Македонија
Потпишан договор за стратешко партнерство со Унгарија
На покана на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска, во еднодневна посета на Република Северна Македонија престојуваше унгарскиот министер за надворешни работи и трговија, Петер Сијарто. Посетата беше заокружена со потпишување договор за стратешка соработка помеѓу владите на двете земји.
„На средбата двајцата министри се осврнаа на одличните билатерални односи изразувајќи заемно задоволство од интензивниот политички дијалог и развиената секторска соработка. Беа поздравени и тридецениското пријателство и одличната трговска соработка, која бележи континуиран нагорен тренд во изминатиот период. Во тој контекст од страна на двајцата министри беше констатирано дека македонско-унгарското партнерство е засновано на силни политички врски и развиена економска соработка, кои во претстојниот период ќе добијат уште позасилена динамика“, соопшти МНР.
Во фокусот на разговорите беа и перспективите и предизвиците на процесот на европската интеграција на нашата земја и засилената и недвосмислена поддршка од Унгарија на овој пат, која е насочена кон отворање на преговорите на нашата земја со ЕУ, со цел да се овозможи стабилизирање и подобра перспектива за нашата земја и за земјите од регионот.
Во таа насока, министерот Муцунски изрази уверување дека поддршката ќе продолжи со несмалено темпо и во претстојниот период имајќи го предвид и неодамна потпишаниот акциски план за споделување знаење во однос на ЕУ-пристапувањето помеѓу министерствата за надворешни работи и надворешна трговија и министерствата за европски прашања на двете земји.
На средбата исто така стана збор и за сојузништвото и одличната соработка во рамките на НАТО, која е насочена кон справување со актуелните безбедносни предизвици и зачувување на европската и на трансатлантската стабилност.
Во рамките на посетата беа потпишани и договор за соработка на владино ниво и договор за соработка во делот на образованието. Имено, министерот Муцунски и министерот Сијарто потпишаа договор за стратешка соработка меѓу владите на Република Северна Македонија и на Унгарија, а од страна на министерот Сијарто и министерката за образование и наука, Весна Јаневска, беше потпишан меморандум за разбирање меѓу Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија и Министерството за надворешни работи и трговија на Унгарија за соработка во рамките на програмата „Стипендиум Хунгарикум“ за 2026 – 2028.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Излеани реки, поплавени подруми, гаражи и дворови во Охрид и Битола, во Кичево евакуирани околу 100 луѓе
Поради обилните врнежи од дожд, локалниот пат помеѓу селата Форино и Тумчевиште, Општина Гостивар, е тешко прооден. За состојбата се известени ЕЛС Гостивар и ПС Чегране, информираше Центарот за управување со кризи.
Забележано е излевање на Лакавичка река во село Мало Турчане и на Сушечка река во село Горна Бањица, Општина Гостивар. За настаните се известени надлежните институции и службите за итно дејствување, кои ја следат состојбата на терен.
Во Општина Охрид евидентирани се поплавени подруми, гаражи и дворови на повеќе локации во градот. Локалната самоуправа и Кризниот штаб на Општина Охрид се известени и постапуваат по пријавите. Реката Далјан е излеана од коритото на повеќе места, при што се поплавени голем број куќи, а службите за итно дејствување се организирани и се на терен.
Во Општина Кичево, на улицата „Прилепска“, поплавени се повеќе стамбени објекти. Извршена е евакуација на околу 100 лица, кои се сместени во спортската сала „Христо Узунов“. На терен интервенираа екипи на Црвен крст, ДЗС, РЦУК Кичево, ТППЕ Кичево, ЈП Комуналец и Општина Кичево.
На евакуираните лица им се обезбедени храна, вода, кревети, душеци и ќебиња.
Регистрирани се и излевања на Зајашка река во реонот над стадионот „Влазрими“ и новото училиште „Санде Штерјоски“, како и излевање на реката Треска на земјоделско земјиште во атарите на селата Бигор Доленци, Вранешти и околината, извести ЦУК.
Поради обилните врнежи од дожд е забележано зголемување на водостојот на реките и излевање на повеќе водотеци, при што се поплавени голем број куќи и дворни места. Во 09:00 часот е закажан состанок на Кризниот штаб на Општина Битола, со цел утврдување приоритети и координација на активностите на терен, соопшти ЦУК.
Македонија
Новогодишен „JINGLE BETS“ МЕГАВИН караван на Државна лотарија
Започна празничниот караван „JINGLE BETS“ МЕГАВИН, кој носи новогодишна магија и забава во повеќе градови низ Македонија.
Со овој забавен „JINGLE BETS“ МЕГАВИН караван, полн со интерактивни игри и подароци, Државна лотарија сака да дополни магија во празничниот период и да подари дополнителни можности за радување, со многу дружење, смеа, музика и радост за љубителите на интернет игри на среќа, но и за сите над 18-годишна возраст.
Во рамките на караванот подготвени се две специјални зони. Првата зона Zone Fun & Play, им овозможува на посетителите да се забавуваат со тркалото на среќата, интерактивниот дигитален тотем, но и да се фотографираат за спомен на забавата и празниците. Втората зона Zone Register & Win ги претставува дигиталните точки за регистрација на посетителите, каде што секој новорегистриран корисник на megawin.mk каде што ќе добие празничен бонус за добредојде и можност за инстант подарок. Посетителите, исто така, се запознаваат и со понудата на специјалната новогодишна кампања „JINGLE BETS“. Секоја регистрација носи шанса за вртење тркалото на среќата или учество во дигиталната игра „МЕГА БОНУС“. За повеќе забава, дигиталниот тотем овозможува учесниците да се впуштат во дигитален лов по виртуелни парички − интерактивна забава за освојување подароци, а на крајот добиваат фотографија со QR код за споделување на социјалните мрежи со хаштагот #Megawin2you. Тука се и „Happy Hour“ регистрациите, кога секој нов корисник ќе добива двојна можност за подарок.
За љубителите на социјалните мрежи подготвена е и фото зона за инстаграм, со брендирана рамка и реквизити, која ги поттикнува посетителите да создаваат и споделуваат празнични фотографии. Во демо зоната со таблети, промотерите ги водат посетителите низ процесот на регистрација и им ги објаснуваат правилата на играта. За уште попријатно искуство, во посебено катче за релаксација се служи чај, создавајќи топла празнична атмосфера. Секој што ќе се регистрира добива можност да ја одигра онлајн играта и веднаш да освои подарок. Празничниот караван ги посетува и настаните поддржани од Државна лотарија како што се концертите на Махмут Орхан и Сара Мејс, а истовремено овозможи и дополнителна забава за публиката, а на сите локации каде што е ЏИНГЛ БЕТС караванот таму има и празнична атмосфера збогатена со музички настапи и диџеј-сетови со модерни новогодишни миксови, коишто секоја локација ја претвораат во вистинска празнична забава.
Караванот патува низ различни градови, пред продажни места на Државна лотарија, но и на градски плоштади, а внесува и дополнителна забава во кафулиња и клубови меѓу младите над 18-годишна возраст, коишто одблиску се запознаваат со можностите за забава и одговорно играње на платформата МЕГАВИН.МК на Државна лотарија, а ова е единствената легална платформа за интернет игри на среќа во Македонија.
Активностите на караванот ќе траат и во текот на јануари 2026 година. Ги покануваме заинтересираните да ги следат социјалните медиуми и известувањата во рамките на Лото емисијата за да дознаат кога ќе биде блиску до нив оваа празнична ЏИНГЛ БЕТС магија.
ПР
Македонија
Мицкоски: Со измените на Кривичниот законик СДС и ДУИ создадоа можност да се амнестираат самите
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека правосудниот систем во земјава е во одреден дел контаминиран од страна на поранешната влада на СДС и ДУИ, особено во делот на измените на Кривичниот законик. Според него, некои лица од претходната власт можат да се повикуваат на поповолни закони, што како што вели тој, е најголемиот проблем, затоа што создале правна основа за сопствена амнестија.
„Генерално луѓето во правосудството се чесни луѓе. Има еден мал дел, којшто е контаминиран, и којшто за жал го контаминира целиот систем. Тоа се најчесто партиски послушници, коишто се рецидив на поранешната влада на СДСМ и ДУИ и коишто жестоко се борат за тие коишто ги поддржале да добијат некаква бенефиција, позиција итн“, изјави Мицкоски во интервју за „Алфа“.
Според него, постојат два клучни моменти кои што влијаеле на распадот на правдата, од кои првиот е изборот на судиите во парламентот, во периодот кога ВМРО-ДПМНЕ беше во парламентарна опозиција, а вториот е измените во Кривичниот законик што ги донесе владата на СДС и ДУИ.
„Првото е оној избор на судии во парламентот, кога се бираа судиите во парламентот кога ВМРО-ДПМНЕ беше во парламентарна опозиција, мислам дека беше во 1996 година. И второто е сега, кога владата на СДСМ и ДУИ пред одење практично ги донесе измените во Кривичниот законик и кога избриша еден добар дел од членот 353 тој фамозен член 353, поради две причини“, рече Мицкоски и додаде:
„Првата е за да се амнестираат себе си и втората причина е, на тој начин мислеа дека ќе амнестираат некого, којшто ќе може во тоа време да нанесе штета на тогаш најсилната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ. Успеаја во првиот дел од својата намера, во вториот дел не успеаја. ВМРО-ДПМНЕ денеска е поголема од сите политички партии заедно“.
Мицкоски истакна дека сите оние од претходната влада на СДС и ДУИ, секогаш ќе се повикуваат на поповолниот закон.
„Тие секогаш ќе се повикуваат на поповолниот за нив закон,а за нив поповолен закон е овој моменталниот сега, кога е избришан членот 353 став 5 кога други делови од Кривичниот законик се избришани. Секогаш ќе се повикуваат на тоа, без разлика ние од сега натаму каков закон ќе донесеме, и од сега натаму какви измени ќе направиме. Сите оние од претходната влада кога ќе дојдат на судско рочиште ќе речат се повикувам јас на законот кој што беше од тогаш до тогаш, бидејќи тоа е во тоа време. И тука е најголемиот проблем“, посочи Мицкоски, во интервјуто за „Алфа“.

