Македонија
Почина Илија Жупаноски, владиниот советник за дигитални комуникации
На 41-годишна возраст, вчера, во Скопје, почина владиниот советник за дигитални комуникации и општествена активист за демократија, Илија Жупаноски.
Жупаноски беше советник за дигитални комуникации на премиерите Заев, Спасовски и Ковачевски и имаше ангажман во демократизацијата на дигиталните комуникации на Владата од 2017 година наваму.
Роден е во Скопје 1982 година. Завршил средно економско училиште и економски факултет во Скопје, а магистрирал информациски системи на Универзитетот „Лунд“ во Шведска.
Беше еден од младинските активисти што учествуваа во програмата „Економско образование за млади“ (Junior Achievement), a од крајот на 90-тите учествува во основањето, развојот и професионализацијата на македонската дебатна асоцијација и на Младинскиот образовен форум (МОФ). Беше извршен директор на МОФ од 2007 до 2010 година.
„Илија беше општествен активист за демократија, борец против дезинформации, владин советник за дигитални комуникации, кој даде огромен и суштински продонес во демократизација на комуникациите, дигиталната отченост и транспарентност на Владата предводена од СДСМ“, велат од СДСМ.
„Илија имаше клучна улога во демократизацијата на дигиталните комуникации на Владата на Република Северна Македонија почнувајќи од 2017 година. Тој беше еден од пионерите во развивањето на концептот за дигитална отчетност и транспарентност придонесувајќи кон тоа македонската Влада да стане прва во регионот по проактивна транспарентност и отчетност. Со своето огромно домашно, регионално и меѓународно искуство Илија беше посветен на борбата против хибридните и сајбер-напади, кои го загрозуваат темелот на демократијата“, напиша министерот Оливер Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес свечено примопредавање на претседателската функција
Во Кабинетот на претседателот денес ќе се одржи официјална церемонија на примопредавање на функцијата Претседател со највисоки државни и воени почести.
По свечената церемонија новоизбраната претседателка Гордана Силјановска Давкова и досегашниот претседател Стево Пендаровски чијшто мандат истекува денес, предвидено е да остварат тет-а-тет средба.
Државната изборна комисија вчера и’ го издаде уверението за избран претседател на Гордана Силјановска-Давкова. Во текот на денешниот ден таа пред пратениците во Собранието ќе даде свечена изјава.
Скопје
Посебен режим на сообраќај во Скопје
СВР Скопје ги известува граѓаните на Скопје дека од 08.30 часот до 10.30 часот, поради одржување на улична трка, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај и тоа по сообраќајниците по кои ќе се движат натпреварувачите, кои имаат стартна позиција на бул.„Илинден“–локација Фонтана, ќе се движат по бул.„Илинден“ до крстосница со ул.„Никола Парапунов“, потоа до крстосница со бул.„Партизански одреди“, десно (кон населба Ѓорче Петров) до мостот Влајко, каде што вртат полукружно и назад по истиот коловоз до крстосницата со ул.„Љубљанска“, каде вртат полукружно и по истиот коловоз се враќаат назад на ул.„Никола Парапунов“ и по бул.„Илинден“ до целта на локација Фонтана на бул.„Илинден“.
СВР Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот.
Македонија
Сончево време, попладне со зголемена облачност и температура до 26 степени
Времето претпладне ќе биде сончево со умерена облачност. Попладне наместа ќе има зголемена облачност со краткотраен пороен дожд и услови за ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.
Во Скопје сончево со умерена, а попладне зголемена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 24 степени, јавува УХМР.
Во следните денови времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во попладневните часови ќе има локална појава на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи, особено во вторник, кога дневните температури ќе опаднат за неколку степени.