Македонија
Притисоци врз пратеници нема, условите на ВМРО-ДПМНЕ им ги испочитувавме, вели Ковачевски за уставните измени
Нема притисоци врз било кој пратеник во Собранието за носење на било која одлука, па дури и за гласањето на уставните измени. Ова го тврди премиерот Димитар Ковачевски. Тој се осврна и на реториката која ја застапува ВМРО-ДПМНЕ. Премиерот посочува дека опозициската партија едно зборува пред јавноста друго пред странскиот фактор.
„Сакам да демантирам било каков притисок кон било кој пратеник во Собранието, од било која политичка партија. Тоа ниту се случило, ниту се случува, ниту ќе се случи. Бевте сведоци на гласањето на францускиот предлог минатата година, кога и пратениците од мојата политичка партија беа слободни да гласаат така како што сметаат дека треба да гласаат. Предлогот беше донесен со 61 глас ‘за’ и ниту еден глас ‘против’. Бидејќи овие што беа против не влегоа да гласаат против, туку излегоа надвор. ВМРО-ДПМНЕ не гласа против, тие зборуваат против и излегуваат надвор, за да не им замери некој од странство. Бидејќи реториката на ВМРО-ДПМНЕ во јавноста и пред странските претставништва е тотално различна. Тие ќе тропаат, палат, а кога треба да се гласа – се излегува надвор“, рече Ковачевски.
Прашан дали амандманите за измените на Уставот ќе се најдат на денешната владина седница, Ковачевски рече дека се уште не се изготвени.
„Денеска нема да бидат на седница на Влада. Кога ќе ги средат службите ќе бидат ставени“, додаде Ковачевски.
Тој смета дека на ВМРО-ДПМНЕ им се исполнети сите услови за да поддржат уставни измени.
„Платформата за заеднички разговор која беше договорена на лидерската средба, бидејќи сите услови на лидерската средба беа испочитувани, бидејќи таму Христијан Мицкоски кажа дека ВМРО-ДПМНЕ нема проблем со промена на Уставот и внесување на бугарскиот народ, изрази желба да биде дел од Влада – јас понудив братски, половина со половина министерски места. Бараше ДУИ да не биде дел од Влада, тоа беше прифатено. И Алијанса и БЕСА рекоа дека нема да бидат, а тоа значи на ВМРО-ДПМНЕ му се ослободуваат уште министерски места“, додаде Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пуштена во употреба реконструираната обиколница во Крива Паланка
Реконструираната обиколница во Крива Паланка е пуштена во употреба.
На настанот присуствуваше премиерот, Христијан Мицкоски, кој нагласи дека Владата продолжува со реализација на капитални инвестиции.

Тој посочи дека ваквите проекти претставуваат додадена вредност за граѓаните и за економијата и најави дека во наредниот период во Крива Паланка и во регионот ќе се реализираат инвестиции во вредност од неколку стотици милиони евра.
„Крива Паланка е влезна точка на делот од Коридорот 8 во Македонија“, рече Мицкоски, додавајќи дека меѓу приоритетите се третата фаза од железничката пруга, забрзување на втората фаза, како и нови патни делници кои ќе го заобиколат влезот во Куманово за сообраќајот кон исток.

Премиерот истакна дека Владата останува фокусирана на капитални инвестиции, при што како клучни ги наведе Коридорите 8 и 10, со приоритет на патничко, железничко и енергетско поврзување.
Мицкоски оцени дека инвестициите ќе придонесат за економски раст и ќе создадат услови за развој на локалните заедници, изразувајќи очекување дека дел од иселените граѓани ќе се вратат и ќе продолжат да живеат и работат во земјата

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој се обрати од настанот, рече дека со изградбата на експресниот пат Страцин–Крива Паланка, реконструкцијата на обиколницата и модернизацијата на граничниот премин Деве Баир целосно се развива источното крило на Коридор 8.
Тој посочи дека реконструкцијата на обиколницата, во должина од 4,5 километри, е инвестиција од 1,2 милиони евра и претставува значајно поврзување со Бугарија како витален дел од Коридор 8. Додаде дека во тек е модернизација и проширување на граничниот премин Деве Баир, при што првата фаза се очекува да заврши до јуни, а потоа ќе следи проширување на капацитетите.

Николоски нагласи дека во соработка со ЕУ се бара решение и за модернизација на делницата Страцин–Романовце, како и дека интензивно се работи на железничкото поврзување кон Исток. Потпишан е договор со Бугарија за прекуграничниот тунел, а се очекува Крива Паланка да биде поврзана со Скопје со дневна железничка линија.
Македонија
Кривични пријави за 10 возачи поради возење без возачка дозвола
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишиле од слобода 10 возачи, од кои пет лица за возење под дејство на алкохол, на територија на Куманово, Кривогаштани, Битола и двајца во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи.
-Исто така, четири лица се санкционирани затоа што управувале возило без возачка дозвола, на територија на тетовско, Гостивар, Гевгелија и Кавадарци. Еден возач е лишен од слобода поради возење со забрана за управување возило од Б категорија, и тоа во Скопје. По целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави, посочува МВР.
Апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.
Македонија
Бегај пречекан со високи почести во Гостивар, Валбон Лимани му го додели „Клучот на градот“
На свечена церемонија со високи почести, градоначалникот на Општина Гостивар, Валбон Лимани, вчера оствари официјална средба со претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај.
Во просториите на Општина Гостивар, во присуство на пратеници од регионот, општински советници, претставници на верските заедници и истакнати личности од градот, градоначалникот Лимани му го врачи на претседателот Бегај „Клучот на градот“ – највисокото признание што го доделува Општина Гостивар на личности со посебен придонес и значење.
Во своето поздравно обраќање, градоначалникот Лимани ја оцени посетата како момент со посебна политичка и емоционална тежина за градот, истакнувајќи ја симболиката што ја носи присуството на Претседателот на Албанија во град претежно населен со Албанци.
„Посебна чест е што на почетокот на мојот мандат како градоначалник на Општина Гостивар, да му кажам во ваше и во мое лично име: Добредојдовте во Гостивар, Претседателе на Република Албанија. Вашето доаѓање има посебна симболика за нас“, изјави Лимани.
Тој ја оцени улогата на претседателот Бегај во достоинственото претставување на Албанија и на Албанците ширум светот, особено во време на предизвици и значајни геополитички случувања, нагласувајќи дека неговото лидерство внесува смиреност, сигурност и национална гордост.
Во образложението за доделувањето на признанието се наведува: „На Претседателот на Република Албанија, г. Бајрам Бегај, за достоинственото и мудро застапување на сите Албанци и пошироко, низ целиот свет.“
Врачувајќи го симболичниот клуч на градот, градоначалникот Лимани истакна дека со овој чин за претседателот Бегај отворени се сите врати во Гостивар, оценувајќи го овој момент како еден од најзначајните настани во неговиот мандат.
Посетата на претседателот Бегај во Гостивар беше оценета како потврда за силните врски меѓу Албанците и важен чекор кон продлабочување на соработката и националното единство.

