Македонија
Премиерот Ковачевски на средба со раководството на корпорацијата „Енвидија“
Во рамките на работната посета на Њујорк, претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, оствари средба со Кеит Стриер, потпретседател на корпорацијата „Енвидија“, одговорен за вештачка интелигенција.
Како што информираат од владината прес служба, на средбата со Стриер премиерот Ковачевски разговараше за интересот на Владата за изградба на инфраструктура за поддршка на примената на нови дигитални технологии вклучително и вештачката интелигенција од страна на јавниот сектор и економските субјекти во државата. Овој инфраструктурен проект за воведување на новите дигитални технологии и вештачка интелигенција, меѓу другото, ќе ги адресира и прашањата на националната безбедност, индустрискиот иновациски развој, степенот на безбедноста и брзината на услугите.
Овие разговори се продолжение на почнатите разговори на министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, на планот на поддршката на развојот и употребата на нови дигитални технологии и вештачка интелигенција во јавниот сектор, се додава во соопштението од Владата.
„Енвидија“ е технолошки гигант, најголемиот производител на чипови во светот на вештачка интелигенција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кривичен суд го добил барањето од Палевски за адвокат
Кривичниот суд го добил барањето од Истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари за ангажирање адвокат што ќе го застапува осомничениот Љупчо Палевски во процесот за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Од судот информираа дека од Истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари до Основниот кривичен суд Скопје е доставно официјално известување за екстрадицијата на осомничениот за кој веќе е определна мерка притвор од неговото пронаоѓање, односно лишување од слобода, како и барање за ангажирање адвокат, кој ќе го застапува во текот на постапката.
„Судот во рамките на законските одредби ги издава сите дозволи поврзани со истражната постапка, која е во надлежност на Основното јавно обвинитeлство – Скопје и добиените барања ги доставува до предложените адвокати за нивно понатамошно постапување“, информираа од Кривичниот суд.
Дополнително, судија на претходна постапка во координација со надлежниот јавен обвинител ќе издаде наредба за спровод на осомниченото лице за негово произнесување во однос на околностите во предлогот на јавниот обвинител за определување на мерката притвор, а за донесеното решение јавноста ќе биде благовремено известена.
Македонија
Велковски: Добросостојбата на нашите деца е и ќе биде наша највисока цел
Министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски, заедно со претставникот на УНИЦЕФ, Патриција ди Џовани, и градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, денeска, во детската градинка „Гоце Делчев“ во општина Илинден присуствуваше на промоција на проектот „Градење здрави навики во исхраната кај децата од предучилишна возраст”.
„Добросостојбата на нашите деца е и ќе биде наша највисока национална, општествена и лична цел“, потенцира Велковски и додаде дека здравата и безбедна храна е неопходност за подобар раст и развој на децата, особено во првите години од животот.
Во рамките на соработката со УНИЦЕФ почна реализацијата на проектот „Градење здрави навики во исхраната кај децата од предучилишна возраст”, во партнерство со асоцијацијата ЕДУЛЕНД, а активно учество во проектот зеде и Здружението за одржлив развој АРЕТЕ.
„Како резултат на овој проект произлегоа едукативни обуки, кои почнуваме да ги пилотираме првично во 4 градинки за вработените во предучилишните установи, а понатаму во план е да опфатиме уште 30 градинки во целата држава. Она што ме радува е дека на овие обуки учесници се вработените во детските градинки: директор, стручни работници и соработници, воспитувачи, негуватели и вработени во кујните во кои се приготвува храната за децата. Исто така, се изработи и прирачник со насоки за здрава исхрана“, рече министерот за труд и социјална политика.
Министерот Велковски додаде дека воспитувачите и негувателите од раното детство имаат клучна улога во обликувањето на здравите прехранбени навики на децата не само преку храната што ја нудат во градинките туку и, како што рече, преку однесувањето што го моделираат, нивните интеракции со децата за време на оброците, дискусиите и активностите што ги преземаат со децата.
„Од овие причини практичното унапредување на нивните професионални компетенции има големо значење“, потенцира министерот Велковски.
Македонија
Ѓорѓиевски и раководството на Централната кооперативна банка садеа дрвца во паркот во 11 Октомври – араки
Во заедничка акција со раководството на Централната кооперативна банка, денес, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски садеше дрвца во паркот во 11 Октомври – бараки. Истовремено беше поставена и нова урбана опрема обезбедувајќи удобна и пријатна средина за сите граѓани, кои тука може да се одморат и да се рекреираат.
„Денес, заедно со раководството на Централната кооперативна банка сме во новоизградениот парк во населбата 11 Октомври – бараки, каде што садиме дрвца и поставуваме нови клупи. Дополнувањето на зеленилото и содржините во оваа нова локација за одмор и рекреација придонесуваат кон зголемување на естетскиот и еколошкиот аспект, но и кон креирање удобно место за одмор на нашите граѓани, кои, се надевам, често ќе го посетуваат во своето слободно време. Нашата јасна визија и ангажман за зголемување на зелените површини и урбаната опрема во општина Кисела Вода е евидентна преку изградбата на 15-ина паркови и спортско-рекреативни центри во овие 2,5 години и ова е нешто што ќе продолжи да се случува со зголемена динамика на работа. Сакам да ѝ се заблагодарам на Централната кооперативна банка за нивниот придонес кон унапредувањето на квалитетот на живот на нашите жители. Се надевам дека оваа соработка, како чин на општествена одговорност, ќе биде инспирација и за другите деловни субјекти и дека ваквиот начин на вложување во развојот на општината во иднина ќе стане стандард за соработка помеѓу јавниот и приватниот сектор“, истакна градоначалникот Ѓорѓиевски.