Македонија
IN MEMORIAM – Катерина Крстева (1938 – 2023)
Со огромно жалење ја споделуваме веста за смртта на актерката Катерина Крстева (1938 – 2023), дамата на македонското актерство – популарна меѓу народот како Мара Попара по улогата во филмот „Во кафулето кај Гене“.
Катерина Крстева е дел од создавањето на историјата на театарската уметност во Македонија. Нејзиниот препознатлив и ведар дух и лик, како и веселост на театарската сцена и на ТВ-екраните, ја направија миленичка на широката театарска, филмска и телевизиска публика. Како актерка е вработена првин во Драмскиот театар за во 1964 година да премине во НУ Македонски народен театар, Скопје, каде што останува сè до пензионирањето.
Првата улога во МНТ ѝ е онаа во драмата „Дон Цезар од Базан“, премиерно прикажана во 1965 година. Други нејзини позначајни улоги во МНТ се оние во претставите: „Антица“ (1965), „Градскиот саат“ (1966), „Ревизор“ (1966), „Стапица за осум беспомошни жени“ (1966), „Време од вашиот живот“ (1967), „Сенка“ (1967), „Вител“ (1968), „Мајка“ (1968), „Без вина виновни“ (1968), „Бања“ (1968), „Печалбари“ (1969), „Играта на наредникот Мазгрејв“ (1969), „Парите се отепувачка“ (1970), „Живиот труп“ (1971), „Херкул и оборите на Авгиј“ (1971), „Коштана“ (1971), „Зајдисонце“ (1971), „Фома“ (1972), „Животот на Галилеј“ (1972), „Децата на сонцето“ (1973), „Скуп“ (1973), „Хелдерлин“ (1973), „Ѕидот, водата“ (1973), „Хемиските потписи на човечките организми во воздухот“ (1975), „Хеда Габлер“ (1976), „Отепвачка“ (1976), „Бесови“ (1978), „Кенгурски скок“ (1979), „Милион маченици“ (1980), „Остен“ (1981), „Молскавици“ (1981), „Граѓанинот благородник“ (1982), „Воена тајна“ (1984), „Бог“ (1984), „Слободни врски“ (1984), „Иванов“ (1984), „Аудиенција и под нов покрив“ (1988), „Рекламна бајка“ (1989) и последната „Крик“ (1991).
На телевизискиот екран и филмското платно има остварено главни и споредни улоги во сериите и филмовите: „Хихирику“, „Театарче лево коше“, „Трст виа Скопје“, „Македонски народни приказни“, „Поштар“, „Простодушна љубов“, „Погрешно време“, „Битолски лакрдии“, „Волшебното самарче“, „Шеќерна приказна“, „Учителот“, „Милион маченици“, „Едно лето“, „Случки од животот“, „Тврдокорни“, „Пред дождот“, „Во светот на бајките“, „Агенција осамени срца“, „Време за плачење“, „Мост“ и други. Меѓу последните улоги и се оние во „Преспав“ и „Дедо и внук“.
Погребот е денес во 13 часот на градските гробишта во Бутел. Информацијата во врска со комеморацијата за актерката Катерина Крстева ќе биде дополнително објавена.
Вечна ѝ слава!
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

