Македонија
„Прво кафе кај градоначалникот“ денеска кај Јакимовски за загадувањето
Претставници од граѓанската иницијатива „Прво кафе кај градоначалникот“ денеска беа на разговор кај првиот човек на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, каде разговараа за најактуелната тема во изминатите десет дена, загадувањето на воздухот во Карпош и целиот град.
Целта на разговорот беше граѓаните Александар Донев како жител на Општина Карпош и Александра Теменугова, да се информираат што може општината да стори и што досега сторила против загадувањето на воздухот на оваа територија.
Се заклучи дека се неопходни координирани и стратешки мерки на подолг рок, за трајно решавање на проблемот со аерозагадувањето.
Градоначалникот Јакимовски им образложи дека Општина Карпош како потписник на конвенцијата 20-20-20 (20% намалување на штетни гасови во атмосферата, 20% учество на обновливи извори на енергија во вкупната енергетска потрошувачка и 20% помала потрошувачка на енергија), досега поднела 35 еколошки проекти, а ги наброја и сите активности кои локалната самоуправа ги правела и ги прави на планот на заштита на животната средина:
Обнова и поставување на термички фасади на колективните станбени објекти, замена на азбестните покриви, одржување на хигиената исклучиteлно на трошок на општината, одржување на блоковското зеленило и посадување на 10.500 млади дрвца во последните неколку години.
Александра Теменугова посебно се интересираше за проблемот на ограничените законски ингеренции што ги има локалната самоуправа во сферата на испекцискиот надзор, односно овластениот инспектор за екологија во санкционирањето на загадувачите. Според Александар Донев, потребна е изработка на долгорочна стратегија за борба против аерозагадувањето, меѓутоа со соочување со сите надлежни структури во државата од локално до централно ниво.
Заедничкиот заклучок на сите учесници на работната средба, беше дека е потребно сите конкретни мерки и идеи за решавање на овој голем проблем да се апсолвираат низ една форумска дебата, која ќе резултира со студија и дузина законски интервенции и измени, со што трајно би се решил проблемот со загадувањето на воздухот и заштитата на животната средина./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.
Македонија
Почна седницата на Советот за безбедност во Вила Водно
Почна седницата на Советот за безбедност што ја закажа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на која на дневен ред е безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а на седницата присуствуваат членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, начинот на остварување на правата и исполнувањето на должностите на членовите на Советот, свикување и одржување на седниците, спроведувањето на заземените ставови, поведените иницијативи и дадените мислења и предлози, информирањето за својата работа, како и други прашања во врска со организирањето и начинот на работа на Советот, се определени со Деловник за работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
Седниците на Советот се затворени. Во одредени случаи седниците можат да бидат и јавни за што одлучува претседателот на Советот.

