Македонија
(Видео) Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ: И Грција да го смени Уставот и да гарантира дека нема територијални претензии кон Македонија
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ на продолжението на седницата, на која се расправа по амандманите за промена на Уставот во согласност со преспанскиот договор, побараа Владата да се заложи за реципроцитет во односите, односно и Грција да вметне уставни решенија.
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Илиоски, коментирајќи го 35-тиот амандман, со кој Македонија се обврзува дека нема територијални претензиии кон соседите, рече дека и парламентите од регионот треба да изгласаат вакви амандмани и така би се граделе искрени пријателски односи.
Илиоски додаде дека власта со овој договор сака да ги прикрие матните зделки, како што рече, делењето тендери во четири очи.
„Промена на Уставот, име и други амандмани, зошто се прави ова? Затоа што нема реформи, власта не прави ништо, освен што си дели тендери во четири очи, како и делење пари од Фондот за иновации на блиски фирми до власта. Да се одвлече вниманието на народот. Но, ова не е мала работа, ова е историски момент. И за да биде поинтересно, власта топката ни ја префрли нам, на 120-те пратеници треба да падне одговорноста. Ние треба да го притиснеме копчето и да одлучиме за државата и народот. И зошто само ние да го правиме тоа, нека го направат тоа и нашите соседи и тогаш може да кажеме дека сме пријателски народи“, рече Илиоски.
На говорот на пратеникот Илиоски реплицира заменик-министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, кој рече дека со овој и другите договори Македонија станала пример за мирно затворање на прашањата со соседите.
„Првин да кажам дека министерот не дели тенедери како што рековте, туку е на службен пат во Брисел. Ќе остане таму три дена на работни средби. И нормално е да биде таму затоа што ЕУ е нашата опција, ние сме свесни за тоа. Во вашето владеење вратите беа затворени за разлика од сега кога Македонија има голем број европски пријатели. Со решавањето на прашањата со соседите Македонија е позитивен пример во регионот за мирно затворање на билатералните прашања“, рече Жерновски.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Благоја Деспотоски, претходно коментира по амандманот, при што рече дека немало потреба од писмени гаранции затоа што Македонија и досега ги почитувала границите на соседите.
Инаку, денеска, според редоследот, ќе се разгледуваат два амандмана кога претходно за време на викендот, Собранието ги усвои првите два нацрт-амандмана.
Со 67 гласа „за“, четири „воздржани“ и 23 „против“, Собранието вчера првин го утврди нацртот на амандманот 33 на Уставот на Република Македонија, со кој во Уставот се предвидува зборовите „Република Македонија“ да се заменат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во членот 36, кој има историски апсект и се однесува на посебните социјални права на борците од антифашистичката војна и од сите националноослободителни војни на Македонија.
Неколку часа подоцна, со 65 гласа „за“, 18 „против“ и 8 „воздржани“, Собранието го усвои и вториот нацрт-амандман на Уставот, со кој се предвидува зборовите „одлуките на АСНОМ“ да се заменат со „прогласот од Првото заседание на АСНОМ“, а тука се додава и Охридскиот рамковен договор.
Габриела Димковиќ Мишевска
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Советот на Општина Центар не ја изгласа одлуката за техничка исправка на ДУП за дел од локалитетот Буњаковец 1
Советот на Општина Центар на денешната седница не ја изгласа одлуката за техничка исправка на Деталниот урбанистички план за дел од локалитет Буњаковец 1, конкретно за ГП 13.1 и ГП 13.11, со локација кај поранешната печатница „Нова Македонија“.
Сите 23 советници гласаа против донесувањето на предлог-одлуката.
,,Ние, како администрација, имаме обврска точката да ја ставиме на дневен ред и воедно да ги посочиме сите импликации. Советниците се тие што гласаат и ја носат одговорноста. Нема потреба од прозивки, медиумски пи-ар и театар. Овде станува збор за буџетот на граѓаните, а не за партиски интереси. Советот мора да носи одлуки во интерес на граѓаните, а не за дневнополитички калкулации“, рече градоначалникот на Општина Центар. Горан Герасимовски
Претходно, Комисијата за урбанизам на Општина Центар даде позитивно мислење за предлог-одлуката.
Од оптината појаснуваат дека согласно законот за техничка грешка, исправката во донесен урбанистички план не подразбира никакви измени во планирањето или параметрите на планот туку станува збор исклучиво за корекција на грешка во техничкиот дел на исцртување на планот. Во конкретниот случај, како што додаваат, градежната парцела во мал дел не била целосно затворена, односно оформена.
Македонија
Мицевски се сретна со францускиот амбасадор: Фокус на борбата против корупцијата и реформите
Денес во Собранието, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, оствари средба со амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер и првиот советник Филип Маршето.
Во фокусот на средбата беа заложбите на владејачкото мнозинство за бескомпромисна борба против корупцијата и остварување на видлив економски развој за граѓаните и земјата. Дополнително, координаторот Мицевски ја истакна подготвеноста на Собранието и понатаму да биде силен двигател на реформските процеси кои не’ приближуваат до европските стандарди.
Во разговорот се нагласи дека заедно со нашите европските пријатели чекориме кон градење на просперитетна и сигурна европска иднина за сите.
Македонија
„Авиончето на браќата Рајт“ отвори расправа: СДСМ ја прашува Сиљановска зошто со колегите од Европа не разговара за платите
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија реагира на изјавите на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во врска со потребата од нов, поголем владин авион.
Од СДСМ велат дека претседателката најчесто летала со владиниот авион -13 пати, а притоа не соопштила колку тие летови ги чинат граѓаните.
„Сите тие сакаат да се луксузираат на грбот на народот, ништо не им е доволно големо, ништо не им е доволно. Само за платите на работниците кога ќе стане збор, тие се доволни, никако да ги покачат. 600 евра минимална плата за нив е премногу, авионите им се мали“, велат од партијата.
СДСМ тврди дека лет со владиниот авион може да чини и до 40 илјади евра, и дека комерцијален лет во економска класа е значително поевтин.
„Кој претседател досега воопшто ја отворал темата за големината на авионот? Ги праша ли Гордана Сиљановска нејзините колеги претседатели што мислат за тоа што македонските работници имаат најниски плати и во Европа? Што мислат за тоа што минималната плата во Македонија е најмала во регионот? Или што животниот стандард на македонските граѓани е најнизок? За тоа не и се зборува за Сиљановска, само за луксузи и авиони“, велат од СДСМ.
Претходно денес, претседателската Гордана Сиљановска-Давкова рече дека владиниот авион е стар 25 години, купен на старо, и дека според неа треба да се размислува за набавка на нов, но поголем авион.
Говорејќи по свеченоста во Институт за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“, таа во деминутив го нарече „владиното авионче“, посочувајќи дека нејзини колеги претседатели од регионот го нарекувале „авиончето на браќата Рајт“, бидејќи е најмало и најстаро.
Сиљановска-Давкова изјави дека користењето на владиниот авион понекогаш овозможува пофункционално извршување на државните обврски и дека може да биде и поевтино од комерцијалните летови. Сепак, додаде дека не е пријатно што авионот е стар 25 години и купен на старо.

