта „Заврти екоскутер тркало“ додели околу 2 300 000 денари парични добивки и две возила BMW X1 од кои првото се вози во Тетово, а второто ќе се вози низ Скопје.
Ви подготвуваме уште многу изненадувања наскоро, сè што треба да направите е да не следите на социјалните мрежи. Можеби токму вие ќе бидете следната среќна приказна која ќе ја раскажеме.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

