Македонија
Пратениците на Левицата ќе го бојкотираат годишното обраќање на Пендаровски
Од Левицата соопштија дека двајцата пратеници – Димитар Апасиев и Борислав Крмов – нема да учествуваат на парламентарната 56. пленарна седница, на која е планирано традиционалното годишно обраќање на претседателот Стево Пендаровски.
„Нашите народни пратеници одбиваат да партиципираат во формалистичкиот театар на шефот на државата, кои ги одмолчи сите националшовинистички испади на нашите балкански соседи и божемни европски партнери – за кои сè почесто во нивните јавни обраќања стануваме северномакедонски пријатели. Сметаме дека човек кој е безгласна буква во внатрешната и во надворешната политика и не реагира на повампирениот бугарски неоврховизам, кој го негира постоењето на македонската нација и на македонскиот јазик, нема ништо паметно да каже и затоа не го заслужува вниманието на нашите пратеници и на пошироката јавност.
Пендаровски, познат по својот некреативен дрвен евро-атлантски новоговор и апологет на сервилниот и невизионерски НАТО-фундаментализам, никогаш не бил и нема да биде вистински и обединувачки татко на нацијата. Како приврзок на поразената политичка филозофија и практика на заевизмот, како највисок стадиум на интернационалното вазалство и националното понижување на Македонците, неговото заминување од политичката сцена ќе биде катарза за нов почеток во водењето современа, достоинствена и мултиполарна државничка надворешна политика, креирана од новата генерација храбри македонски политичари“, се наведува во соопштението на Левицата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Возете внимателно, можни се одрони, предупредува АМСМ
Интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е умерен, а сообраќајот се одвива без поголеми пречки. На граничните премини од македонска страна не се евидентираат подолги задржувања за влез и излез од државата, информираат надлежните служби.
Од АМСМ апелираат до возачите да бидат особено внимателни при управување со возилата. Се препорачува прилагодена брзина на движење, строго почитување на сообраќајната сигнализација и зголемена внимателност, особено на патиштата кои минуваат низ котлини, речни долини и клисури, каде постои можност од појава на одрони.
Како критични делници се издвојуваат патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево, каде возачите треба да бидат дополнително претпазливи поради конфигурацијата на теренот и можните нестабилности.
АМСМ потсетува дека внимателното возење и навременото прилагодување на условите на патот се клучни за безбедно патување, особено во зимски услови и при променливо време. Се препорачува редовно информирање за состојбата на патиштата пред поаѓање на пат.
Македонија
Денес локални врнежи од дожд и снег на планините
Времето денеска ќе биде променливо облачно. Во западните делови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од снег. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -8 до 1 степен, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, со повремен слаб дожд во делови од котлината. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Од УХМР информираат дека под влијание на циклонска активност, во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец, а температурата ќе биде во пораст.
Македонија
Ледени зрна на одделни патни правци: ЦУК апелира на зголемена внимателност поради заледување на патиштата
Центарот за управување со кризи известува дека денес, во попладневните часови, на одделни патни правци е евидентирана појава на врнежи од ледени зрна, кои предизвикуваат брзо и ненадејно заледување на коловозите, особено во повисоките и планинските предели.
Се апелира до сите учесници во сообраќајот да покажат зголемена внимателност, да ја прилагодат брзината според условите на патот, да одржуваат поголемо безбедно растојание и задолжително да користат соодветна зимска опрема.

