Македонија
Претседателот Пендаровски во посета на Берово
Претседателот Стево Пендаровски денеска во Берово го посети Дневниот центар за лица со ментална или телесна попреченост при Јавната установа Меѓуопштински центар за социјална работа, каде што беа пуштени во употреба кабинети за физикална и хидротерапија, како и сензорна соба наменета за деца и лица со аутистичен спектар на нарушувања.
Под покровителство на претседателот Пендаровски, минатата година Амбасадата на Народна Република Кина во Република Северна Македонија обезбеди финансиски средства во износ од еден милион петстотини и четириесет илјади денари, наменети за реконструкција на овој Дневен центар, односно за опремување на кабинетите и на сензорната соба.
Во Дневниот центар претседателот Пендаровски беше запознаен со начинот на кој функционираат кабинетите и сензорната соба, како и со очекувањата за нивниот придонес кон овозможување поквалитетна услуга и личен развој на корисниците.
Претседателот Пендаровски изрази задоволство од успешно спроведениот проект, нагласувајќи ја потребата од натамошно актуелизирање на предизвиците со коишто се соочуваат лицата со попреченост, како и од континуирано подобрување на условите и грижата за најранливите категории граѓани, со цел унапредување на нивните права и достоинство. Во тој контекст упати благодарност до кинеската амбасада за севкупната поддршка во реализацијата на проектот којшто е од исклучителна важност за овој регион.
Претходно, претседателот ја посети Територијалната противпожарна единица Берово каде што се сретна со пожарникарите и со дел од волонтерите коишто учествуваа во справувањето со пожарите што минатата година го зафатија регионот. Претседателот Пендаровски беше информиран за предизвиците со коишто се соочуваат пожарникарите, за опремата со која располагаат, како и за капацитетите и подготвеноста на противпожарната единица ефикасно да одговори при евентуални непогоди во тековниот период.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски се сретна со министерот за надворешни работи на Литванија: посебен акцент во разговорот ставен на европските интеграции
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денес и утре престојува во работна посета на Вилнус, Литванија. Во рамки на првиот ден од посетата, тој оствари средба со својот домаќин, министерот за надворешни работи Кештутис Будрис.
Двајцата министри изразија задоволство што посетата се реализира во годината кога двете држави одбележуваат 30 години дипломатски односи. Притоа, тие ја нагласија подготвеноста за унапредување на партнерството и соработката во повеќе области од заемен интерес.

Разговорите опфатија низа теми, меѓу кои билатералната соработка, координацијата во рамките на мултилатералните организации и партнерството во НАТО. Посебен акцент беше ставен на европските интеграции, при што беше нагласена потребата од заеднички и засилен ангажман за забрзување на процесот, особено во светло на претстојното литванско претседавање со Советот на ЕУ.

Муцунски ја изрази благодарноста за континуираната поддршка од Литванија, како и за солидарноста и помошта што државата ја доби по пожарот во Кочани.

Министрите разговараа и за актуелните безбедносни прашања, вклучително состојбата во Украина и предизвиците поврзани со европската безбедност и стабилност во регионот.
Македонија
Герасимовски: Општина Центар останува отворена за најмладите, учиме како се гради современа заедница
Во Општина Центар се одржа едукативна посета на ученици од повеќе основни училишта, во рамки на наставната програма посветена на локалната самоуправа и нејзиното функционирање.
Градоначалникот Горан Герасимовски на учениците им ја претстави работата на општинските служби, процесите на носење одлуки и начинот на кој локалната самоуправа ги реализира проектите што го подобруваат секојдневието на граѓаните. Децата учествуваа со прашања поврзани со урбанизмот, комуналните услуги и плановите на општината.
„Особено ми е драго кога најмладите покажуваат интерес за тоа како функционира нашата општина. Нивната љубопитност и желба за знаење се доказ дека градиме одговорни и свесни идни генерации. Општина Центар секогаш ќе остане отворена за вакви едукативни средби,“ истакна градоначалникот Герасимовски.
Во рамките на посетата беше реализирана и креативна работилница во соработка со младински и еколошки организации, со која учениците преку цртеж и игра учеа за важноста на заштитата на животната средина и одржливиот развој.
„Општина Центар продолжува да инвестира во младите преку едукативни програми, проекти и активности што ја поттикнуваат нивната вклученост во заедницата и градењето на подобра иднина“.
Македонија
Во Кучевишка Бара се гради нов спортско-рекреативен центар на 2000 метри квадратни
Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, денес изврши увид во градежните активности за изградба на новиот спортско-рекреативен центар во населбата Кучевишка Бара.
Комплексот ќе се простира на површина од 2000 метри квадратни и ќе вклучува фудбалско игралиште со висококвалитетна вештачка трева, детско игралиште, летниковец, нови клупи, парк и зелени површини.
Од Општина Бутел порачаа дека општината се менува, а маалскиот дух се негува, со цел да се создадат можности за редовно практикување спорт и рекреација за сите граѓани.

