Македонија
По викендот, Боки 13 се враќа во затворот, а во вторник на судење за „Рекет“
Бојан Јовановски, Боки 13, во вторник ќе може да присуствува на судењето за предметот „Рекет“. Градската општа болница соопшти дека Јовановски здравствено е добро и дека ќе биде пуштен од болницата во понеделник.
„Лицето Бојан Јовановски беше хоспитализиран во нашата установа од 26.11.2019 до денес, петок, 29.11.2019 со упат издаден од докторот во ординацијата во КПВ ‘Шуто Оризари’. Сместен е во апартман во одделението за интензивна нега заради почитување на безбедносните протоколи, а не поради тежината на неговата здравствена состојба. Лицето Бојан Јовановски во моментот е во добра општа состојба и здравствена кондиција, а во установата останува сé додека не се комплетираат резултатите од спроведените испитувања. Планирано е да биде пуштен од болничката установа ГОБ ‘8 Септември’ најдоцна в понеделник, 2.12.2019 година“, соопштија од болницата.
Првото судење за Јовановски е закажано за вторник, 3 декември. Според обвинението, од ноември 2018 година до април 2019 година обвинетиот Бојан Јовановски, познат како Боки 13, го искористил пријателството со шефицата на СЈО, Катица Јанева, и ѝ влијаел да го извади од притвор осомничениот бизнисмен Орце Камчев во предметот „Империја“.
Јанева му ја олеснила положбата во истрагата на Камчев, па предложила да му се укине притворот и да му се определи поблага мерка, куќен притвор, при постоење неизменети околности.
Во натамошниот тек на постапката Јанева планирала да му даде својство на заштитен сведок и да ја запре истражната постапка или да склучи со него предлог-спогодба за вина за полесни кривични дела и Камчев да плати незначителен износ на штета и да му се врати пасошот.
Обвинетиот Зоран Милевски постојано договарал средби меѓу Бојан Јовановски и брачната двојка Орце и Ана Камчеви, а за возврат за посредувањето примиле награда од 1,5 милион евра во разни апоени, и тоа од Ана Камчева половина милион евра, а од Орце Камчев 1 милион евра.
Јанева ова го прифатила и за себе прибавила значителна имотна корист, и тоа предмети, мебел во износ од приближно пет илјади евра, кој за неа го набавил Боки 13, и готовина од 50.000 евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
По„Безбеден град“ следна фаза „Безбедна земја“, најави Мицкоски
„Граѓаните без исклучок сакаат да имаат помалку сообраќајни незгоди, и да има помалку жртви и последици од тие сообраќајни незгоди. Лага е дека „Безбеден град“ има етничка заднина, засега е имплементиран во Скопје, Куманово, Тетово и по коридорите 8 и 10. Анализите покажуваат дека три четвртини од прекршоците се направени во Скопје, но истовремено покажуваат и дека оние 110-150 илјади прекршоци, во овој тест период се намалени на 7-8 илјади“, посочи премиерот Христијан Мицкоски во Собрание, прашан за тужбата поднесена од Зијадин Села до Уставниот суд за проектот „Безбеден град“.
„Некои работи едноставно и искусни политичари како Зијадин Села дали намерно, свесно или несвесно се обидуваат да ги направат такви да не соодветствуваат со реалноста. Мислат дека ако излезат во јавноста со пораки, дали биле против една етничка група, во насока на друга етничка група, ќе добијат политички поени, а на тие поени и некаков политички легитимитет. Но, фактите го зборуваат спротивното, колку повеќе има вакви настапи, толку повеќе назадуваме во политиката и помалку поддршка се добива од граѓаните“, истакна Мицкоски.
Нагласувајќи дека ваков систем постои во речиси секоја европска метропола, Мицкоски откри дека следна фаза, по „Безбеден град“, ќе биде проектот „Безбедна земја“
„Следува следната фаза, „Безбедна земја“, со којшто границите ќе ги обезбедиме, ќе имаме систем за рано детектирање на пожари, да ги најдеме виновниците коишто прават таков тип на хибридни напади врз државата и врз граѓаните, веднаш да ги детектираме и извадиме пред лицето на правдата. Систем со којшто криминалците нема да ни бегаат преку граница откако ќе сторат криминал, туку ќе бидат веднаш препознаени, фатени, санкционирани и однесени таму каде што треба да бидат.
Тоа е суштината на одговорна Влада. И тоа се храбри потези во политиката. Не се храбри потези уставни измени или на сила менување имиња. Ова е храбар потег, којшто ќе донесе квалитет во животот на граѓаните и ќе спаси човечки животи, тоа е храбар потег по цена и на политичка штета. Тоа се храбри и истовремено државнички потези“, потенцираше Мицкоски.
Македонија
(Видео) Филипче најави тужба за Жан Митрев: Нема да дозволам лаги и бандитски напади врз мојата чест и углед
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче одговарајќи на новинарско прашање, денеска изјави дека случајот со Жан Митрев се темели на една голема лага и најави дека приватно ќе го тужи поради нарушување на честа и угледот.
„Ова сѐ се темели на една голема лага. Зошто? Ако Жан Митрев бил жртва на таков рекет како што кажува, што правел досега? Второ, зошто тој не поднесува тужба, туку обвинителство по допрен глас? Но, како и да е, нека ја завршат анализата итн., согласно одлуката, а после тоа откако ќе се утврди дека тоа не постои, јас немам никаква вина, ќе го тужам приватно за нарушување на честа и угледот“, рече Филипче.
Тој потенцираше дека за неговата чест и углед работел напорно и чесно, и нема да дозволи “бандитски работи да му ги нарушуваат честа и угледот“, што за него се најважни во животот.
Македонија
Брисел ги прифати барањата, возачите се признаени како професионалци, го решаваме проблемот со превозниците, објави Николоски
Вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски соопшти дека од Брисел пристигнале, како што вели, „одлични вести“ во врска со проблемите на македонските превозници.
„Само што добив одлични вести од Брисел во врска со огромниот проблем на превозниците од Македонија! Нашите ставови се прифатени. Возачите се прифатени како професионалци. Тоа е тоа што го баравме“, објави Николоски.
После протестите и силната офанзива изминатиот период, Брисе, додава тој, ќе донесе нова Стратегија за визи која ќе значи решавање на проблемот со кој се соочија професионалните возачи.
Благодарам до сите пријатели на Македонија кои помогнаа со цел да се реши овој проблем!

