Македонија
Променливо облачно и нестабилно со повремени врнежи од дожд

Времето денеска променливо облачно и нестабилно со повремени врнежи од дожд. Процесите ќе бидат поинтензивни особено во источните делови, каде ќе бидат во форма на невреме со пообилен пороен дожд, појава на грмежи и засилен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 10, а максималната ќе достигне од 12 до 19 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд. Во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Во следните денови ќе се задржи променливо облачно и нестабилно време со честа појава на повремени врнежи од дожд. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (за кратко време над 20 л/м2), појава на грмежи и силен ветер (над 70 км/ч). Во понеделник попладне на планините ќе има услови врнежите да преминат во снег.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Санацијата на поранешното кино „Партизан“ во Битола, вредна 94 милиони денари, ќе почне месецов

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска оствари работна посета на дел од институциите од областа на културата во Битола. На средбите со директорите на Центарот за култура, на Народниот театар и на Заводот и музеј – Битола се разговараше за текот на реализацијата на проектите и тековните предизвици со кои се соочуваат овие установи.
Љутков информираше дека во Заводот и музеј – Битола е реализиран проектот за реставрација на предната фасада во вредност од 1,2 милиони денари, а во текот на годината ќе се реализира и партерно уредување на лапидариумот со дополнителни 1,4 милиони денари. Реновирана е и сувенирницата со сопствени средства на институцијата, што придонесува за туристичката понуда на градот.
Посебен акцент е ставен на капиталниот проект за реновирање на постојаната музејска поставка, за кој се издвоени 2 милиони денари. Во рамките на новиот концепт ќе биде вклучена и спомен-собата на познатиот битолски музичар Кирил Македонски, по повод 100-годишнината од неговото раѓање.
Министерот истакна дека археолошките истражувања, кои во изминатите години беа сведени на минимум, сега добиваат поддршка и нова динамика со што доживуваат вистинска ренесанса.
„Издвоивме еден милион денари за археолошките истражувања на локалитетот Градиште во с. Црнобуки, обезбедивме 12 милиони денари за тригодишниот проект за конзерваторски и реставраторски работи на ентериерот на Јени џамија, што подразбира ѕидно сликарство, дрвени, метални, мермерни, гипсени и фајансни декоративни елементи, како и мобилијар. Претходно, пак, со 2 милиони и со 2,5 милиони денари се реализираа и проектите за конзервација и реставрација на фасадите на спомен-куќите на македонските револуционери Гоце Делчев и Стив Наумов“, информираше Љутков.
Министерот го најави и капиталниот проект за реконструкција, санација и адаптација на објектот на поранешното кино „Партизан“, вреден 94 милиони денари. Договорот е веќе потпишан, а реализација треба да започне до крајот на месецов.
Македонија
(Фото) Хеликоптер на МВР спаси повредено лице од непристапен терен на Јабланица

Денеска полициски службеници од Хеликоптерската единица при МВР, а по претходно добиено барање за преземање на активности во врска со спасување на повредено лице на падините на планината Јабланица, струшко, заедно со тим од САЕ „Тигар“, со хеликоптер се упатија на одредената локација за спасување на лицето.
„По пристигнување на посочениот терен и прецизно лоцирање на повреденото лице истото беше безбедно евакуирано од страна на полициските службеници и транспортирано до Меѓународниот аеродром „Св. апостол Павле“ во Охрид, од каде што беше преземено од Итна медицинска помош и транспортирано за натамошно укажување на лекарска помош“, соопшти МВР.
Претходно од Црвен крст Охрид известија дека утрово добиле аларм за интервенција на планината Јабланица, каде женска особа од Струга, се здобила со сериозна повреда на скочен зглоб.
Македонија
Поставени електрични огради за заштита на земјоделците и пчеларите во Шар Планина

Министерството за животна средина и просторно планирање го презеде првиот практичен чекор во спроведувањето на Националниот акционен план за кафеавата мечка, со поставување на соларни електрични огради за заштита на земјоделците и пчеларите во селата на Шар Планина.
„Овие модерни огради, финансирани од WWF Хрватска (Светски фонд за природата) и во соработка со Националниот парк „Шар Планина“, се поставени кај пет земјоделци и пчелари кои се соочуваат со штети предизвикани од диви животни како мечките и волците. Целта е јасна: да се заштитат добитокот, пчеларството и земјоделските култури, со намалување на конфликтите помеѓу луѓето и дивите животни. Оваа превентивна технологија со години успешно се користи во земјите на Европската Унија и претставува одржливо решение кое ги почитува потребите на заедницата и природата“, велат од Министерството.
Спроведувањето на овој план е дел од ИПА проектот на Европската Унија.