Македонија
Се исфрла мајонезот од исхраната во градинките, по труењето на децата во кумановската градинка
Министерството за труд и социјална политика соопшти дека ќе направи целосна ревизија на нормативите и стандардите за исхрана и оброци на децата во детските градинки, во насока на нивно унапредување и усогласување со потребите за правилен раст и развој на децата.
Со новите упатства за подготовка на оброците во градинките мајонезот целосно ќе биде исфрлен, посочуваат од министерството. Ова следи по труењето на 30 деца во градинката „Ангел Шајче“ во Куманово. Причината за труењето е бактеријата салмонела во мајонез, кој се користел како додаток при подготовката на свежа паштета од туна и од пилешко месо.
Како што наведуваат од министерството, под целосна ревизија ќе бидат и рецептите за подготовка на оброци за децата коишто ги користат установите за воспитание на децата, со цел да се унапредат и да се усогласат со најновите истражувања за здрава исхрана, но и за потребите на децата во делот на нутритивната вредност.
„ Упатствата за подготовка на оброците во детските градинки се изработени од Републичкиот Завод за домаќинство и за жал подолг период не се променети. Од тие причини, во соработка со експерти од областа, работиме на подготовка на нови упатства кои ќе значат отстранување на сите производи кои не ги задоволуваат стандардите за здрава исхрана. Внимателно го следиме случајот со труење на децата во трите објекти од градинката „Ангел Шајче“ во Куманово и сме во постојана комуникација со надлежните институции“ велат од министерството.
Оттаму додаваат дека внимателно го следате случајот со труење на децата во трите објекти од градинката „Ангел Шајче“ во Куманово и дека се во постојана комуникација со надлежните институции.
„ Првичните сознанија, утврдени од Центарот за јавно здравје, укажуваат дека причина за труењето е од мајонез од фабричко производство кој бил во оригинално пакување. Во однос на прашањето што се поставува во јавноста дали мајонез се користи во исхраната на децата, сакаме да информираме дека мајонезот воопшто не се користел како примарна храна туку во многу мали количини под 10%, како додаток во оброци од паштета со туна и од пилешко месо“ се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

