Македонија
Правниот застапник на СДСМ, Стевица Јосифовски, предложен за член на АЕК
Комисијата за прашањата на изборите и именувањата во Собранието го предлага адвокатот Стевица Јосифовски да биде еден од двајцата нови членови на Агенцијата за електронски комуникации. Покрај него, меѓу 12 кандидати кои се пријавиле на јавниот оглас, втор предложен член на АЕК е дипломираниот електроинженер Ервин Реџепагиќ.
Јосифовски бил на позицијата директор на секторот за правни прашања на „Македонски телеком“, претседател на Здружението на правници на Македонија, стручен соработник во Основното јавно обвинителство во Гостивар. Од 2014 година кариерата ја продолжил како адвокат во адвокатската канцеларија „Милановиќ-Јосифовски“. Јосифовски бил и поранешен член на Комисијата за заштита на конкуренцијата.
Новопредложениот член на АЕК е од правниот комитет на СДСМ и беше овластено лице на Коалицијата предводена од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија при поднесувањето на приговорите до Државната изборна комисија.
Јосифовски за „Макфакс“ изјави дека мотивот поради кој се пријавил на огласот бил фактот што еден дел од неговата досегашна кариера е тесно поврзан со електронските комуникации: „Ме мотивиршае тоа што како професионалец и човек со животно и професионално искуство во оваа сфера можам да придонесам за развојот на електронските комуникации, пред сè од аспект на интересот на корисниците, подобрување на услугите, цените…“, рече Јосифовски.
Предлогот за овие двајца кандидати ќе се најде пред пратениците на седницата в понеделник 28 јануари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Лукаревска: Владата предлага ново задолжување од 20 милиони евра без информации за каматата
Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, денеска изјави дека Владата во Собранието поднела Предлог-закон за ново задолжување од 20 милиони евра, наменето за изградба на фискултурни сали, без да достави информации за висината на каматната стапка.
Лукаревска оцени дека државата се наоѓа во финансиски тешка состојба и дека задолжувањето, според неа, оди во опасна насока. Таа посочи дека нема средства за зголемување на платите, за минимална плата од 600 евра и за нови мерки за поддршка на животниот стандард на граѓаните, додека, како што рече, секојдневно се реализираат милионски тендери кои ги добиваат исти фирми блиски до власта.
Според Лукаревска, во државниот буџет недостигаат околу една милијарда евра, а владата таа дупка ја пополнува со нови задолжувања кои, како што наведе, ќе ги отплаќаат идните генерации.
Таа потсети дека Владата веќе се задолжила со една милијарда евра од Унгарија, 660 милиони евра на домашниот пазар, како и 100 милиони евра преку државни обврзници во декември 2025 година, а најавено е и ново задолжување од шест милијарди евра.
Лукаревска се повика и на проекциите на Светската банка, според кои јавниот долг годинава ќе достигне 62,9 отсто од БДП, што, според неа, ја прави државата најзадолжена во Западен Балкан.
Пратеничката на СДСМ порача дека нивните пратеници ќе се спротивстават на ова и на секое идно задолжување, повикувајќи ја Владата да го повлече предлогот, да ги намали трошоците и задолжувањето и да обезбеди средства за граѓаните.
Македонија
Уапсено лицето што го оштети стаклото на влезната врата на бугарската амбасада во Скопје
Полициски службеници од МВР денеска (12 јануари 2026 година) во 12:40 часот на улицата Кирил и Методиј во Скопје го приведоа Ш.А. (54) од овој град, поради сомнение дека вчера го оштетил стаклото на влезната врата на амбасадата на Република Бугарија во Скопје.
Веднаш по добиената пријава за инцидентот биле преземени мерки и активности за пронаоѓање на сторителот и расчистување на случајот, по што Ш.А. бил лишен од слобода. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Инцидентот се случи вчера, 11 јануари 2026 година, кога беше пријавено оштетување на стаклото на влезната врата на Амбасадата на Република Бугарија. Според претходните информации од МВР, оштетувањето било забележано преку системот за видео надзор, а сторителот со удар со рака го оштетил стаклото и се оддалечил од местото.
Инцидентот беше остро осуден од бугарското Министерство за надворешни работи, кое го оцени како напад врз дипломатската мисија. Реакција имаше и од министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, кој го осуди настанот, оцени дека станува збор за изолиран случај и нагласи дека институциите реагирале брзо и ефикасно.
Македонија
Алиу-Андоновска: Обезбедени 7.500 вакцини против Хепатитис Б, наменети за здравствени работници
Министерот за здравство Азир Алиу и директорката на Институт за јавно здравје, Марија Андоновска, денеска одржаа заедничка прес конференција по повод потпишување договор за донација од страна на Министерството за здравство на Институтот за јавно здравје на 7.500 вакцини против Хепатитис Б, во вкупна вредност од 123.450 американски долари, кои се наменети за здравствените работници.
-Станува збор за конкретна превентивна мерка за намалување на изложеноста на ризици по здравјето на вработените во здравствениот систем, притоа истовремено засилувајќи ја и сигурноста кај пациентите. Со овие количини ќе бидат опфатени 2.500 здравствени работници, со три дози вакцина по лице. Вакцинацијата ќе се спроведува во Институтот за јавно здравје и во Центрите за јавно здравје. Нашата одговорност како институционални носители на здравствените политики е да создадеме услови здравствените работници да не бидат оставени сами во ризиците кои ги носи извршувањето на нивните обврски, како што е контактот со крв и телесни течности, повреди со остри инструменти и слично. Вакцините се обезбедени од „Project HOPE“ – меѓународна невладина организација за глобална здравствена и хуманитарна помош, на кои им се заблагодарувам, истакна министерот Алиу во обраќањето.
Тој посочи дека во рамки на заложбите за овозможување едноставен и достапен процес на вакцинација, Министерството за здравство подготви електронски модул за изразување интерес за вакцинација, кој е достапен на веб-страниците на Министерството за здравство и на Институтот за јавно здравје.
-Денес обезбедуваме и дополнителна поддршка за Институтот за јавно здравје за засилување на биосигурноста. Станува збор за авионски и бродски транспортни кутии за инфективни материјали, со што овозможуваме побезбедно постапување и транспорт на инфективни материјали согласно протоколите, додаде министерот.

