Македонија
Продолжува кампањата за пријавување огнови на отворено на бесплатната телефонска линија 193
На почетокот на есента и речиси еден месец пред почетокот на грејната сезона Град Скопје ја продолжува кампањата за пријавување огнови на отворено на бесплатната телефонска линија 193. Оваа кампања која игра сериозна улога во намалувањето на аерозагадувањето во Скопје се спроведува четврта година по ред и дава одлични резултати.
„ Знаеме дека палењето огнови на отворено најчесто е последица на несовесноста на одредени граѓани, но тоа често е и единствен начин за затоплување во студените зимски денови на нашите сограѓани кои немаат соодветно сместување. Она што претставува дополнителен проблем е што во ваквите случаи овие луѓе најчесто горат пластика, гуми, неквалитетни дрва и друго кои многу придонесуваат за загадување на воздухот. Четврта година по ред одговорно му пристапуваме на овој проблем. Подаваме рака на сите сограѓани. Сите заедно можеме да го спречиме палењето огнови на отворено, а со тоа да го намалиме загадувањето на воздухот. Но, истовремено водиме грижа и да им помогнеме на оние на кои помошта им е најпотребна. Град Скопје преку сопствениот инспекторат и Територијалната единица за противпожарна заштита, а во соработка со Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи и Црвениот крст организира мешани тимови кои работат секој ден, 24 часа, во борбата против огновите на отворено – рече градоначалникот Петре Шилегов, на денешната прес-конференција.
Само во текот на оваа година на телефонскиот број 193 досега се пријавени 49 огнови на отворено. Минатата 2019 година биле пријавени 162 огнови на отворено, во 2018 година – 251, а во 2017 година кога почна оваа кампања, за неполн месец биле пријавени 54 огнови на отворено.
„Од тие причини уште еднаш ги повикуваме граѓаните активно да се вклучат во борбата против загадувањето на воздухот и сите случаи на палење огнови на отворено да ги пријават во повикувачкиот центар, на телефонскиот број 193. Тука сакам да нагласам дека телефонското пријавување преку 193 е најбрзиот и најефикасен начин на пријавување. Тоа е бројот на противпожарната единица која е единствената служба која има брз и проверен систем за реакција и ги покренува сите потребни служби со цел мешаните тимови навреме да излезат на терен. Дежурните екипи ќе ги процесираат сите пријави, односно огновите ќе бидат изгаснати, а нашите сограѓани кои ги палат огновите заради затоплување ќе бидат упатени во еден од згрижувачките центри. Затоа, наместо објавување на Фејсбук или на другите социјални мрежи, ги повикувам граѓаните да пријавуваат исклучиво на 193. Природата на оваа работа е таква што тимовите можат да работат ефикасно само доколку се реагира брзо на единствениот проверен начин, а тоа е телефонскиот повик на 193. Сè друго е непотребно губење време“ – нагласи Шилегов.
Оваа кампања, заедно со кампањата за спречување на палењето стрништа, односно остатоците од берба и субвенциите за чистење на оџаците во домаќинствата се едни од најважните кампањи на Градот Скопје за подигање на свеста во борбата против аерозагадувањето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

