Македонија
Прв ден од работната посета на Димитров на Брисел
Mинистерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска, во Брисел, се сретна со еврокомесарот Јоханес Хан и со шефот на кабинетот на претседателот на Европскиот совет, Пјотр Серафин.
На средбата во Европската комисија со комесарот за соседска политика и преговори за проширување, Јоханес Хан, се разговараше за последните внатрешнополитички случувања и постигнувањата во реформските области во земјата во пресрет на евроинтегративната перспектива на Република Северна Македонија. Министерот Димитров ја реафирмира посветеноста на европските вредности изразувајќи уверување дека во октомври земјите членки ќе ја препознаат и валидираат со позитивна одлука за почеток на пристапните преговори. Од страна на еврокомесарот беше потенцирано дека земјата ги исполни очекувањата на тој план, со што изгледите за добивање позитивна одлука за почнување пристапни преговори со ЕУ се повеќе од реални.
„Останува уште малку време до моментот што ќе може да се смета не само за заеднички успех туку и испишување на историја со предзнак иднина. Овде сум за да уверам дека позитивната одлука во октомври е заслужена и најдоброто решение за иднината на Северна Македонија, на регионот, но и во интерес на самата ЕУ“, рече Димитров.
Тој му ја честита номинацијата за новата функција на комесарот Хан во идната Европската комисија.

Во контекст на евроинтеграциите на средбата се разговараше и со Пјотр Серафин, шеф на кабинетот на Доналд Туск, на која беа разменети мислења за процесот на донесување одлука на Советот на ЕУ во октомври и во таа пригода беа уште еднаш изнесени нашите очекувања за недвосмислено „да“.
По средбите, попладнево, Димитров ќе се обрати на приемот што по повод на Денот на независноста, 8 Септември, го организираат дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во Брисел.
Посетата на Брисел продолжува утре со работна средба со амбасадорите на земјите членки при Европската Унија (КОРЕПЕР). Министерот ќе учествува и на настан организиран од страна на German Marshall Fund во Брисел, посветен на патот на Република Северна Македонија кон европската и евро-атлантската интеграција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Никаде во Европа нема ваква корумпирана Влада, техничка влада мора да остане, бараат од СДСМ
„Споредбите со земјите од ЕУ како аргумент за укинување на техничката влада се класична манипулација. Никаде во Европа нема ваква корумпирана влада“, велат од СДСМ.
„Тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не ја сака техничката влада, затоа што кога ќе влезе министер од опозиција, ќе има увид во сите документи, во сите злоупотреби во целиот коруптивен систем.
Скандалот со ИПАРД 3 и злоупотребите на европските пари, за кои е приведен директор од ВМРО, се уште еден пример дека влез на опозициски министер ќе значи отворање и на другите криминални шеми во министерството.
Од тоа се плаши тендер коалицијата. Не сакаат техничка влада, затоа што тоа ќе значи отворање на пандорината кутија на криминалните тендери.
Без техничка влада не може да има праведни избори, нема контролен механизам и нема фер избори и затоа мора да остане“, соопшти СДСМ.
Македонија
Времето утре – сончево со мала до умерена облачност, максималната температура до 10 степени
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -10 до -3, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, сончево и тивко со умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
До петок ќе се задржи стабилно и суво време со услови за појава на утринска магла по котлините. Температурите ќе бидат во постепен благ пораст. Во деновите од викендот ќе има зголемена облачност со услови за слаби локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Дневната температура повторно ќе биде во опаѓање
Македонија
Сиљановска-Давкова прими претставници на Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и на Центарот за еколошка демократија ФЛОРОЗОН
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска прими претставници на Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и на Центарот за еколошка демократија ФЛОРОЗОН, со коишто разговараше за актуелните предизвици во областа на заштитата на животната средина.
Претставниците на двете организации ги изнесоа своите согледувања и препораки со посебен акцент на еколошката правда, превенцијата од еколошки штети, заштитата на природните ресурси и усогласувањето со европското право.

Според Сиљановска-Давкова заштитата на животната средина треба да биде клучен приоритет, а соработката меѓу институциите, граѓанските организации и стручната јавност е од суштинско значење за креирање одржливи и ефикасни политики. Таа укажа дека вклученоста на овие организации во креирањето на законските решенија треба да биде институционализирана, преку нивно учество во комисиските тела во Собранието и во Владата.
Именувањето на експертот од областа на метеорологијата и климатските промени, проф. д-р Спиридонов, за член на Советот за безбедност, е важен чекор кон интегрирање на научната експертиза во стратешкото одлучување. Ова, според претседателката, би им овозможило на невладините еколошки организации, со своите идеи и предлози да придонесат во работата на ова тело.
Соговорниците се согласија дека загрозувањето на животната средина е сериозен безбедносен ризик и закана за уставно загарантираното право на живот.

Тие ја нагласија потребата од користење на меѓународни искуства и унапредување на регионалната соработка во справувањето со реалните предизвици.
Претседателката и претставниците на МЗМП и ФЛОРОЗОН повикаа на континуирана едукација и поттикнување на младите во градењето партнерски однос со природата како неопходен предуслов за превенција на можни штети со несогледливи последици.

