Македонија
Јаревски: ЈП за одржување магистрални патишта, Струмица и Центар купиле машини и до 100 пати поскапи од она што СДС тврди дека е реално
Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта набавило машина за бележење и виљушкар за 250.000 евра, изјави на прес-конференција пратеникот Тони Јаревски.
Тој тврди дека машините за бележење на улици и патишта, кои и самите од СДС потенцираат дека може да се купат за 2 до 3 илјади евра, ова јавно претпријатие ги платило 100 пати поскапо.
„Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов од СДС исто така набавил машина за бележење на патишта за сума од 15.000 евра, односно 6 пати поскапо од тоа што самите СДС тврдат дека истата може да се набави. Воедно иста таква машина е набавена од општина Центар. Директорот на ЈП за одржување на магистрални и регионални патишта, градоначалниците на Струмица и Центар, и двајцата од редовите на СДС купиле машини за бележење на патишта и до 100 пати поголема вредност од онаа за која тврдат дека може да се набават. СДС тврди дека машини какви што купиле нивните функционери и за 250.000 евра, можат да се купат и за 2 до 3 илјади евра. Ова е сериозно обвинување, но и сериозно тврдење од страна на СДС, согласно тоа бараме од ЈО сериозно да ги истражи набавките на општините Струмица и Центар, како и на ЈП за одржување на магистрални и регионални патишта“, рече Јаревски.
Пратеникот праша каде завршила разлика од стотина илјади евра во случајот со ЈП за одржување на магистрални и регионални патишта? Во чии џебови се над 200.000 евра, како и каде завршиле повеќе од 10.000 евра од набавките во Струмица и Центар, но и дали функционерите на СДСМ крадат преку машини за бележење на патишта.
ВМРО-ДПМНЕ го повика Јавното Обвинителство веднаш да отвори истрага.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Села: Не е во ред тоа што се потенцира ДУИ, коалицијата е Европски фронт, од 9 партии
Зијадин Села од Алијанса за Албанците во интервју за Трилинг по изборите и изборните резултати и случувања, вели дека се работи за изборен инжинеринг и закрупнување на неколку политички сили. Според Села, не е во ред тоа што се потенцира ДУИ, коалицијата е Европски фронт, од 9 партии.
„Тука се најглавните албански партии. А дали сме подготвени за во опозиција, по демократските правила, тоа не го кажувааат политичките чинители, тоа го кажува народот, кој гласаше на 8 мај за Европскиот фронт да презема одговорности и да биде дел од власта“, вели Села.
Тој смета дека „погрешна е дефиницијата за коалицирање победник со победник, треба да е мандатар со победник. Победникот од македонската страна е дефиниран со Устав. Демографската реалност е за да има стабилност и да одиме напред, треба да се испочитува волјата на втората етничка заедница која е 30%, наспроти 54% кои се Македонците, според последниот попис“.
Додава дека Владата треба „да се изјасни во врска со обидот за изборен инженеринг. Според Пржинскиот договор, на техничкиот премиер е да обезбеди фер и демократски избори. Тие не се надвор од одлуките кои се носат во ДИК и Управен суд. Техничката влада е договор на најголемите политички партии“.
За тоа како Европскиот фронт ќе се однесува како опозиција во Собранието, Села вели „треба да се почитува желбата на граѓаните, не на Мицкоски. Ние ќе се однесуваме сразмерно на тоа како ќе биде решено. Не сакам да коментирам желби. Од ДИК се уште не се објавени мандатите, кој колку има. Се уште Мицкоски не е мандатар“.
Македонија
Денес малку сонце, па облачно, попладне нестабилно со пороен дожд и грмежи
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Попладне наместа, особено во северните делови ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а ќе има и услови за краткотрајно невреме со силен ветер и изолирана појава на град.
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а ќе има и услови за краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 27 степени.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.