Македонија
Продолжуваат дојавите за бомби во средните училишта во Скопје
																								
												
												
											Дел од скопските училишта и денес пријавиле закани за бомби. МВР е на терен со единицата за антитероризам, а учениците се евакуираат.
Првата смена во гимназијата „Јосип Броз – Тито“ е веќе евакуирана и се чека полицијата да ги направи проверките, ова училиште е меѓу првите кои утрово пријавиле закана за бомба.
„ Денеска во СВР Скопје околу 9:30 часот е пријавено дека на електронска адреса на четири училишта во Скопје е упатена закана за поставена бомба. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.
Ова е трета недела со закани за бомби во скопските средни училишта. Сите досегашни закани полицијата утврди дека се лажни.
Министерот за внатрешно работи Оливер Спасовски и премиерот Димитар Ковачевски во неколку наврати изјавија дека заканите за бомби во скопските училишта се дел од хибридни напади кои имаат цел да внесат вознемиреност во државата, а мета се учените како категорија за која општеството е најчувствително.
Министерот Спасовски за бомбите изјави дека веќе имаат добри сознанија од каде доаѓаат пораките на е-пошта и на кој начин се испраќаат и најави дека ќе им треба меѓународна правна помош за да ги потврдат доказите.
Министерството за образование, пак, им наложи на директорите на училиштата во кои има закани за бомби да најдат начин до крајот на првото полугодие да ги одработат изгубените часови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
																	
																															Македонија
Без струја делови од Сопиште, Петровец и Гази Баба
														Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08.00 до 14.00 часот, дел од корисниците од дел од с.Долно Соње.(Општина Сопиште)
· од 08.30 до 11.30 часот, корисниците од с. Горно, Средно и Долно Коњари. (Општина Петровец)
· од 08.30 до 11.30 часот, корисниците од с. Чифлик. (Општина Сопиште)
· од 08.30 до 11.30 часот, корисниците од с. Катлановска Сушица. (Општина Петровец)
· од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од ул. Вера Вучкова Жежељ, во нас. Хиподром. (Општина Гази Баба)
Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд
														Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, особено претпладне. Ќе дува умерен, вдолж Повардарието засилен северен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 10 до 16 степени.
Во Скопје, променливо облачно претпладне со повремен слаб дожд. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Во среда и четврток ќе преовладува претежно стабилно време, а нови локални врнежи од дожд повторно се очекуваат во петок и во деновите од викендот.
Македонија
Во Битола по 67 пат одржана традиционалната Ноќна атлетска трка
														Во рамките на одбележувањето на 4 Ноември, денот на ослободувањето на Битола, на Широк Сокак се одржа традиционалната Ноќна атлетска трка, во организација на Сојузот на спортови на Битола, со поддршка на Општина Битола.
Оваа манифестација, која се одржува по 67-ми пат е најстарата спортска манифестација во Битола. Годинава учествуаа над 700 учесници, основци, средношколци, студенти, граѓани и ветерани. Натпреварите се одвиваа во 24 категории, во машка и женска конкуренција.
Дел од наградите на најдобрите натпреварувачи им додели градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, кој истакна дека манифестацијата претставува симбол на спортскиот дух и заедништвото на битолчани.
„Горд сум што во очи денот на ослободувањето на Битола можеме да ја прославиме спортската традиција на нашиот град. Ноќната трка е симбол на упорност, младост и љубов кон Битола. На сите учесници им честитам на храброста и ентузијазмот, а на победниците им посакувам уште многу успеси,“ рече Коњановски.

