Македонија
Претпладне магла во котлините, попладне сончево со мала облачност

Во текот на ноќта преовладуваше умерено облачно време. Утрово, во одделни котлини има појава на магла и ниска облачност.
Најниска температура е измерена во Берово од -2 степена, -1 – Попова Шапка, 0 – Маврови Анови, Крива Паланка, Битола, Крушево, 1 степен бил измерен во Лазарополе, 2 во Струмица и Куманово, 3 во Претор, Штип, Демир Капија, Виница и Гегелија, 4 во Прилеп и Дојран, 5 во Скопје-Петровец, Тетово, 6 во Охрид, 7 во Скопје-Зајчев Рид.
Денеска претпладне, според УХМР, во одделни котлини ќе има појава на магла и ниска облачност.
Преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе достигне од 10 до 15 степени.
Во Скопје времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб ветер од променлив правец. Максималната температура ќе достигне до 13 степени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Бесплатни училишни ранци и прибор за 𝟦𝟥𝟢 првачиња од општина Ѓорче Петров

Градоначалникот Александар Стојкоски и општина Ѓорче Петров и во 2025 година продолжуваат со традицијата на обезбедување бесплатни училишни ранци и училишен прибор за сите 430 првачиња на територијата на општината. Оваа иницијатива има за цел да им овозможи на децата еднаков почеток и сигурна училишна иднина, велат од Општината
Денеска, во кабинетот на градоначалникот, дечињата кои ја завршија градинката „Росица“ заедно со градоначалникот ги избраа своите нови училишни ранци, кои ќе ги користат од септември.
Покрај тоа, Општината и оваа година ќе обезбеди бесплатна ужинка за секое дете од прво одделение, со цел да се промовираат здрави навики и правилна исхрана, известуваат од таму.
„Грижата за децата е наша најголема обврска и посветеност. Со овие проекти создаваме услови за еднаков почеток, охрабрување и сигурност во нивниот образовен пат“, истакна градоначалникот Стојкоски.
Македонија
Мицкоски: ГРЕКО потврди, Македонија ја напушта ерата на селективна правда и политичка недопирливост

Работата на Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам има особено значење за стабилноста, безбедноста и отпорноста на државата.
Насилниот екстремизам и тероризмот не се само закани по безбедноста, тие се индикатори на подлабоки слабости во системот. И затоа борбата со нив не може да биде изолирана, туку мора да се води паралелно со јакнење на институциите, на правната држава и на јавната доверба, истакна премиерот Христијан Мицкоски на денешата седница на Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам.
„Кога ја презедовме одговорноста да ја водиме државата, најдовме институции заглавени во мрежа од злоупотреби, клиентелизам и системска корупција.
Корупцијата не беше појава, беше правило. Правдата беше селективна. Владата беше сервис на моќни интереси, а не на граѓаните. По години на институционален мрак, извештајот на ГРЕКО кој вчера беше објавен е сигнал дека Македонија се движи напред, кон систем што функционира.
ГРЕКО потврди: Македонија ја напушта ерата на селективна правда и политичка недопирливост“, додаде Мицкоски.
Според него, Групата на држави против корупција на Советот на Европа, испраќа јасна порака: дека постојат видливи резултати, конкретни подобрувања и силна политичка волја за прекин со старите практики.
Првпат по долго време, вели тој, државата не е предмет на критика, туку на признание за сериозен напредок во борбата против корупцијата.
„Знаеме дека екстремизмот, радикализацијата и насилството често цутат таму каде што државата е слаба, а институциите се корумпирани. Затоа, нашата стратегија е јасна: градење на сигурна држава, со функционални институции, професионална полиција и отпорно општество.
Овој Комитет не е симболичен, туку оперативен инструмент. И очекувам од сите учесници, безбедносни, општествени, образовни и локални да дејствуваат координирано, без одлагање и без калкулации.
Продолжуваме со иста сериозност, без еуфорија, но со целосна трезвеност“, нагласи Мицкоски.
Македонија
Го фатила за врат снимателот, му удрила и бокс, го нападнала и новинарот: обвинение против две лица за нападот кај отпадот во Визбегово

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против две лица што се товарат дека како соизвршители сториле кривично дело спречување службено лице во вршење службено дејство од член 382 став 3 во врска со став 2 и став 1 од Кривичниот законик.
На 9 јули, во близина на отпад за старо железо на улицата Индира Ганди во Скопје, обвинетите маж и жена заедно, со употреба на сила, ги попречиле оштетените новинар и снимател на ТВ „Алсат М“ во нивините службени дејства, односно да известуваат за настанатиот пожар на отпадот во Визбегово.
Новинарот и снимателот, со телевизиски беџови, пристигнале на локацијата за да снимаат прилог, но двајцата обвинети најпрвин им кажале дека немаат дозвола за снимање затоа што отпадот бил приватен имот на кој тие се сопственици. Кога телевизиската екипа сепак продолжила со вршење на нивната службена дејност, најпрвин жената физички го нападнала снимателот, го удрила со нога и со бокс, го фатила за вратот и ја превртела и ја оштетила камерата. Новинарот застанал меѓу нив за да ги заштити снимателот и опремата и почнал да снима со мобилен телефон.
Обвинетата го удрила и него со нога, му го удрила телефонот, кој паднал на земјата, и му го одзела. Во тој момент пристапил и обвинетиот со закани и навреди, па на новинарот му удрил шлаканица и го избркал од местото.
Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на претходно определените мерки – притвор за обвинетиот и куќен притвор за обвинетата.
Во исто време, како што соопштија од Обвинителството, продолжува и предистражната постапка во однос на настанатиот пожар на отпадот и последиците од него. Надлежниот јавен обвинител и вчера вршеше увид на самото место на локацијата која е обезбедена. До Основното јавно обвинителство Скопје се доставени и резултатите од мерењата на токсичните материи во воздухот во Скопје непосредно по пожарот, што по барање на надлежниот јавен обвинител ги изврши специјален тим од четата за атомско-биолошка и хемиска одбрана на АРМ. Тие резултати се анализираат, а во меѓувреме се преземаат и други дејства со цел да се испитаат сите сомненија за евентуално кривично дело и загрозување на животната средина со отпадни материи.