Македонија
Потпишан меморандум за соработка меѓу МВР и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Никола Јанкуловски, денеска потпишаа меморандум за соработка меѓу двете институции за заемно користење експертски услуги, простор и опрема.
Преку потпишувањето на овој меморандум за соработка се овозможува и поактивна практична настава, што е особено важно за студентите од Институтот за безбедност, одбрана и мир, за нивно стекнување поголеми вештини и знаења во текот на студиите.
Министерот Спасовски денеска присуствуваше и на првиот академски час на Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет во Скопје.
Во своето обраќање пред студентите Спасовски посочи дека тие отвораат ново поглавје во нивните животи и им посакал годините што се пред нив да ги искористат што подобро и поквалитетно, особено вооружувајќи се со знаење и стручност кои ќе им користат лично и професионално, но ќе бидат и корисни за општеството.
– Министерството за внатрешни работи било и ќе биде тука, отворено за соработка не само во делот на имплементација на современи научни сознанија и искуства од областа на безбедноста, но и во делот на практичното ангажирање млади образовани кадри за потребите на институцијата. Досегашниот дисконтинуитет особено во делот на неискористувањето на потенцијалите на млади образовани луѓе, пред сè на оние најдобрите, не е никому од полза, ниту вам ниту на МВР ниту на општеството генерално земено. Оттаму сакам да ве уверам дека се сериозни нашите намери, преку организационо и структурно реформирање на министерството, да влеземе во еден нов процес на вклучување, конкретно и практично, на оние најдобрите млади кадри во системот на работа на Министерството за внатрешни работи, истакна Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ново ширење на влијанието на Орбан во Македонија сега и во енергетиката, велат од СДСМ
Се шири влијанието на Орбан. Освен во медиумите, во телекомуникациите, во финансискиот сектор сега очигледно ВМРО му овозможува влез и во енергетиката во Македонија, велат од СДСМ.
Според оваа партија, годишниот план за енергетски објекти за 2026 година усвоен од Владата опфаќа и учество на фирми кои се поврзани со компании од Унгарија, блиски на Орбан, како на пример иницијативата за когенеративна гасна централа вредна 445 милиони евра каде се јавува фирмата „Статус Енерџи ДОО Скопје“.
„Фирмата која е планирана е ќерка-фирма на унгарската Status Energy KFT. Оваа унгарска фирма е дел од Status Energy Private Equity Fund и е индиректно поврзана со Виктор Орбан преку сопственичка структура што ја вклучува OPUS Global, компанија контролирана од Лоринц Месарош (Mészáros Lőrinc), еден од најбогатите Унгарци и долгогодишен пријател и сојузник на Орбан.
Главната врска оди преку Месарош, кој ја контролира OPUS Global (има околу 24–36% удел, но ефективна контрола). Месарош е пријател на Орбан од детството (од селото Фелчут), поранешен инсталатер на гас кој стана милијардер благодарение на државни договори од 2010 година (кога Орбан дојде на власт).
Неговиот имот се удвојуваше секоја година и често се опишува како бизнис-посредник на Орбан. Месарош располага со широка мрежа на приватни инвестициски фондови (вклучувајќи го и Status Energy Private Equity Fund), кои се користат за прикривање на имотот и за инвестиции во енергетиката, банкарството, медиумите и инфраструктурата“.
Овие фондови, нагласуваат во СДСМ, станаа алтернатива на офшор-компаниите за унгарските олигарси.
„OPUS Global под водство на Месарош стана „национален шампион“, со портфолио во енергетиката (вклучувајќи го TIGÁZ), туризмот, земјоделството и медиумите. Компанијата профитираше од државни проекти, како што е изградбата на железницата со Кина.
Во системот на Орбан за контрола на медиумите, Месарош управува со домашниот дел, додека Шац и Адамик со „извозниот“ дел во странство. Како примерите во Македонија.
Во 2020 година, Шац беше обвинет за даночна измама во Македонија поради непријавување на приход од 190.000 евра во неговата компанија CHS Invest Group.
Истражувањата на ИРЛ и Oštro покажаа дека таканаречените „рекламни договори“ (маслиново масло, сувенири, онлајн продавници без реален пазар) биле користени како механизам за трансфер на милиони евра кон медиумскиот октопод на ВМРО, под контрола на Шац“.
Како што оценуваат во партијата на Филипче, ништо не е случјано, се е поврзано.
Ова, додаваат, е уште една потврда на она што го говори СДСМ.
„Политичкиот проект на ВМРО за ширење на влијанието на Орбан ја изложува Македонија на странско мешање, дезинформации, и „нетранспарентни финансиски текови“ кои ја оддалечуваат земјата од ЕУ а ја приближуваат до авториратни режими и геополитичките цели на Русија“.
Македонија
Објавена петиција за забрана на социјални мрежи за деца до 12 години во Македонија
Граѓанската иницијатива „Иницијатива за безбедно детство“ објави петиција со која се бара воведување забрана за употреба на социјални мрежи за деца до 12 години и регулација на пристапот за малолетници до 16 години во Македонија.
„Ние сме група загрижени и општествено одговорни родители, наставници, стручни лица и граѓани што започнуваме петиција со која бараме воведување забрана за употреба на социјални мрежи за деца до 12 години и регулација на пристапот за малолетници до 16 години во Македонија. Под името „Иницијатива за безбедно детство“, ова граѓанско движење има за цел да поттикне законски измени и системска регулација во нашата држава, што ќе ја заштитат дигиталната безбедност, менталното здравје и приватноста на најмладите“, велат од иницијативата.
Од таму велат дека штетата веќе се случува пред нашите очи.
„Сите сведочиме на негативните ефекти, од нарушено ментално здравје, онлајн врсничко насилство, самоповредување, опасни „предизвици“, намалена концентрација и изобличена перцепција за вредности и успех. Во услови на недоволна законска регулација и слаб надзор, тие остануваат изложени на ризици кои државата има обврска да ги превенира. Австралија, Франција, Шпанија, Шведска, Данска, Словенија итн. се охрабрија кон првиот и најважен чекор: забрана за употреба на социјални мрежи за деца и регулација на употребата од страна на адолесцентите. Обединетите нации препорачуваат да се подигне возрасната граница за дозволена употреба на социјални медиуми, а Европскиот парламент усвои препорака со која се предлага минимална возраст од 16 години за неограничен пристап до социјалните мрежи во ЕУ“, велат од граѓанската иницијатива.
Тие со петицијата бараат заштита на децата преку иницирање законска и практична рамка:
● Воведување забрана за употреба на социјални мрежи до 12-годишна возраст и регулација за деца до 16 години при регистрирање и самостојна употреба на социјални мрежи и платформи за кратки видеа, преку задолжителна верификација или целосна забрана доколку не се прифатат и имплементираат пропишаните стандарди.
● Обврска за социјалните медиуми и апликациите да обезбедат технички и правни механизми за родителска согласност/сертификат од родител или старател и спречување или ограничување пристап за деца под 12 години.
● Ограничување на алгоритамско таргетирање и автоматско препорачување креативни и вирусни содржини за профили идентификувани како детски.
● Обврска за посебна заштита и обработка на детските податоци согласно национални стандарди, со засилени безбедносни мерки.
● Јасно дефинирани санкции и механизми за брзо отстранување на штетна и опасна содржина.
● Национална програма за дигитална писменост и поддршка на менталното здравје на учениците и нивните семејства.
Линк до петицијата: https://c.org/g5MnSHrB8Y
Македонија
Левица: Ќе поднесеме предлог – закон за департизација и искоренување на непотизмот во јавното здравство
Пратеничката група на Левица до Собранието на Република Македонија ќе поднесе Предлог-закон за укинување на дискреционото право на директорите во јавното здравство при вработување, со кој се воведува обврска за избор на најдобро рангираните кандидати на транспарентни конкурси со јасни, мерливи и проверливи критериуми, соопштија од партијата.
Од таму појаснуваат дека со Предлог-законот се прави неопходен и одлучен чекор кон дефинитивно укинување на децениските практики на непотизам, партизација и клиентелизам, преку елиминирање на дискреционите овластувања и воведување задолжително почитување на ранг – листите и објективните критериуми при вработување.
„Јавното здравство со децении е оптоварено со системски непотизам, партизација и клиентелизам, каде што роднинските врски и партиската подобност се вреднуваат повеќе од стручноста, знаењето и професионалниот интегритет. Дискреционото право на директорите се претвори во институционализиран механизам за репродукција на привилегии, со што јавното здравство функционира како затворен систем на наследни и партиски вработувања. Како директна последица на ваквите политики, најквалитетните и највисоко рангираните здравствени работници се системски оттурнати од јавното здравство и принудени својата професионална кариера да ја продолжат во приватните здравствени установи во државата, каде што нивното знаење станува пазарна стока или во здравствените системи во странство, каде што државата практично го извезува сопствениот образуван кадар од државните универзитети“, велат од партијата.
Овој двоен одлив, кон приватниот сектор и кон странство, додаваат од Левица, претставува тежок удар врз јавното здравство.
Според Левица, државата инвестира во образование и обука на здравствени работници, а придобивките од таа инвестиција ги собираат приватните профитни структури, други држави или промена на професијата. Истовремено, велат од Левица, Фондот за здравствено осигурување сноси дополнителни трошоци за лекување во приватни установи и во странство, додека пациентите продаваат дел од својот имот да се лекуваат во приватни клиники или други држави.
„Јавното здравство мора да биде систем на знаење, одговорност и еднакви шанси, а не поле за семејни и партиски привилегии. Левица ги повикува сите пратеници во Собранието да го поддржат овој Предлог-закон и да застанат на страната на јавниот интерес, здравствените работници и пациентите. Поддршката на овој закон е јасен показател дали се брани јавното здравство или се продолжува со заштита на непотизмот и клиентелизмот“, велат од Левица.

