Македонија
Преку Кацарска, СДСМ врши опструкции со линеарното покачување на пензиите, рече пратеникот Стојаноски
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, на денешната Комисија за финансирање и буџет во Собранието изнесе обвинувања поврзани со амандман поднесен од Венко Филипче и со процесот за линеарното зголемување на пензиите.
Според Стојаноски, амандманот е потпишан од Филипче поради бизнис-интереси поврзани со компанија за алтернативно производство на електрична енергија.
„Подносител на овој амандман е Венко Филипче, зошто е потпишан Венко Филипче? Заради тоа што неговиот брат Никола Филипче, има компанија којашто произведува алтернативни извори на електрична енергија. 2025 година менување на детален урбанистички план во општина Дојран, каде што тие имаа градоначалник и инсталирање од фотонапонска централа од 23.000 м2, за да се купи 130.000 евра струја, знаете ли кој е сопственик на таа централа? Никола Филипче и Вице Заев. Некој треба да даде, за некој да земе“, рече Стојаноски.
Тој исто така изнесе обвинувања дека СДСМ преку уставната судијка Добрила Кацарска го блокира процесот на линеарното зголемување на пензиите.
„СДСМ во минатиот мандат ја постави Добрила Кацарска во Уставниот суд, продолжената рака на СДСМ во Уставниот суд, уставната судијка поднела претставка до Уставниот суд за оценување на уставноста за линеарното зголемување на пензиите. Сега кога некој дојде и им ја покачи пензијата на сите пензионери за 7.000 денари, Добрила Кацарска сега сама си поднесува претставка и сака да им ги земе на пензионерите овие покачувања. СДСМ преку Добрила Кацарска сака да ви го земе покачувањето на пензиите“, изјави Стојаноски.
Оспорувањето на линеарното зголемување на пензиите беше тема на јавна дебата и претходно, откако повеќе субјекти упатија забелешки дека ваквиот модел може да создаде нееднаквост меѓу пензионерите. Уставниот суд веќе разгледуваше иницијативи поврзани со измените во пензискиот закон, а дел од претходно оспорените одредби беа отфрлени поради нивниот темпорален карактер. Со отворањето на новата постапка, судот повторно ги става во фокус уставните принципи за правичност и еднаквост во пензискиот систем.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Кузеска: Гласен молк на власта за најголемиот нарко-скандал во регионот
Гласен молк на власта за најголемиот нарко-скандал во регионот – заплената на 5 тони дрога во соседна Србија, која дошла од Македонија, изјави Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Таа додава дека и после десет дена од објавувањето на овој скандал нема одговори како 5 тони дрога, со неколку камиони, ја преминале македонската граница и кој ќе одговара?
„Молкот не е случајност туку јасен индикатор дека овој скандал води до врвот на власта и дека некој се обидува да го заташка. Затоа што е јасно, без поддршка и логистика на структури во власта, во МВР, во Царината и во други институции – ваква шверцерска операција на дрога не била возможна. Во медиумите беа објавени информации дека камионите што ја превезувале дрогата биле пломбирани. Ако е ова точно, се отвораат и нови аспекти за тоа кој се вмешан. Секоја стока што преминува преку граница мора да биде тарифирана согласно тарифни броеви. Ако на овој начин била пренесена дрогата, биле ставени други тарифни броеви што води до заклучок дека станува збор за организирана група, директно поврзана со повеќе институции“, рече Кузеска.
Според неа, ова е скандал од огромни размери, кој, како што ка, директно го разоткрива длабокиот криминал на владата предводена од ВМРО и премиерот Христијан Мицкоски.
Кузеска рече дека СДСМ бара итна, независна и транспарентна истрага за целосно расчистување на скандалот која ќе ги даде одговорите кој сѐ е вмешан и кој дозволил 5 тони дрога да поминат преку македонската граница и дали лицето Симе, кое јавноста го виде на фотографии со Мицкоски, е дел од оваа мрежа?
Македонија
(Видео) Филипче: СДСМ повторно го поднесе законот за 600 евра минимална плата
Денеска пратеничката група на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и коалицијата повторно ќе го поднесе Законот за измена на Законот за минимална плата, откако минатата недела беше вратен од страна на претседателот на Собранието, Африм Гаши, за некои технички недостатоци наводно. Меѓутоа нема да навлезам во причините за враќањето и насоките за тоа како треба да се средат некои работи, повторно ќе кажам од технички аспект во законот, изјави лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
Тој кажа дека СДСМ дава максимална поддршка на барањата на претставниците на Сојузот на синдикати.
„Сметаме дека минимална плата од 600 евра е нешто што работниците заслужуваат и им е неопходно потребно за достоинствен живот,во временски период кога синдикалната кошничка надминува 65/66.000 денари, кога една третина од трошоците одат за храна и пијалоци, дополнително тука се други трошоци и школски прибор за децата и така натаму, работниците заслужуваат да имаат достоинствен живот“, рече Филипче.
„Ако само во првите две години од нашиот мандат можеше социјалната помош да се зголеми за 300% и да стане социјалната помош од 3.000 на 11.700 денари, ако минималната плата тогаш можеше да се зголеми во тој само период пред да продолжи и после ковид кризата да стигне повеќе од дупло, да се зголеми од 8.000 на 14.500 денари, тоа е зголемување за 60-70%, ако можеа платите на здравствените работници да се практично и повеќе од дуплираат со зголемување на парите за дежурства, со зголемување на основната плата за 40%, во првите години од мандатот не може оваа влада да каже дека нема пари“, додаде тој.
Според Филипче срамно е владата да најавува купување на нов владин авион.
„Тоа е расипништво од невиден степен, исмевање во лице на овие луѓе што протестираат денес пред Собранието, коишто имаат вистинска мака и не може да врзат крај со крај“, рече Филипче.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Заев и Филипче ја направија Македонија Колумбија на Балканот за шверц на марихуана
Наместо канабис за медицински цели, Заев и Филипче ја направија Македонија – Колумбија на Балканот за шверц на марихуана на црниот пазар, обвини Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Каде е менторот Зоран Заев, таму е и чиракот Венко Филипче кој дословно го учи занаетот. Каде има криминал, корупција, па и производство и шверц на дрога, таму е и Заев. Бизнисот со марихуана, кој наместо за медицински цели, очигледно, завршувал на црниот наркопазар, очигледно е дека поминувал со аминување на Заев и Филипче. Со ова, Македонија ја направија Колумбија на Балканот. Надлежните институции пред неколку дена, по детално спроведена истрага, запленија околу 40 тони марихуана од компании со лиценци за производство на канабис за медицински цели, истите оние фирми на кои Заев и Филипче им доделиле лиценци за работа“, рече тој.
Но, додава Петрушевски, медицинската марихуана била само параван за организиран криминал и нелегална трговија со дрога.
„Така, околу 30 тони или околу 70% од запленетата марихуана е од фирмата „ЦБД Медплант“ од Ново Село, блиска и поврзана со Заев, Филипче и СДС. Основач на оваа компанија Христијан Котев, син на Тони Котев, познат по прекарот М’гчев, човек близок до Зоран Заев и поранешен претседател на општинскиот одбор на СДС во Ново Село, а лиценцата ја добил во времето на Заев и Филипче. Сите знаат како во време на власт на СДС, Заев и Филипче се ваделе лиценци за производство на канабис за медицински цели. Најважниот услов кој требало заинтересираните да го исполнат е да бидат блиски на СДС, Зоран Заев и Венко Филипче. Дека е така може да се заклучи и од паничните реакции на Заев и Филипче, каде што едниот се јавува со нејасна реакција на социјалните мрежи, а според сознанијата се интересирал и лично се јавувал за петте запленети тони марихуана, додека Филипче во паника се упатил кон јужната граница. Дали ова шетање на Филипче во Грција е само по барање на Заев? Дали имале средба и што било разговарано на истата?“, праша Петрушевски.
Според него, сите овие индиции и меѓусебни поврзаности на Заев и Филипче со шверцот на медицинската марихуана, Јавното обвинителство мора да ги истражи.
„Колку и да има таму лица под контрола на СДС, Заев и Филипче, мора да се издигнат, да се надминат себеси, да постапат согласно закон и да го истражат целиот случај. Како се издавале лиценците, кој се произведувал марихуана и зошто таа наместо за медицински цели, гледаме дека завршувала на црниот пазар? ЈО да истражи“, рече Петрушевски.

