Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, попладне нестабилно со пороен дожд и грмежи
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и релативно топло. Ќе дува умерен до засилен, а во западните делови повремено силен (над 70 км/час) ветер од југозападен правец. Попладне наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, особено во источните делови. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 16 до 22 степена.
Во Скопје променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од југозападен правец. Попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд и појава на ретки грмежи. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Утре ќе преовладува променливо облачно време со повремен локален дожд. В понеделник под влијание на нов влажен и постуден бран ќе има врнежи од дожд, попладне на повеќе места пообилни (над 30 л/м2). На планините и на некои повисоки места во западните делови врнежите ќе бидат од снег и ќе се формира снежна покривка. Потоа во следните два дена ќе преовладува студено и ветровито време со повремен дожд, а на повисоките места од снег.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Радеска: Породилното доцни и по 30 дена
Владата на Христијан Мицкоски ги остави мајките и новороденчињата без основната сигурност што им следува по закон. Породилниот надомест доцни по 20 дена, а има мајки кои чекаат и повеќе од 30 дена. И замислете, Фондот ова го признава и вели дека тоа било во ред. Понижувачки и нечовечки е да се дозволи мајките да се јавуваат и да молат за исплати и да немаат пари за пелени и млеко, изјави Елена Радеска од Комисијата за здравство на СДСМ.
Според неа, никогаш досега немало вакво доцнење.
„Нема ништо нормално во тоа семејства што живеат само од породилното да останат без денар затоа што ДПМНЕ не си ја врши работата. Вистината е дека никогаш во минатото не се случило вакво доцнење. Ниту во време на светска економска криза ниту кога имаше хакерски напади на Фондот. Ова не се случило под ниту една друга влада. Ова е директен резултат на неспособност и на расипнички приоритети на Мицкоски и неговиот другар Клековски“, рече Радеска.
Таа го праша Мицкоски зошто нема пари за мајките и бебињата, а има за луксузни автомобили, скапи мебели и тендери кај блиски фирми?
„СДСМ бара Фондот веднаш да ги исплати сите заостанати породилни надоместоци без одложување. Бараме фиксен датум на исплата секој месец, како што со право бараат мајките. Бараме Владата јавно да ја објави состојбата со Фондот и да каже каде завршиле парите што треба да бидат исплатени на секоја мајка во оваа држава. Дали е точно дека сите доцнења се заради неликвидноста на буџетот“, праша таа.
Македонија
(Видео) Исмаил: Наместо во оружје, да инвестираме во градинки – власта го одби амандманот на Левица
Во рамки на амандманската расправа за Буџетот за 2026 година, во собраниската Комисија за финасирање и буџет, пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, побара голем дел од 100 милиони евра планирани за купување на оружје да се пренасочат кон проширување на капацитетите, како просторни така и кадровски, за згрижување деца од предучилишна возраст.
„Состојбата е ужасна. Проценките се дека 4000 деца чекаат за упис во градинки во Скопје. Во групите има по 35-40 деца со само една негувателка. Тоа е неприфатливо“, истакна Исмаил.
Средствата што треба да се пренаменат со амандманот ги предлага во две ставки во Министерството за социјална политика. Една е во делот за пренесување на трошоците во делот на единиците на локална самоуправа, а другата во капитални расходи за изградба и одржување на објекти.
„Конечно треба да се направи баланс помеѓу социјалната потреба во општеството, како што е овој со згрижување на деца од предучилишната возраст и она што го имате предвидено за купување на оружје“, порача Исмаил укажувајќи на фактот дека долги години државата го занемарува проблемот со јавните градинки.
Тој посочи дека голем број родители се принудени да ги носат своите деца во приватни градинки иако цените таму се значително повисоки. „ На овој начин вие го поттикнувате приватниот бизнис во оваа јавна услуга. Тоа не е фер за социјална држава како нашата, со држава која што исто така има сериозен проблем со демографијата“. Исто така истакна дека државата треба да ги охрабрува младите семејства, а не да ги оптоварува, велат пд партијата Левица.
„Ние наместо да ги стимулираме младите брачни парови дека нивните деца ќе бидат згрижени во државните градинки, ние практично ги дестимулираме да оформат семејство и да имаат новородени деца. Сметам дека овој амандман ќе придонесе за сериозно да се зафатите и да изградите поголем капацитет во оваа област“, заврши Исмаил.
Македонија
Голема полициска акција: претреси во Скопје, Куманово и на други локации
Во координација со Основното јавно обвинителство Скопје во тек е полициска акција со претреси во Скопје, Куманово и на други локации, поради сомненија за кривично дело злоупотреба на службена должност.
Обвинителството најави повеќе информации по завршување на акцијата.

