Македонија
По сомневањата за упад: министерот Сали нема информации дека трет ден системот на Фондот за здравство не работи
Министерот за здравство, Беким Сали, не даде никакво објаснување за системот на Фондот за здравствено осигурување, кој веќе трет ден не работи, некои од услугите не им се достапни на корисниците, а лекарите почнаа јавно да се сомневаат дека се работи за упад. На прашањето што се случува со системот на Фондот, денес министерот Сали немаше одговор.
„Немам информации. Јас би предложил да се обратите до авторитетите, директорите на Фондот“, кусо одговори министерот Сали.
Вчера попладне, од Фондот за „Макфакс“ објаснија дека паднал дел од системот, кој ги има личните податоци за сите здравствено осигурени лица во земјата, но уверуваат дека пациентите не се засегнати од проблемот.
„Прегледите кај матичните лекари се одвиваат нормално, исто е и со издавањето рецепти и со подигнување лекови во аптеките. Во моментот има технички проблем и нефункционалност на дел од серверите на Фондот за здравство и тимови работат на дијагностицирање и отстранување на проблемот. Ќе информираме кога ќе утврдиме повеќе факти“, изјавија од Фондот за „Макфакс“.
За паднатиот систем на Фондот вчера реагира матичната лекарка Лилија Чолакова-Дервишова, а денес и Ненад Лазаров јавно праша има ли некој информации дали е хакирана и украдена здравствената дата-база.
Испадите на системот на Фондот зачестија последниве две години. Минатата година беше прекината врската меѓу Фондот и системот „Мој термин“, па пациентите не можеа да си купат лек на рецепт во аптеките, а во 2021 година, поради технички проблеми на системот, две недели доцнеше исплатата на матичните лекари среде најголем притисок од пациенти од коронавирус.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните: Во Собранието се одржа јавна расправа
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните
Во Собранието се одржа јавна расправа по конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на успешност на тема: ,,Можност за употреба на вештачка интелигенција во јавниот сектор”.
Настанот го отвори координаторката на Клубот на младински прашања и политики, Драгана Бојковска, која истакна дека мора да се биде во тек со современите држави кои ги користат ВИ алатките, и во тој контекст информира дека во работата на Собранието е вклучена вештачката интелигенција.
Советникот во ДЗР, Сашо Јаковчевски, кој го презентираше Извештајот, рече дека е потребна сеопфатна дигитална инфраструктура бидејќи имаме растечка база на знаење која може да се вклучи во спроведувањето на вештачката интелигенција во јавниот сектор.
Според државниот ревизор Максим Ацевски, институцијата е лидер по примената на дигитализацијата бидејќи посетеноста на веб-страницата за кусо време пораснала за 6,34 проценти.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочи дека Министерството веќе има проекти со кој се очекува да се спроведе вештачката интелигенција во јавниот сектор, која треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните.
Учесниците во јавната расправа посочија дека без правна регулатива може да направи повеќе штета отколку корист. Затоа е потребна национална стратегија, заштита на личните податоци, институционален капацитет и правна заштита.
Македонија
Утре со врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни, на повисоките места дожд и снег
Времето утре, ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни. На планините врнежите ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег.
Во источните делови ќе има услови за ретки грмежи. Ќе дува засилен повремено силен северен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 13 степени.
Во Скопје, ќе биде облачно со врнежи од дожд. Ќе дува засилен повремено силен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во среда и четврток времето ќе биде стабилно, а во четврток ноќта и во петок ќе има нови пообилни врнежи. Утре ќе дува засилен повремено силен јужен ветер кој во попладневните часови ќе го смени правецот во северен и ќе продолжи да дува и во среда.
Македонија
Полицајци спасија жител на Македонска Каменица кој останал заглавен на тераса во пожар во неговата куќа
Полициски службеници спасија жител на Македонска Каменица, кој беше заглавен на тераса откако настана пожар во неговата куќа, соопшти МВР.
Вчера попладне во 13:23 часот во СВР Штип е пријавено дека на ул.„14 Јуни“ во Македонска Каменица настанал пожар во куќа, сопственост на Љ.Ѓ.(80).
Полициски службеници од СВР Штип – Полициско одделение Македонска Каменица излегле на местото и го затекнале сопственикот заглавен на тераса на вториот кат, по што се преземени мерки и со помош на скали безбедно го спуштиле.
Нему му е укажана помош во Клиничка болница Штип поради вдишување чад, по што е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за понатамошно лекување.
Пожарот е изгаснат од Територијалната протипожарната едница Македонска Каменица. Увид е извршен.

