Македонија
Промоција на дипломираните и магистрираните студенти на Факултетот за безбедност
Министерот завнатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска присуствуваше на промоцијата на дипломирани и магистрирани студенти по безбедност, што се одржа на Факултетот за безбедност во Идризово. Спасовски изрази уверување дека новата генерација студенти и постдипломци ќе има богато знаење од областа на безбедноста, пренесено и стекнато во процесот на наобразба и практично применливо по форма и содржина, што ќе претставува цврст темел за понатамошна професионална надградба на дипломците и магистрантите во нивниот иден професионален ангажман.
„Дотолку повеќе што безбедноста, како наука и како професионална ориентација, е во иста мерка интересен и одговорен избор, со мноштво предизвици коишто произлегуваат од новите трендови на општествено живеење. Ниту едно општество не може да се надева на успешност без следење и практично имплементирање на нови, современи научноистражувачки сознанија, без реална кооперативност меѓу теоретското и практичното знаење, што впрочем се потврдува низ секојдневјето на модерните и развиени општества. Особено што безбедноста претставува не само обемна, туку и прилично динамична сфера на работа“, рече Спасовски.
Тој додаде дека специфика на модерното време се и динамичните реформи што се започнати, вклучително и во сферата на безбедноста, при што на општеството му се потребни млади, амбициозни, способни и образовани луѓе, коишто ќе бидат подготвени да се фатат во костец со низата дилеми и предизвици што сеопфатните реформски процеси нужно ги отвораат.
Честитајќи им за покажаниот успех на дипломираните и магистрираните студенти по безбедност, Спасовски им порача: „Веројатно гледате на вашата диплома како на билет за добар живот. И сосема сте во право. Но, дозволете ми да ве замолам да размислувате и од еден поалтернативен агол – вашата диплома нека биде вашиот билет за да го промените светот!“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска: Колку повеќе децата се во училиште, толку е поголем нивниот резултат
Македонските ученици до 15-годишна возраст поминуваат дури 900 часови помалку во училишните клупи во споредба со нивните врсници од Европската Унија, вели министерката за образование, Весна Јаневска.
Во интервју за МРТ1, Јаневска истакна дека сите можни истражувања, и во светот и кај нас, кажуваат дека колку повеќе децата се во училишните клупи толку е поголем нивниот резултат, односно стекнуваат толку повеќе знаење, вештини, компетенции.
„Македонските ученици до 15-годишна возраст поминуваат дури 900 часови помалку во училишните клупи во споредба со нивните врсници од Европската Унија, стандарди кои сакаме да ги достигнеме и во кој клуб сакаме да се приклучиме“, рече Јаневска и додаде дека е потребен ред во образованието и кај повозрасните, нагласувајќи дека повеќе време во училиште директно значи подобри вештини и знаења.
„Нашите деца не се помалку способни од нивните европски врсници за да бидат на дното на табелите од меѓународните тестирања. Затоа ќе го продолжиме времето што го минуваат во училиште, и тоа ќе се искористи за развивање на знаења и вештини споредливи со оние што ги имаат учениците во Европа. За да ги подготвиме наставниците да преминат од предавачи на факти во водичи и партнери во учењето, ќе посетуваат потребни обуки, меѓу кои и за читање со разбирање“, рече Јаневска на Свечената академија по повод 30-годишниот јубилеј на Педагошкиот факултет.
Македонија
Обвинителството побара куќен притвор за судијата Ѓоко Ристов осомничен за корупција
Обвинителството побара куќен притвор за судијата Ѓоко Ристов осомничен за корупција, кај кого беа пронајдени 350.000 евра соѕидани во ѕид во куќата на неговите родители во Неготино.
„Денеска предметниот јавен обвинител од обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција го сослуша осомничениот судија и му ги предочи прибраните докази врз основа на кои се темели основаното сомневање дека ги сторил делата што му се ставаат на товар. Ценејќи ги објективните услови што е потребно да бидат исполнети за определување на мерка за обезбедување присуство, како и субјективните што истата ја оправдуваат, на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје јавниот обвинител му достави предлог на осомничениот да му биде определена мерка куќен притвор“, соопшти Обвинителството.
Освен оваа мерка, предложено е и определување на мерка на претпазливост – привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање.
Македонија
Се зголемуваат цените на бензините и дизелот
Цените на бензините и на дизелот од ноќеска на полноќ ќе се зголемат за 1,5 и за 2 денари, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 21.1.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 72,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 74,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 66,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 66,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,987 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,50 денар за литар.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 2,00 денари за литар.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,854 денари за килограм и сега ќе изнесува 32,987 денари за килограм.

