Македонија
Продолжуваат активностите за обнова на „Партизан“
Во тек е подготовката на основен проект за новиот изглед на спортската сала „Партизан“, откако претходно, со вклученост на јавноста, се избра и идејното решение. Општина Карпош продолжува со континуирана соработка со Меѓународната невладина организација „Културно ехо“, која се однесува на: изработување концепт и стратегија за сите фази во процесот на ревитализација на салата, подготовка на програма за долгорочно и ефикасно управување на „Партизан“, низ призма на современ и мултифункционален спортски центар и др.
За реализација на овие цели, градоначалникот Стефан Богоев го потпиша меморандумот за соработка со „Културно ехо“ и Здружението на спортски ветерани – Скопје, со намера да се потврди заложбата за трајна заштита на јавниот простор и вклученост на сите засегнати страни.
Исто така, оваа соработка претставува успешен пример за ревитализација на еден објект кој е во колективната меморија на карпошани, но и на граѓаните од цело Скопје. Намерата е преку овој пример да се обезбеди заштита и на други јавни објекти кои денеска се руинирани и пропаднати во повеќе општини.
Во меѓувреме, локалната самоуправа презема и активности за проценка на статиката и стабилноста на објектот, имајќи предвид дека претстојниот период Агенцијата за млади и спорт ќе започне со етапна реконструкција на салата. Планирано е салата да го задржи автентичниот изглед и постоечкиот габарит.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пратеничките делеа флаери на стартот на кампањата „16 дена активизам против насилство врз жените и девојките“
Пратеничките денеска ја започнаа кампањата „16 дена активизам против насилство врз жените и девојките“, излегоа на терен и делеа информативен флаер на граѓаните кој беше изработен на иницијатива на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, со цел директно да ја приближат кампањата и пораката за спречување на насилството врз жените и девојките.

Во непосредна комуникација со луѓето разговараа за важноста од препознавање и пријавување на насилство, како и за потребата од посилна институционална поддршка.
Пратеничките истакнаа дека непосредниот контакт со граѓаните е важен затоа што овозможува размена на информации, но и слушање на реалните проблеми и предизвици со кои луѓето се соочуваат. Тие нагласија дека секој граѓанин треба да знае каде може да се обрати и каква поддршка постои доколку се соочи со насилство.

Ова е само една од серијата активности кои ќе продолжат во следните денови во рамките на кампањата.
Македонија
Уапсени директори и заменик министер за земјоделство: излажале дека недостасуваат пченица и јачмен вредни 780.000 евра
Полицијата денеска уапси пет лица осомничени за злоупотреба на стоковите резерви, излажале дека недостасуваат пченица и јачмен вредни 780.000 евра.
Полициски службеници од Единицата за финансиски криминал ги уапсија Н.Р.(51) од Куманово, поранешен директор на Јавно претпријатие за берзанско работење „Агро Берза“ Скопје, Р.А.(61) од Тетово, поранешен директор на Агенцијата за стоковни резерви Скопје, Т.К.(55) од Скопје, поранешен раководител во Агенција за стоковни резерви Скопје, Т.Д.(58) од Куманово, поранешен заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство и државен советник во периодот 2021-2022 година и М.П.(68) од Скопје, вешто лице.
До Јавното обвинителство Скопје поднесена е кривична пријава поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. Исто така ивршени се претреси на пет локации во Скопје, Куманово и Тетово.
Имено, лицата делото го сториле така што Н.Р., Р.А., Т.К. и Т.Д. во својство на овластени лица ја злоупотребиле својата службена должност со неизвршување на својата службена положба на начин што иако биле должни да ја известат Владата на РСМ за фактичката состојба во Јавно претпријатие за берзанско работење „Агро берза“ Скопје, односно дека е настанат неоснован кусок на меркантилна пченица и јачмен (период од 2019-2021 година), истите доставиле неточни податоци и информации. Со ова дејствие лицата постапиле спротивно на Законот за стоковните резерви (чл.7 ст.2, чл.9-а, чл.12, чл.13, чл.19, чл.21 и чл.22) и изготвиле записник од 2022 година во кој дале заклучок за прифаќање отпис на кусок во количина од 1.500 тони меркантилна пченица и 500 тони јачмен за сточна храна од складиштето „Агро берза“ Скопје, кој бил доставен со информација до Влада на РСМ заради усвојување на Заклучокот од Владата, знаејќи дека кусокот се однесувал за период од 2007 – 2021 година. Истите знаеле дека нема законска основа да се земе предвид тој период од причина што во 2019 година била извршена целосна обнова на складираната меркантилна пченица и јачмен и во извршените контроли од Агенцијата до 2019 година, секоја година бил вршен надзор и не бил констатиран кусок, а секоја година им било доставувано решение за кало.
Додека, пријавениот М.П. како надворешен соработник, вешто лице ангажирано преку Бирото за процена постапил спротивно на одредбите од Законот за процена (чл.3 и 4) и спротивно на чл.3 од договорот за услуга склучен помеѓу пријавениот и Бирото за судски вештачења, при што изготвил вешт наод во кој внел невистините податоци, не земајќи ги во предвид сите податоци и целокупната документација од Агенција за стоковни резерви Скопје и ЈП „Агро берза“. Вештиот наод бил приложен кон информацијата до Влада и истата била прифатена од страна на Владата, при што Агенцијата за стоковни резерви Скопје била задолжена да изврши отпис на 1.500 тони меркантилна пченица и 500 тони јачмен за сточна храна, во вкупна вредност од 29.112.000 денари или 473.365 евра (во моментот на отписот по цените кои се набавувала пченицата и јачменот во 2022 година, вредноста на истата изнесувала 48.000.000 денари или 780.487 евра), која вредност преставува штета на Буџетот на РСМ.
Македонија
Потпишан Анекс на Протоколот за размена на податоци помеѓу Управата за јавни приходи и Фондот на ПИОМ
Директорот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување, Никола Мемов, и директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, денеска потпишаа Анекс на Протоколот за размена на податоци.
Со него се дополнува Протколот и се доуредува размената на податоците помеѓу двете институции.
„Сметам дека соработката меѓу нашите институции е на задоволително ниво. Со потпишувањето на Анексот ќе се придонесе размената на податоците да се одвива подобро и ќе се овозможи полесно остварување на правата од ПИО“, рече Мемов.
Тој додаде дека секој чекор што ќе придонесе во подобрувањето на остварувањето на правата од ПИО е за поздравување.
„Со овој Анекс ќе се придонесе соработката помеѓу Управата и Фондот да биде уште подобра и попрецизна“, рече Петрова.
Таа нагласи дека од големо значење е размената на искуствата и континуирани средби за да се решаваат проблемите кои се појавуваат во секојдневната работа, со што ќе се придонесе во подоброто остварување на надлежностите.
На средбата стана збор и за други прашања од интерес на двете институции.

