Македонија
Присуството на Европската Унија во регионот е најдобриот лек за тензиите на Балканот: Петровска од Варшавскиот безбедносен форум
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, учествуваше на дискусијата на високо ниво на тема „Европа во војна: Зацврстување на колективната одбрана на НАТО“, на која заедно со претседавачот со Воениот комитет на алијансата, адмиралот Роб Бауер, словенечкиот министер за одбрана, Марјан Шарец, и министерот за вооружените сили на Обединетото Кралство, Џејмс Хипи, со модерација од поранешниот командант на Армијата на САД за Европа, генерал-потполковник во пензија, Бен Хоџис, разговараше за состојбата на Косово, европските интеграции на земјите од регионот, регионалната соработка, како и поддршката за Украина и руското влијание во овој дел од Европа.
За Северна Македонија, потенцира министерката Петровска, прв приоритет е вложувањето во одбраната и градењето на капацитетите на Лесната пешадиска баталјонска група како наша НАТО-цел на способност.
„Секоја инвестиција што ја правиме во одбраната не е инвестиција што ја правиме само затоа што сме земја членка на НАТО, но, пред сè, го правиме за да го зајакнеме нашиот национален одбранбен систем и секако да придонесеме за колективниот систем на одбрана на НАТО. В година ќе одвоиме 2 % од домашниот бруто-производ за одбрана, но уште поважно е дека повеќе од 30 % од тие средства ќе бидат инвестирани во модернизација и опремување“, рече министерката.
Таа истакна дека Северна Македонија како членка на НАТО не е само корисник на придобивките од членството, туку и активно придонесува кон системот на колективна одбрана.
Во однос на хибридните закани и штетните дезинформации, кои доаѓаат од разни актери, министерката посочи дека целта на руските дезинформациски кампањи е да се поткопа авторитетот на Министерството и неа лично како министерка и дека најдобриот начин за справување со ова влијание се транспарентноста, отвореноста и постојаната размена на информации. Петровска посочи неколку примери, како што е дезинформацијата дека се намалува борбената готовност на Армијата со донациите на воена опрема на Украина, при што истакна дека отпорноста ја градиме со повеќе чекори.
„Прв чекор е да сте свесни каде цели руското влијание во Северна Македонија и ние сме свесни за тоа. Второ, треба да имаме јасна политичка посветеност дека сакаме да се справуваме со ова руско штетно влијание и ние тоа во Северна Македонија го имаме и, трето, да преземеме одредени мерки и активности и го правиме тоа“, истакна министерката. Додаде дека изминатиот период повеќе од 20 лица беа прогласени за персона нон грата зашто беше утврдено дека тие не работат во согласност со дипломатските правила и дека се обидуваа да имаат негативно влијание на домашните работи и работата на институциите.
Министерката Петровска рече дека земјите од Западен Балкан имаат слабости, кои се препознаваат, но за разлика од западните демократии, кои се обидуваат да помогнат во надминување на слабостите, Русија ги злоупотребува за продлабочување на разликите и создавање кризи.
За помошта и поддршката на Украина, министерката истакна дека досега Северна Македонија има донесено повеќе од десет одлуки за донација и дека државата е подготвена да ја продолжи оваа помош во согласност со барањата од Украина и домашните капацитети сè додека е потребно.
„Ние сме свесни дека Украина се бори во војна, која е важна за сите нас. Тие се борат за нивното право да живеат во суверена и независна земја како што е нивната, така што тие ја заслужуваат нашата поддршка на секој можен начин“, заклучи министерката.
Министерот за одбрана на Словенија, Марјан Шарец, зборувајќи за интегративните процеси во регионот, порача дека членството во НАТО за Северна Македонија и Црна Гора е одличен чекор, но дека треба да оди заедно со членството во Европската Унија.
„Присуството на Европската Унија во регионот е најдобриот лек за тензиите на Балканот и затоа земјите од Западен Балкан треба да станат полноправни членки на Унијата колку што е можно побргу“, рече министерот Шарец.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одбиена тужбата на „Европскиот фронт“ за избирачкото место во Долнени
Управниот суд ја одби како неоснована тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија” за избирачкото место 1470 во Долнени на Парламентарните избори 2024.
„Европскиот фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024.
Досега Управниот суд ja одби како неоснована и тужбата за избирачкото место 1194, во Општина Крушево.
Македонија
Мицотакис со предупредување: Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат Договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис уште еднаш ја предупредува Македонија дека прекршувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу двата соседа, ќе ги загрози амбициите на балканската земја за членство во ЕУ, пишува грчки „Катимерини“
Говорејќи од градот Верија во северна Грција за време на неговата кампања пред изборите за Европскиот парламент во јуни, Мицотакис изјави дека трите меморандуми за разбирање поврзани со договорот од 2018 година нема да бидат ратификувани од Парламентот се додека новото раководство во Скопје продолжи со прекршување на договорот.
„Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да бидат ратификувани освен ако не се почитува она што го предвидува договорот“, рече тој.
Македонија
Европски фронт: Скандалозен јавен политички притисок врз Управниот суд од страна на поразените на изборите
Европскиот фронт со голема загриженост ги проследи денешните скандалозни заканувачки изјави на лидерите на опозицијата кои загубија на претседателските и парламентарните избори кон Управниот суд, соопштија од оваа партија.
Европскиот фронт, како што велат, ги регистрирал заканитеи ја известил целата меѓународна заедница и сите локални и меѓународни институции за јавните изјави со закани како и обидот за изборен инженеринг со надворешно-институционални меѓупартиски договори за гласање и надгласување во Државната изборна комисија, како и со партиски притисоци до управниот суд.
Според нив, таквиот обид за изборен инженеринг има за цел да го промени односот на бројките во Собранието преку политички договор на маса.
„Со политички договори и монструозен антидемократски план, изготвен во партиските штабови на ВМРО, СДСМ и Влен, се прави обид да се наруши волјата на граѓаните.
Седницата на Државната изборна комисија беше скандалозна демонстрација на прегласување и суспендирање на принципите на Охридскиот договор.
Ги повикуваме сите институции да постапат согласно Законот, без партиски или политички директиви од која било партија и да го заштитат кредибилитетот на изборниот процес до крај, без да се стави никаква дамка на волјата на граѓаните изразена на изборите“, реагираат од Европскиот фронт.