Македонија
„Гардијан“: Северна Македонија и Србија имаат најзагаден воздух во Европа
Европа се соочува со голема јавно здравствена криза бидејќи речиси сите Европејци живеат во области со опасни нивоа на загаденост на воздухот, покажува истражувањето на британски „Гардијан“.
Анализата на податоците, собрани со најсовремена методологија, покажале дека 98 отсто од луѓето во Европа живеат во области што се загадени со многу штетни фини честички и далеку над границата поставена од Светската здравствена организација (СЗО).
Речиси две третини од Европејците живеат во области во кои загаденоста на воздухот е повеќе од двапати од дозволената граница, пренесува „Хина“.
Најтешко погодена европска земја е Северна Македонија, а потоа Србија.
Во двете земји повеќе од половина од населението живее во области во кои загаденоста на воздухот е четирипати поголема од препорачаната.
Србија е една од седумте земји во Источна Европа, заедно со Северна Македонија, Романија, Албанија, Полска, Словачка и Унгарија, каде што речиси сите жители живеат во области со најмалку двојно поголемо ниво на загаденост.
Ситуацијата во Источна Европа е многу потешка отколку во Западна Европа.
Исклучок е Италија, каде што повеќе од една третина од населението во долината По и околните области дише воздух кој е четирипати позагаден од препорачаното.
Истражувањето на „Гардијан“ се однесува на ситните честички ПМ 2,5, кои главно се создаваат со согорување фосилни горива, а може да навлезат во белите дробови и крвотокот и да влијаат на речиси секој орган во телото.
Според упатствата на СЗО, просечната годишна концентрација на ПМ 2,5 честичките не треба да надминува пет микрограми на квадратен метар.
Истражувањето покажа дека само два отсто од европската популација живее во области со дозволена концентрација на овие честички.
Експертите предупредуваат дека загадувањето на воздухот со ПМ 2,5 честички предизвикува околу 400.000 смртни случаи годишно во Европа.
Во Шведска нема област во која концентрацијата на ПМ 2,5 честичките е повеќе од двојно поголема од границата на СЗО, а некои региони на северот на Шкотска се меѓу ретките во Европа во кои загадувањето е во дозволените граници, пренесува „Ал џезира“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кацарска: Судот ја покажува хуманата страна, над 30 вработени денес даруваат крв по повод 60 години Уставен суд
Со дарување крв вработените во Уставниот суд слават 60 години постоење на судската установа. Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска вели дека крводарителската акција е само една од акциите кои ќе ги спроведат за одбележувањето на јубилејот.
„Уставниот суд на Република Северна Македонија оваа година слави значаен јубилеј. Тоа е 60 години од постоење на судот. Веќе беше најавено дека во текот на целата година во Судот ќе се преземаат најразлични активности токму заради одбележување на овој значаен јубилеј. Самите вработени дадоа идеја една од акциите кои ќе се спроведуваат во Судот да биде и крводарителската акција, што значи Судот ја покажува и онаа хумана страна. Повеќе од половина од вработените се пријавија за давање крв, што значи од вкупно 60 вработени повеќе од 30 денес се согласни да дадат крв“, рече претседателката Кацарска.
Крводарителската акција е под мотото „Биди хуман спаси живот“, а ја реализира Црвениот крст на Македонија.
Македонија
Арсовска во увид на изградбата на подземната инфраструктура на новиот булевар Хрватска
Град Скопје продолжува со реализација на првата фаза на големиот проект за изградба на подземната инфраструктура на новиот булевар Хрватска, која опфаќа и нова водоводна мрежа која произлегува од градската програма за работа.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, заедно со екипи од ЈП Водовод и канализација Скопје и Секторот за планирање и уредување при Град Скопје, денес извршија увид во реализацијата на овој капитален инфраструктурен проект.
Во оваа фаза од изградбата на водоводната мрежа која се движи на трасата по новопроектираниот булевар Хрватска и заради формирање на прстенеста циркулациона мрежа и создавање на подобри хидраулички услови во градската водоводна мрежа предвидено е поврзување на двата магистрални доводи на вода Рашче со профил од Ф1600 и постоечкиот цевковод со профил од Ф700 на булевар Александар Mакедонски.
Со почеток на реализација на предвидениот магистрален цевковод со профил од Ф700 милиметри, по новопредвиден булевар Хрватска во првата фаза, започнати се градежните активности на поврзување на булевар Александар Македонски кај Естекада. Вкупната предвидена должина на магистралниот цевковод по булеварот Хрватска изнесува 2,8 километри. Реализацијата на овој дел од водоводната мрежа е предуслов за подобрување на водоснабдувањето на целата територија на општина Гази Баба.
Македонија
„Биди хуман- спаси живот”: крводарителска акција во Уставниот суд денеска по повод 60 години oд постоењето
Уставниот суд денеска организира крводарителска акција под мотото „Биди хуман- спаси живот” која ќе се одржи во периодот од 9 до 14 часот во просториите на Судот.
Акцијата за дарување на крв се реализира во соработка со Црвен крст на Република Северна Македонија, на иницијатива на Уставниот суд, по повод 60 години од своето постоење.
Организирањето на оваа хумана активност е иницијатива на вработените од Судот и досега се пријавени над 30 дарители од Уставниот суд, меѓу кои и судии и советници од стручната служба.
Преку оваа крводарителска акција Уставниот суд изразува солидарност и хуманост и истовремено се придружува на апелите на Црвен крст за подигнување на свеста за донирањето на крв и мотивирање на поголем број на луѓе за доброволно дарување.