Македонија
Пресуда за „Титаник“: Јанакиески и Јанкуловска добија затворски казни, Протуѓер условна
Судијата Осман Шабани досуди условни, но и затворски казни во случајот „Титаник“. Сите обвинети што признаа вина беа во судницата, освен Коста Митровски. Судијата посочи дека сите се виновни за што им се одредени казни. На рочиштето беше објаснето како било спречено гласачи да си го остварат гласачкото право, други биле носени од Косово и од Албанија во Македонија за да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, а трети биле потсетувани дека треба да излезат на гласачко место за да гласаат. Миле Јанакиески доби најголема казна – 4,6 години затвор.
Мартин Протоѓер, ексшеф на кабинетот на поранешниот премиер Никола Груевски, доби условна казна, која ќе биде затворска казна од две години ако во рок од пет години стори ново кривично дело. Миле Јанакиески, кој беше министер за транспорт и врски, е осуден на 4,6 години затвор. На Гордана Јанкуловска, ексминистерка за внатрешни работи, изречена ѝ е казна од 2,6 години затвор. Билјана Бришковска е казнета со условна казна, која ќе биде затвор од две години ако направи исто кривично дело во следните пет години.

Исто така, и Катерина Веловска, која беше поранешна заменик-министерка за економија, доби условна казна. На Киро Тодоровски, ексшеф на кабинетот на Јанкуловска, му е досудена условна казна. Мунир Пепиќ, кој е осуден за „27 април“, сега доби казна затвор од една година. Коста Митровски доби три години затвор.
„Груевски давал насоки за дејствата. Протоѓер како генсек на ВМРО-ДПМНЕ, како и Миле Јанакиески, го организирал незаконското финансирање на кампањите со намера да придобијат гласачи. Гордана Јанкуловска како министерка учествувала во организирање на групата со притисоци. Катерина Веловска прифатила во текот на изборните денови да се јавуваат кај гласачи за да излезат или да ги спречат. Киро Тодоровски како шеф на кабинетот на Јанкуловска прифатил да носи граѓани од Косово во Македонија за да гласаат. Мунир Пепиќ прифатил да носи лица од Албанија и Косово во Македонија за да им се даде адреса на живеење во Македонија во општини во кои се потребни гласачи. Припадниците на групата извршиле повеќе кривични дела. Протоѓер барал од Јанкуловска службени лица да бидат распоредени во Охрид за да вршат притисоци“, рече судијата Шабани.

Обвинетите беа гонети за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.
Освен тие што признаа вина, обвинети во „Титаник“ се и поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство, ексгенералниот секретар на тогашната влада, Кирил Божиновски, поранешниот пратеник Илија Димовски, некогашниот градоначалник на Пустец, Едмонд Темелко, како и уште други 12 обвинети за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

