Македонија
Традиционалната литија во Струга ќе се одвива под посебен протокол
Во пресрет на верската манифестација ЕОРДИЈА-ЛИТИЈА, што утре од 15 до 19 часот ќе се одржи во Струга, а во чест на празникот Свети Ѓорѓија Победоносец, од струшката полиција информираат дека се преземни сите неопходни мерки за безбедносно одвивање на црковната процесија со акцент на строго придржување до превентивните мерки и препораки за заштита на населението од коронавирусот.
Од таму појаснуваат дека во периодот од 4 до 6 мај претставници на СВР Охрид и ОВР Струга одржале работни состаноци со претставници на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Струга, на кои им била нагласена потребата од доследно и дисциплинирано придржување до сетот мерки и препораки на здравствените органи и владините мерки за заштита од коронавирусот и при вршење на верските служби и други активности за време на литијата, црковните и другите лица строго да се придржуваат до одредбите за држење социјална дистанца и носење заштитни маски.
„Црковните претставници, кои беа во постојан контакт со МПЦ-ОА, информираа за планираните активности пред и за време на одржувањето на литијата, кои целосно се во согласност со сетот превентивни мерки и нагласија дека литијата ќе биде составена од локалното свештенство и монаштво. Посочија дека ќе бидат ангажирани други црковни лица и претставници на агенција за обезбедување, со цел непречено и безбедно одвивање на предвидениот верски настан“, стои во писмениот допис.
Од струшката полиција нагласуваат дека имаат изготвено оперативен план и во согласност со него, утре, 7 мај, ќе биде извршено физичко покривање на поширокиот дел од црквата „Св. Ѓорѓи“, како и на целокупната траса по која ќе се движи црковната процесија и нема да биде дозволено групно движење зад поворката.
Од таму упатија апел до верниците настанот да го следат од страна, без придружување кон поворката и целосно придржување до препорачаните хигиенско-безбедносни мерки со цел заштита на јавното здравје на населението од Ковид-19.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Кисела Вода урна дивоградба во населбата 11 Октомври
Денес, во населбата 11 Октомври, во Општина Кисела Вода, беше рушена дивоградба, по донесено решение за отстранување на објект кој не поседува соодветни технички акти.
Станува збор за поранешен деловен објект во сопственост на ГП „Пелагонија 5 – Градилиште механизација“ во стечај, за кој не постои потребната техничка документација и кој никогаш не бил евидентиран во Агенцијата за катастар.
„Општина Кисела Вода ќе работи исклучиво законски, почитувајќи ги сите закони и правила. Нема да има двојни стандарди за никого и нема да дозволиме прекршување на било каков закон. Законите мора да важат подеднакво за сите. Во мојот мандат ќе сe залагам за работење исклучиво според право и правда“, изјави градоначалничката Бети Стаменкоска – Трајкоска, посочувајќи дека институцијата ќе постапува одговорно за сите случаи каде ќе се утврдат нерегуларности во однос на објекти на територијата на општината.
„За секој објект кај кој ќе се утврдат неправилности ќе биде издадено решение за отстранување. Тоа е единствениот начин да воспоставиме ред и правичност и да го заштитиме јавниот интерес“, рече Стаменкоска – Трајкоска.
Македонија
Откажано утрешното рочиште за „Пулс“: Недостасуваат адреси од оштетени и нивни застапници
Утрешното судење за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица и околу 200 се повредени, е откажано.
Судијката Диана Груевска – Илиевска ги немаше сите адреси од оштетените и нивните застапници кои треба да бидат повикани на судење за да се изјаснат за оштетното побарување.
Судијката ги евидентираше сите оштетени и застапници на оштетените кои беа присутни, но кажа дека мора да ја одложи за утре закажаната главна расправа оти ќе треба повеќе време за судот да ги извести оштетените дека треба да дојдат на судење.
Следното рочиште ќе биде на 2 декември, а дотогаш судијката очекува освен завршување на судската достава за оштетените да бидат доставени и интегрираните обвиненија до сите обвинети како што побараа нивните бранители.
Македонија
Нова кривична пријава против ексградоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари
Полицијата поднесе кривична пријава против Фатмир Дехари, од кичевското село Србица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „Несовесно работење во службата“.
Според информациите на СВР Охрид, тој, во својство на градоначалник на Општина Кичево, несовесно постапувал при извршување на своите законски овластувања дадени со Законот за локалната самоуправа и спротивно на Законот за пожарникарство.
„Пријавениот, од 2016 година, секоја година, со одредени лица склучувал договори за вработување во Територијалната противпожарна единица Кичево и по истекот на една година од нивното вработување, не извршил должен надзор, пропуштил да им го прекине работниот договор и дозволил, истите да не се стекнат со соодветен сертификат за квалификација како пожарникари, издаден од надлежен Државен орган“, велат од полицијата.

