Македонија
Пристап од едно место до сите геопросторни податоци
Претставници на 20 државни институции со користење европски искуства се обучуваат да креираат и стандардизираат геопросторни податоци во своја надлежност со што ќе овозможат да бидат достапни преку геопорталот за Национална инфраструктура на просторни податоци (НИПП) на Катастарот.
На тридневната работилница, што се одржува од денеска во Скопје во организација на македонскиот Катастар, претставници на Државната геодетска управа на Хрватска и на Шведскиот катастар, пренесуваат искуства за изработка на мета податоците и нивна валидација.
Целта на работилницата е да се зголеми свесноста за потребата од развивање и споделување геопросторни податоци преку сервиси, во согласност со европската директива Инспире.
„Ова е добра можност сите државни институции своите сетови на просторни податоци да ги стандардизираат, тие што ги немаат да ги соберат, точно да се определи кој за што е надлежен, да се направат метаподатоци за производите кои ги имаат, и сите сплотени заедно да се објават односно да зрачат кон националниот геопортал“, изјави директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпески.
Според Томислав Цицили од хрватската Државна геодетска управа, воспоставувањето на националната инфраструктура на податоци влијае на транспарентноста на податоците од јавниот сектор во областа на просторните податоци.
„Тоа е всушност првпат податоците на јавниот сектор систематизирано и транспарентно да се претстават пред сите, што индиректно ќе придонесе за зголемување на квалитетот на податоците, а крајните корисници од едно место ќе имаат пристап до сите податоци кои се креираат во јавниот сектор од едно место, што на сите ќе им го олесни животот“, изјави Цицили.
Во Националната инфраструктура на просторни податоци на РМ членуваат 10 министерства, седум владини агенции, Град Скопје и две стопански комори. Законска должност на секој НИПП субјект е да креира метаподатоци на стандардизиран начин користејќи го националниот профил за метаподатоци, кој е достапен и на националниот НИПП геопортал./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) СДСМ бега од темата Груби и од борбата против корупцијата, рече Петрушевски
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција оцени дека Социјалдемократскиот сојуз, како што рече, бега од темата Груби, и наместо да го поздрави справувањето со криминалот, нуди приказни за театар и циркус.
„Времето покажува дека на СДС – безрбетна најдобро ѝ оди кога нешто треба да се продава, распродава и да се мести. И тоа е така без разлика дали тоа е местење на тендери или продавање на државата“, изјави Петрушевски.
Тој рече дека партијата наместо да поздрави, како што наведе, „чин на справување со незаконити дејствија, криминал, фаќање на лица кои бегаат или бегале од правдата“, се занимава со други теми.
„Очигледно е зошто го прават тоа, веројатно затоа што во конкретниот случај со Артан Груби не можат ни да се сетат во што се биле заедно вмешани, во какви зделки, коруптивни активности или криминал. Поточно во што се шурувале“, изјави Петрушевски.
Тој додаде дека актуелното раководство на СДСМ, меѓу кои ги спомена Венко Филипче, Оливер Спасовски, Јованка Тренчевска и Јон Фрчкоски, „кажуваат секојдневно некакви приказни“, но дека суштината, според него, е борбата против корупцијата.
„Професионална, координирана активност на надлежните служби за да се фати бегалец од правдата покажува на дело дека сега борбата со корупцијата и криминалот е решителна“, изјави Петрушевски.
Тој нагласи дека за ВМРО-ДПМНЕ клучна е борбата со корупцијата и криминалот и, како што рече, „поставувањето на здрави темели на начелото на владеење на правото“.
Македонија
Кардиологија и Кардиохирургија стануваат еден центар: заштедите од спојувањето ќе одат во опрема и едукација, најави Алиу
Владата на последната седница, која се одржа минатиот вторник(24.02.2026), на предлог на Министерството за здравство, донесе одлука за спојување на Клиниката за кардиологија и Државната клиника за кардиохирургија, со цел обезбедување повисок степен на интегрираност, координација и ефикасност во третманот на пациентите со кардиоваскуларни заболувања, преку рационално искористување на постојните човечки, просторни и технолошки ресурси на двете установи.
„Со донесената одлука за спојување на двете клиники формираме единствен центар на терциерно ниво за кардиоваскуларна медицина, кој овозможува континуитет на дијагностичко-терапевтскиот процес, од превенција и дијагностика, до интервентен и хируршки третман. Преку укинување на административните дупликати и оптимизација на организациската структура, создаваме предуслови за заштеда на средства кои ќе се реинвестираат во унапредување на квалитетот на услугите, модернизација на медицинската опрема и професионална едукација на кадарот“, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
На овој начин ќе се овозможи подобра искористеност на капацитетите, односно зголемен број интервенции со интеграција на лабораториските, стерилизациските и операционите служби. Пациентите ќе добиваат комплетна кардиолошка и кардиохируршка грижа во рамки на единствена установа, без административни пречки и чекање трансфер, што значи поголема достапност и континуитет на здравствените услуги.
Воедно, спојувањето на клиниките ќе придонесува кон развој во сегментот на едукација и истражување, со креирање обединет академски центар со повеќе можности за обука на специјализанти, супспецијализанти и развој на научни програми.
Македонија
Исчистен просторот кај СЦ „Борис Трајковски“, подигнати 3.500 м³ отпад за 100 дена
Општина Карпош спроведе сериозни активности за уредување на јавните површини. Дивите депонии на повеќе локации се расчистени, а просторот околу Спортскиот центар „Борис Трајковски“ е целосно исчистен. На потегот кај „Скупи 5“ и кон Бардовци се подигнати над 3.500 кубни метри отпад, информираат од општината.
Покрај тоа, од општината велат дека се реализирани повеќе од 50 интервенции на јавното осветлување, спроведена е редовна дератизација и одржување на противпожарната инфраструктура во училиштата и градинките. Исто така, објавен е повик за стерилизација на улични мачки, а во училиштата започнаа активности за производство на компост и намалување на аерозагадувањето.

