Македонија
Пошумување на Ајватовски Рид во рамките на проектот „Зелена општина Илинден“
Општина Илинден ја спроведе големата акција за пошумување во рамки на проектот „Зелена Општина Илинден“. Акцијата за пошумување се реализира во изминатиот период на повеќе локации, а денес масовно се пошумуваше на Ајватовски рид, делот кој беше опфатен со големите пожари и беше уништена шума во површина од 30 ха.
„Во оваа денешна акција за збогатување и обновување на шумскиот фонд, засадени се 1100 садници од видот багрем и чемпрес, а учествуваа голем број граѓани, ученици, јавните претпријатија, општинската администрација. Целта е да се обнови шумата и заеднички да ја подигнеме еколошката свест за здрава и чиста животна средина чии придобивки ќе ги чувствуваме сите ние но и генерации по нас“, истакнуваат од општината.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски присуствуваше на акцијата и истакна дека обврска на секој од нас е активно да се грижи во подобрување на еколошката свест, со цел да допринесеме да имаме чист воздух и здрава животна средина, такашто во таа насока ваквите еколошки акции ќе продолжат и во иднина да се реализираат.
Заштитата и унапредувањето на животната средина претставува еден од приоритетите во работењето на локалната самоуправа, нагласуваат во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) На подрачјата на Маврово и Попова Шапка се воведува кружен тек за да се избегне блокирање на патот, СВР Тетово со апел да се почитуваат сообраќајните правила
Секторот за внатрешни работи Тетово постапува согласно годишен план за постапување во зимски услови во зимските рекреативни центри Маврово и Попова Шапка, но и во целото подрачје што го покрива.
Како и минатата година, така и оваа година на подрачјата на Маврово и Попова Шапка се воведува кружен тек на движење на возилата за да се избегне секој вид на блокирање на патот. Но, поради одредени неодговорни возачи кои не го почитуваат тоа правило дооаѓа до целосно блокирање на сообраќајот. Исто така, проблем претставува и паркирањето на возила покрај патот со што се оневозможува на надлежните институции за целосно чистење на патот и на тој начин уште повеќе се отежнува движењето во сообраќајот, односно на некои делници од патот кон Маврово нема можност за двонасочен сообраќај, велат од СВР Тетово.
Пред почетокот на сезоната, Отсекот за превенција при СВР Тетово во неколку наврати одржа состаноци со менаџери и сопственици на хотели и угостителски објекти во овие два туристички локалитети, при што беше укажано да преземаат соодветни мерки во нивниот делокруг на работа за безбедноста на посетителите, а и во однос на обезбедување на доволен број паркинг места за нивните клиенти.
„За да не се повторат ситуации од претходните години во Маврово и Попова Шапка, кога СВР Тетово дополнително ангажираше полициски службеници од другите полициски одделенија за физичко регулирање со наизменично пуштање на возилата и расчистување на сообраќајот, СВР Тетово апелира до граѓаните, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не ги паркираат нивните возила на коловоз, да ги почитуваат наредбите од полициските службеници и да не тргнуваат кон овие локации без соодветна зимска опрема“, соопштуваат од СВР Тетово.
СВР Тетово ги известува граѓаните дека ќе бидат ангажирани и пајак службите на Тетово и Гостивар секогаш кога некое возило ќе го попречува сообраќајот, односно ќе биде подигнато и законски санкционирано.
Македонија
(Видео) Ѓорѓиевски: Целосна реконструкција на култната фонтана „Лотос“ во Градскиот парк
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, објави видео во кое вели дека култната фонтана „Лотос“ повторно го добива својот сјај.
„Започната е целосна реконструкција на фонтаната која се наоѓа на влезот од Градскиот парк – место што со децении претставува препознатлив белег и симбол на Скопје, но кое за жал со години беше запуштено.
Со проектот е предвидена целосна обнова на фонтаната, како и уредување на плоштадот околу неа. Се поставува нова урбана опрема и современо осветлување, со што просторот ќе добие нов, модерен и достоинствен изглед, соодветен на значењето што го има за градот и граѓаните.
Ова култно катче, еден од најпрепознатливите симболи на Скопје, повторно ќе стане место за средби, прошетки и споделени моменти. Простор каде што генерации скопјани ќе се собираат, ќе создаваат спомени и ќе уживаат во уреден и квалитетен јавен простор, онака како што Скопје заслужува.
Градот го обновуваме чекор по чекор, со јасна визија и конкретни дела. Скопје го правиме заедно. По скопски!“, изјави Ѓорѓиевски.
Македонија
Општина Центар и Амбасадата на Чешка му оддадоа почит на Роберт Гајдик
Денес се одбележуваат 84 години од прерано згаснатиот живот на Роберт Гајдик Славко, истакнат борец и партизан во Народноослободителната борба.

Со полагање свежо цвеќе, Н.Е. Амбасадорот на Република Чешка, Јарослав Лудва и военото аташе на Република Чешка, претставници од Општина Центар, Сојузот на борци и Здружението на пензионери на Општина Центар, жители од Урбаната заедница „Роберт Гајдик“ и негови почитувачи му оддадоа почит.

Исто така, во чест на празникот Василица, во Урбаната заедница „Роберт Гајдик“ се вртеше паричка, а среќниот добитник беше Владе Левковски, претседател на пензионерскиот огранок „Невена Георгиева Дуња”.

Преку овој симболичен настан, секоја година му се оддава почит на интернационалниот борец, симбол на истрајност и борба за слобода против окупаторот.

Општина Центар со години го чествува и негува споменот на Роберт Гајдик и неговото дело.


