Македонија
Привремен сообраќаен режим на дел од булеварот Христијан Тодоровски-Карпош

Град Скопје ги известува граѓаните дека од 7 часот целосно ќе биде затворен за сообраќај делот од булеварот Христијан Тодоровски-Карпош, на потегот од улицата Ферид Бајрам до улицата Боца Иванова, поради изведување градежни активности за асфалтирање на коловозот. За време на градежните работи, сообраќајот во овој дел од градот ќе биде пренасочен по околната улична мрежа.
Сообраќајот на оваа делница, додека траат градежните активности, ќе го регулираат и униформирани полициски службеници или други овластени службени лица. Од Град Скопје апелираат до сите учесници во сообраќајот да се придржуваат на привремено поставениот сообраќаен режим, да ја почитуваат поставената патна сигнализација и да ја приспособат брзината на движење на условите на патот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Општина Аеродром од 5 мај почнува голема пролетна акција за бесплатно собирање кабаст отпад

Општина Аеродром од 5 мај (понеделник) почнува голема пролетна акција за бесплатно собирање кабаст отпад на целата територија на општината што ќе трае до крајот на јуни, што всушност претставува континуитет од минатата година, кога се спроведе есенска акција.
Во соработка со ЈП за комунални дејности на Општина Аеродром, на повеќе локации ќе бидат поставени садови во кои граѓаните ќе можат да го оставаат својот стар и дотраен мебел.
Акцијата ќе почне од населба Мичурин каде што на 5 мај (понеделник) и на 6 мај (вторник) садовите ќе бидат поставени на улица „Анастас Митрев“ зад паркот до трансформаторот и на улица „Венјамин Мачуковски“ до трансформаторот кај Железничка станица.
Потоа, на 7 мај (среда) и на 8 мај (четврток) жителите на Острово својот кабаст отпад ќе можат да го оставаат на улица „Владимир Комаров“ бр. 9 до контејнерите, како и на „Владимир Комаров“ број 16 зад ТЦ „Скопјанка“.
Кабастиот отпад е планирано да се собира речиси до крајот на јуни, а жителите за сите локации и датуми можат да се информираат на страницата на општината aerodrom.gov.mk, каде што е објавен планот со точните датуми и локации.
„Општина Аеродром ваквата акција ја спроведува со цел да им се излезе во пресрет на аеродромци да можат бесплатно да го отстранат стариот мебел од своите домови. Со тоа истовремено ја заштитуваме животната средина од несовесно фрлање отпад, при што се создаваат диви депонии што ја загадуваат околината и се лоша слика за Аеродром. Иста ваква акција Општина Аеродром спроведе и во текот на август и септември, минатата година, при што од точно 41 локација, беа собрани околу 70 тони отпад“, информираат од Општината.
Македонија
ДУИ: ВМРО-ДПМНЕ никогаш повеќе нема да одлучува за политичкото претставување на Албанците

Изјавата на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ дека соработката на една албанска партија со ДУИ е политичко самоубиство не е ништо друго освен доказ за нивната опасна амбиција за инженеринг на албанската политичка сцена, со цел создавање на марионетска албанска структура под целосна контрола, и истовремено доказ за нивната омраза и одмазда кон ДУИ и Албанците – мотивирана од длабоки геополитички, антиевропски и шовинистички цели, велат од ДУИ.
„Зошто оваа омраза кон ДУИ и Албанците? Прво, затоа што ДУИ ја интегрираше државата во НАТО – чекор кој ги вознемири нивните руски спонзори и не дозволи државата да се приклучи во „српскиот свет“. Второ, затоа што ДУИ ја одржа европската перспектива на државата – што ги исплаши олигарсите кои се надеваа дека, држејќи ја државата надвор од ЕУ, ќе го задржат монополот врз нивните криминални приватизации. Трето, затоа што преку европската агенда, државата е ставена под строго набљудување преку Поглавјата 23 и 24, кои се однесуваат на владеењето на правото. Ова ги плаши корумпираните политичари кои очекуваа да продолжат со своите активности во мракот на правна неказнивост. Четврто, затоа што ДУИ го имплементираше Рамковниот договор, кој донесе еднаквост меѓу сите заедници – нешто што ги вознемирува националистичките кругови кои сонуваа за етничка надмоќ врз другите граѓани. Петто, поради амбицијата да се создаде марионетска албанска структура која ќе им служи на антиевропските, дискриминаторски политики на оваа антидржавна власт“, велат од ДУИ.
Според партијата, ова се вистинските причини за нивната фобија од ДУИ – затоа што ДУИ промовира држава на еднакви, го чува мултиетничкиот карактер, ги отвори евроатлантските порти и ја оддалечи земјата од авторитарните и антиевропските проекти.
„ВМРО-ДПМНЕ никогаш повеќе нема да одлучува за политичкото претставување на Албанците. Албанците ќе одлучуваат самите“, велат од ДУИ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ до Бујар Османи: Единствениот свет во кој е ДУИ е светот на корупцијата

Дали Бујар Османи го презеде лидерското место во ДУИ, а Али Ахмети се повлече? Дали станува збор за внатрепартиски договор, некаква транзиција или лична амбиција на Османи? Или можеби тој сега е само портпарол на партијата? Како и да е, треба да знае – а и сигурно знае – дека единствениот свет во кој треба да завршат корумпираните функционери на ДУИ е светот на правдата, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Како во најмрачните времиња на српските кланови, денешната структура на Бујар Османи, прави се’ за да им нанесе штета на институциите, само за да не се обелодени нивното мрачно 20годишно досие. Дури и начинот на комуникација на ДУИ е сличен на озогласените „сурчински“ или „земунски“ кланови: со навреди и со закани, но всушност без никаква моќ да го сменат текот на правдата. Османи, поразениот министер кој беше симбол на молчењето пред сите скандали на ДУИ, денес повторно се обидува да влезе во политичката арена преку лажен патриотизам и заплашување на граѓаните“, обвинија од ВМРО-ДПМНЕ.
Наместо да одговори зошто за време на неговиот мандат се молчеше пред уцените од Бугарија, зошто се деградираше позицијата на државата на меѓународен план, и зошто ДУИ 20 години ја користеше власта исклучиво за лични и партиски цели, велат од партијата, Османи се обидува да создаде нова поделба и тензија.
„Владата нема потреба да бара ничија дозвола за да ја води надворешната политика на Македонија. Тоа е уставна обврска и право, добиено директно од народот. Македонија е демократска држава, а не приватна територија на ДУИ која треба да се раскрчми – како во минатото. Доста е од политичари кои ја сведуваат државата на етничка апанажа. Сите сме еднакви граѓани на оваа држава. Доста е од лаги за „српски светови“, „големи Албании“ и други лаги со кои Османи и ДУИ ја одржуваа својата моќ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму додаваат дека ако Османи навистина сака да зборува за „прашање до Албанците“, нека им одговори на граѓаните кој му го даде правото да го потпише Францускиот предлог без консензус, кој му го даде правото да молчи за криминалот во ДУИ и кој му го даде правото да ги дели Албанците на „вистински“ и „предавници“ според тоа дали го поддржуваат ДУИ?
„Секој што се чувствува Албанец, Македонец, Турчин, Србин, Влав, Бошњак или Ром има исти права и одговорности. Меѓутоа, никој нема право да ја приватизира надворешната политика, да ја дели државата и да ги лаже граѓаните. Тие што мислеа дека се вечни, нека се помират со реалноста: времето на ДУИ конечно заврши“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.