Македонија
Прашањата за чичкото и братучедот што работат во М-НАВ го вознемирија министерот Николовски: Тоа ви е најбитна тема, не сум влијаел
Прашањата за чичко му и внук му, кои работат во М-НАВ, го вознемирија денес министерот за земјоделство, Љупчо Николовски. Место да одговори на новинарско прашање како ќе ја убеди јавноста дека не влијаел за вработување во М-НАВ на својот братучед, имајќи предвид дека беше и вицепремиер за борба против корупцијата, министерот Николовски направи обид да ги уредува содржините во медиумите, па на новинарката што го постави прашањето ѝ рече дека требало да се интересира за постигнувањата и достигнувањата во земјоделството, каде што изминатава година имало над 100 реализирани проекти.
„Жалам што, наместо да се интересирате за темите за земјоделството, што е основа на македонската економија, се обидувате директно да ширите невистини и лаги. Имавме брифинг на новинари и жалам што во 2023 година, во која имавме над 100 реализирани проекти, не се промовира тоа што со труд и со енергија целиот овој тим го работи и најбитно било ова прашање на кое пак ќе го дадам истиот одговор. Чичко ми работи таму и пред јас да бидам роден. Зарем мислите дека некој што не е роден може да влијае на некој што стручно се усовршувал, работел и се вработил пред 1983? И 20 години претходно. И тоа ви е најбитната тема место да информирате за она што граѓаните ги интересира. И, второ, знаете за каков кадар станува збор? За највисоко стручно посветен кадар, школуван во Јапонија, во Кина и во Словенија, кој по 20 години, се вратил во земјата и секој од нас треба да се бори да ги задржи младите тука. Тоа се впрочем и нашите политики. Како што чичко ми работел пред 40-50 години, а јас според вас сум можел да влијаам на тоа вработување, во ниту еден случај не сум влијаел и немам комуникација, впрочем. И не сакам да одам понатаму“, рече министерот Николовски.
Посочи дека тој преку личен пример со вработувања во својот кабинет покажал дека може да се стави крај на непотизмот и партиските вработувања со тоа што ги запознал вработените дента кога завршиле сите постапки за вработување.
„Јас се гордеам и се борам секој млад човек да остане тука, место да праќаме порака – луѓе, тука не ја бидува, бегајте. Имаше постапка во ДКСК, ја затворија, дали станува збор за некој што не е квалификуван, школуван или не доаѓа токму во областа во која треба? Станува збор за висококвалификуван кадар, школуван 20 години надвор од државата, и не треба да праќаме порака дека тоа не треба да се цени. Некому му смета Македонците што се успешни да се вратат тука“, рече министерот Николовски.
На забелешките од новинарите дека нема потреба од нервоза, тој врати со „одговорив децидно, длабински, без нервоза, со комплетна неоптовареност“.
Семејните и партиските вработувања во М-НАВ станаа особено актуелни по изјавата на премиерот Димитар Ковачевски дека во компанијата се вработувало до трето колено.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

