Македонија
Примањата на дипломатите се под секое ниво на достоинство, реагира Македонскиот дипломатски синдикат
Македонскиот дипломатски синдикат изразува загриженост од последната изјава на министерот Бујар Османи, во која, како што велат, покажува виден интерес единствено за сопствената плата и притоа во ниеден момент не се осврнува на деградирачките плати кои станаа стандард во министерството со кое раководи.
„Фрапантно е што на првиот човек во дипломатијата не му е важно со колкави примања живеат професионалните дипломати. Синдикатот во повеќе наврати алармира на фактот дека просечната плата во МНР е под просекот во државата, а воедно е најниска споредена со дипломатите во регионот.
Очигледно овие барања и апели не допреле до таткото на куќата и, најверојатно, завршиле во некоја од корпите за отпадоци. Примањата на дипломатите се под секое ниво на достоинство за оваа фела.
Итно бараме во иста пропорција со платите на функционерите да бидат зголемени и примањата на дипломатите, особено што товарот на секојдневната работа е на тие со примања под државниот просек“, велат од Синдикатот.
Притоа, како што додаваат, целосно ги отфрлаат неприфатливите оправдувањата дека не постои тековно законско решение за уважување „барем на дипломатскиот статус кога во актуелниот Закон за надворешните работи се предвидува додаток за дипломатско звање, кој во овој момент изнесува срамни бруто 163 денари за највисокото дипломатско звање амбасадор“.
МДС укажува дека ситуацијата е алармантна и неодржлива и инсистираат за итно постапување по нивните барања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во израелски напади во Газа убиени 17 лица, меѓу нив шест деца
Во израелски напади на северот и југот на Појасот Газа убиени се најмалку 17 Палестинци, меѓу кои и шест деца, соопштија локалните болници, пренесе Би-Би-Си.
Израелската војска наведува дека нападите уследиле откако, според нив, „терористи отвориле оган и тешко раниле еден војник“ на северот на Појасот Газа, во близина на таканаречената Жолта линија, која според договорот за прекин на огнот со Хамас означува територија под контрола на Израел. Како одговор, биле изведени прецизни удари од копнени и воздушни сили, поради, како што наведуваат, „очигледно кршење“ на примирјето.
Болницата Ал-Шифа во Газа соопшти дека примила тела на 13 лица, меѓу кои пет деца, по напади врз шатори и домови во источните квартови Зеитун и Туфа. Во болницата Насер во Хан Јунис биле донесени тела на уште четири жртви, меѓу кои и едно дете.
Од стапувањето во сила на примирјето на 10 октомври, Израел и Хамас речиси секојдневно меѓусебно се обвинуваат за негово кршење. Министерството за здравство во Газа, под контрола на Хамас, наведува дека од тогаш во израелска ватра загинале најмалку 529 луѓе, додека Израел соопштува дека во палестински напади загинале четворица нивни војници.
Македонија
СДСМ му оддаде почит на македонскиот великан Гоце Делчев
Делегација на СДСМ предводена од генералниот секретар Александар Саша Димитријевиќ, заедно со членовите на Извршниот одбор, Наташа Поповиќ и Петар Огњеновиќ, денеска оддаде почит и се поклони пред ликот и делото на македонскиот великан Гоце Делчев.
„Идеалите на Гоце Делчев за слободна, праведна и напредна Македонија и денес се силен потсетник дека иднината се гради со храброст, знаење и единство. Наша должност е да ги чуваме и живееме тие вредности, секој ден.
Нека е вечен споменот на македонскиот великан Гоце Делчев“.
Македонија
Мицкоски: Очекувам раководството на ССМ да излезе од партиската прегратка и да се договори со Владата во интерес на административците
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, изјави дека очекува неколкумина од раководството на Сојузот на синдикати да излезат од, како што рече, партиската прегратка и да постигнат договор со Владата во интерес на работниците, односно на административните службеници.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со утрешната средба со УПОЗ и очекувањата, Мицкоски нагласи дека дел од вработените во јавната администрација сè уште немаат договорен Колективен договор со Владата.
„Очекувам да излезат од партиската прегратка тие неколкумина во раководството на Сојузот на синдикати и да се договорат со Владата во интерес на работниците, односно во интерес на административните службеници, бидејќи уште тие, како што многу пати кажав во минатото, уште тие 7.700–7.800 наши колеги немаат со Владата договорен Колективен договор, сите останати имаат“, изјави премиерот.
Тој додаде дека со ваквиот договор Владата, како работодавач, ќе ги заокружи односите со сите вработени до истекот на мандатот.
„Со ова, Владата како работодавач ги заокружува односите до истекот на мандатот на оваа Влада, до 2028 година, со сите оние на чии работодавач директен или индиректен е Владата“, рече Мицкоски.

