Македонија
Првиот дигитален учебник по математика е инклузивен, го јакне натпреварувачкиот дух и тимската работа, велат авторите
Авторскиот тим внесе иновација во приодите за учење математика во функција на остварување повисоки постигања на учениците и зголемување на функционалната писменост по математика, велат авторите на првиот дигитален учебник по математика за четврто одделение, проф. д-р Татјана Атанасова-Пачемска и наставниците Валдета Алија и Добри Јовевски.
„Приодот кој го има низ целиот материјал е истражувачко-откривачки, текстот е динамичен, ја одржува љубопитноста на ученикот и креира стимулативна средина за учење, преку избор на содржини и активности кои ќе придонесат во постигнувањето на исходите од учењето. Учениците можат лесно да се движат низ содржините, кои имаат динамички и дигитални компоненти збогатени со задачи со различни тежински нивоа, а секој ученик има можност да напредува според своето индивидуално темпо што материјалот го прави современ и отворен”, вели Атанасова-Пачемска.
Според Атанасова-Пачемска, особено внимание е посветено во делот на истражувачките и проектните активности поврзани со секојдневните животни ситуации – дизајнирање, моделирање и проектирање.
Активностите даваат можност младите математичари „да излезат“ од училницата на пазар, на градилиште, во ресторан, на патување…да креираат или симулираат реални проблеми во чие решавање ќе применуваат математички постапки кои се предмет на совладување низ материјалите за учење. Со овој пристап на креативност, критичко размислување и решавање проблеми, освен врз математичките, ќе се направи влијание на стекнувањето и на други компетенции како личен развој, социјален развој, иновативност и секако дигиталните компетенции.
Авторката Валдета Алија објаснува дека со новиот учебник по математика наставниците ќе добијат современ материјал кој ќе го користат во текот на секојдневната работа во училницата.
„Очекуваме дека овој материјал ќе побуди интерес и за креирање нови иновативни материјали, размена на искуства со своите колеги, како и можност за реализација на заеднички активности во различна мултиетничка и мултикултурна средина. Овие материјали нудат голем избор на проблемски задачи насочени кон подобрување и зајакнување на математичките вештини во функционалната писменост токму во деловите каде што учениците покажале послаби резултати на меѓународните тестирања по математика”, вели Алија.
Наставникот Добри Јовевски, пак, вели дека понудените активности во материјалите за учење дават можност да се реализираат самостојно, во парови и групно со што се зајакнува и тимската работа, се буди натпреварувачкиот дух и се поттикнува љубовта кај учениците да учат, да вежбаат и да практикуваат математика.
„Се потрудивме како тим материјалите за учење да ги дизајнираме да бидат инклузивни, со јасни бои и инструкции за да му помогнат на секој ученик да ги користи според своите можности и потреби. Ги подготвуваме нашите ученици за активни европски граѓани кои ќе живеат и работат во новото ‘технолошко-дигитално’ време, во економија базирана на знаење. Оваа подготовка нека започне со првите дигитални материјали за учење математика, каде математичките и дигиталните компетенции ќе почнат да се создаваат, а ќе се стекнуваат и надградуваат во текот на целиот образовен процес”, вели Јовевски.
Користењето на новите материјали за учење започнува од почетокот на новата учебна година како дел од реформските процеси во основното образование кои ќе се спроведуваат етапно. Целта е реформата во деветтолетката целосно да се имплементира во следните 5-6 години, почнувајќи од годинава во прво и четврто одделение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски – Брунер: Европската интеграција, борбата против организираниот криминал и зајакнатото гранично управување во фокусот на средбата
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски оствари работна средба со комесарот за внатрешни работи и миграција на Европската унија, Магнус Брунер, на која беше потврдена силната посветеност на Република Северна Македонија кон евроинтегративниот процес и понатамошното усогласување со европските стандарди во областите правда, слобода и безбедност.
На средбата министерот Тошковски изрази благодарност за континуираната експертска и финансиска поддршка од Европската унија, нагласувајќи дека Министерството за внатрешни работи останува кредибилен партнер кој активно придонесува за безбедноста на Унијата преку спроведување на проектите, реформите, усогласување на националното законодавство со правото на ЕУ и имплементација на мерките од Реформската агенда.
На средбата беше констатирано дека партнерството со институциите на Европската унија има клучна улога во унапредувањето на националната и европската безбедност, при што беше изразена заедничка подготвеност за продлабочување на соработката во наредниот период.
Македонија
Општина Илинден: Засилени активности за чистење и редовно одржување на каналската мрежа и речните корита
Општина Илинден продолжува со засилени активности за чистење и редовно одржување на каналската мрежа и речните корита на својата територија, со цел зголемување на проточноста и намалување на ризикот од поплави, информираат од општината.
Во изминатиот период беше реализирано чистење на коритото на Сува Река, на потегот од вливот на „Бучинско езеро“ до излезот од населеното место Бучинци, во должина од 850 метри. Дополнително, извршено е чистење на сисавецот на главниот канал „Млака“, на потегот од пречистителната станица во населеното место Илинден до вливот во главниот канал, во должина од 800 метри.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски изврши увид на каналот „Шамак“, во н.м Кадино каде во моментов се спроведува чистење во вкупна должина од 1.200 метри. Како што истакна градоначалникот Георгиевски, по обилните врнежи овој канал беше утврден како критична точка, а неговото расчистување е од особено значење за безбедноста на жителите од овој дел на општината.
Имајќи предвид дека каналската мрежа на Општина Илинден е под нивото на реката Вардар, одводнувањето се реализира со пумпни уреди преку кои се испумпуваат до 2.800 литри вода во секунда, што дополнително ја потенцира потребата од редовно и навремено одржување на системот. Благодарение на континуираното чистење и одржување на каналите и речните корита, изминатиот период со обилни врнежи беше надминат без потешкотии и несакани последици.
Согласно Годишната програма на Општината, Годишната програма на Водостопанство и Акциониот план за чистење на каналската мрежа, во текот на 2026 година предвидено е чистење на вкупно 24.250 метри канали и речни корита на територијата на сите населени места во Општина Илинден.
„Општина Илинден и годинава ја презема обврската за покривање на водниот надомест за редовно одржување, чистење и нивелирање на отворените канали, со што јасно ја демонстрира својата континуирана заложба за подобрување на инфраструктурата и обезбедување побезбедна, почиста и поквалитетна животна средина за сите граѓан“, се истакнува во соопштението.
Македонија
МЗШВ: Засилени контроли на АХВ во Липково, поради појава на сипаници кај овците и козите
Денеска, во просториите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, министерот Цветан Трипуновски, заедно со директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов остварија средба со одгледувачите на овци.
На средбата се разговараше за актуелната епидемиолошка состојба со болеста сипаници кај овците и козите во о. Липково, Кумановско.
Со цел да се спречат нови жаришта на територијата на државата, неопходно е одгледувачите на овци да се придржуваат кон пропишаните контролни и заштитни мерки за спречување на ширењето на болеста, донесено од страна на Агенцијата и движењето на животните да биде со издаден ветеринарно – здравствен сертификат од надлежното ветеринарно друштво. Доколку сточарите забележат некои симптоми или нагли промени кај животните, вклучително и зголемена смртност, да ги известат ветеринарните друштва и Агенцијата за храна и ветеринарство.
Надлежните институции спроведуваат контролни и заштитни мерки во заштитната зона во радиус од 3 километри и во зоната под надзор во радиус од 10 километри околу одгледувалиштата каде што е потврдена болеста, со цел навремено информирање на сточарите за појавата и ширењето на болеста.
Дополнително, на средбата беше истакнато дека извозот на јагнешко месо, производи од јагнешко месо и производи од млеко добиено од овчо млеко кои биле подложни на пастеризација не е доведен во прашање, движењето на животните од одгледувалиштата кон кланичните капацитети не е забрането, додека во сила остануваат рестрикциите за движење на живи животни и за работа на добиточните пазари. Во зависност од развојот на епидемиолошката состојба на терен се очекува кон средината на идниот месец да бидат донесени нови заштитни и контролни мерки за справување со болеста.

