Македонија
По убиството на судија во Албанија, македонските судии загрижени за сигурноста и почитувањето на нивните права
Судиите на Основниот кривичен суд Скопје изразуваат сочувство и солидарност до семејството, роднините и блиските пријатели на судијата Астрит Каљаја од Тирана, Р. Албанија, кој во текот на вчерашниот ден беше убиен во судница, при извршување на неговата функција како судија.
„Во овие тешки моменти, ги уверуваме судиите од Албанија, и семејството на покојниот судија, дека тие се во нашите мисли, па затоа изразуваме силна поддршка кон сите колегите судии, судската служба и целиот судски систем во Република Албанија, кои се соочуваат со болката од загубата, но и со загриженоста за безбедноста и достоинството на третата власт.
Овој суров чин не е само напад врз една личност, туку тоа е напад врз основните принципи на правдата, независноста на судството и владеењето на правото. Воедно, убиството на нашиот колега само ја потврди загриженоста на судиите во целиот регион, за нивната сигурност и достоинствено почитување на нивните права што во последните години е доведено во прашање во повеќе Балкански земји, вклучувајќи ја и Р.С. Македонија“.
Ги повикуваат сите компетентни институции во Албанија и меѓународната заедница да ги превземат сите неопходни мерки со кои, како што велат ќе ја унапредат безбедноста на судиите и судската служба при извршување на нивната службена должност, што не е ништо друго освен гарантирање на правната сигурност и заштита на Уставно загранатираните права и обврски на граѓаните на Албанија.
„Ние, Судиите на Основниот кривичен суд – Скопје, веруваме дека правдата мора да победи, дека безбедноста на судиите е крајно неопходна, и дека ние сите — како судска професија и како општество мораме да стоиме цврсто во одбрана на правдата, достоинството и институционалниот интегритет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Запирање на имигрантските визи од САД – стратешки шамар за домашните вазали“, велат од Левица
„Политиката на едностраното „Стратешкото партнерство“, интерпретирано преку вазалски однос кон САД, резултираше со нов шамар за слугите на империјата, реализиран преку запирање на постапката за имигрантски визи кон Македонија“, велат од Левица.
„Илузијата создавана пред граѓаните, за уживање на некаква поддршка кај т.н „стратешки партнер“, наиде на уште еден удар со суровата реалност. Најголем успех во надворешната политика на политичарите на власт, а и Владата во целост остана фотографиите од трибини или со политичари од шести ешалон на САД, кои немаат никакво влијание на односите помеѓу двете земји.
Потсетуваме дека на оваа одлука на американската администрација и претходеше воведувањето трговски маржи и царини за Македонија, по што во немоќ и коленичење, Владата на Мицкоски донесе одлука за целосно укинување на царините кон САД.
Отстапувањето од децениските позиции на државата, проследени со гласањето против укинувањето на санкциите кон Куба, поддршката на американските резолуции за Украина и поддршка на империјалистичките апетити и интервенции, како последната во Венецуела, само го руши угледот и ги загрозува позициите на Македонија во надворешната политика, без притоа да има апсолутно никаков импакт.
Мицкоски и Муцунски не можат да научат дека вазалскиот однос кон САД не е и не може да биде „стратешко партнерство“.
Ова уште еднаш докажа дека кусогледоста на власта и дипломатскиот аматеризам ја воведоа Македонија во стратешки ќор сокак. Алтернативи за развој на државата надвор од уздите на западниот неоимперијализам постојат. Но, за тоа е потребна промена на надворешно-политичкиот курс и отворање кон перспективите што ги нуди остатокот од светот, политика за која актуелната власт очигледно нема капацитети“, соопштуваат од Левица.
Македонија
СДСМ: Изолациската дипломатија на Мицкоски ја носи Македонија во „периметар Сомалија“
СДСМ обвини дека Македонија, поради политиките на актуелната власт, завршила на листа со 75 земји оценети како „трет свет“, меѓу кои и Сомалија, оценувајќи дека тоа е резултат на изолациската дипломатија на премиерот Христијан Мицкоски.
„Периметар Сомалија, тоа е дипломатијата на Христијан Мицкоски“, се наведува во соопштението на партијата.
Од СДСМ посочуваат дека минатата година САД ги зголемиле царините кон Македонија, а сега следува и суспензија на визите. Според партијата, со месеци предупредувале дека, „тендер коалицијата ВМРО–ЗНАМ го загрозува стратешкото партнерство со САД и ја носи државата во изолација, далеку од Европската Унија“.
САД претходно ги суспендираа имигрантските визи за 75 земји, меѓу кои и Македонија.
Македонија
Денеска температурата до 13 степени, викендов променливо облачно и постудено
Сончево со мала до умерена облачност. По одделни котлини во утринските часови ќе има услови за појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 1, а максималната ќе достигне од 6 до 13 степени.
Во Скопје, сончево и тивко со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во деновите од викендот ќе преовладува променливо облачно и постудено време со локални слаби врнежи од дожд и снег во пониските и снег на повисоките места и на планините. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање. Потоа до средината на следната седмица времето ќе биде стабилно и суво

