Македонија
Протестот за воздухот в сабота за едни политички за други неопходен
Нова најава за протест против загадувањето на воздухот од синоќа ги подели скопјани на верници и луѓе кои повеќе не веруваат ни во оваа форма на барање права и изразување револт. Првите сметаат дека е време за мирен но масовен протест в сабота со кој граѓаните ќе покажат дека не се согласни на живот во канцерогено општество, а другите, пак, сметаат дека повикот за протест е сомнителен оти нема организатор, ниту јасно поставени барања, што остава можност да има политичка заднина.
Повикот се појави вчера попладне, а се ширеше преку пораки на социјалната мрежа „Фејсбук“.
„Здраво напатен пријателу. Ти што воздух не можеш да земеш. Да пробаме да бидеме сложни барем кога се работи за здравјето наше и на нашите најблиски Мирен, но масовен протест да им даде до знаење дека ни требаaт сериозни, способни луѓе, наспроти шарлатани, кои ќе нè извадат од најтемната и најзагадена точка на светов. Состојбата е алармантна и од ден на ден станува неподнослива. Да не дозволиме да нè навикнат на ‘живот’ во канцерогено општество. Сабота, 26.01 2019 година, во 13 часот, Собрание на Република Македонија. Протест против канцерогеното општество ! Заслужуваме да дишеме !!! Ако се согласувате, препратете ја поракава на колку повеќе луѓе можете. Здравјето пред сè!“, стои во пораката.
Откако се рашири пораката, се коментираше секој збор поединечно, тргнувајќи од напатеноста па сè до канцерогеното општество. Многумина јавно искоментираа дека без потпишан организатор, секој обид за протест за почист воздух завршува со само стотина луѓе на улица кои власта не ги сфаќа сериозно, а се коментираа и барањата што треба да се пренесат. Дел од активистите за почист воздух од претходните протести дадоа поддршка на протестот в сабота и во коментарите наведоа дека треба да се протестира симболично со медицински маски и да се бара парите што се одвојуваат за животна средина навистина да се инвестираат во подобрување на животната средина. Дел, пак, предлагаат да се бара парите за патните трошоци на пратениците и парите од членување во управни одбори да се пренаменат за животна средина, а има и предлози дел од буџетот предвиден за НАТО да се пренамени за поквалитетен воздух.
И оние кои го поддржаа протестот в сабота и оние кои се сомневаат дека има политичка заднина, се согласни дека состојбата со квалитетот на воздухот е алармантна и неопходна е граѓанска акција. Како охрабрување и едните и другите го гледаат протестот на пазарџиите кои успеаја да издејствуваат одлагање на Законот за пазари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Досега подигнати се над 45 илјади ваучери за електронски уреди за студенти
Премиерот Христијан Мицкоски денеска исткна дека се подигнати над 45 илјади ваучери од 15.300 денари за студентите на додипломски студии за набавка на електронски уред – лаптоп, таблет или персонален компјутер. Посочи дека искористеноста е околу 99 проценти.
За ваучер од 250 евра од ноември до декември можеа да аплицираат студенти до 29 години, кои имаат запишано семестар во учебната 2025/2026 на додипломски студии на државните или приватните факултети.
– Отприлика 45.000 – 45.600 ваучери се подигнати, а околу 99 проценти и повеќе се искористени. Околу 44.5 илјади се искористени. Како Влада изминативе 20-ина месеци сме ги регулирале сите односи со сите структури од општеството на кои Владата треба да им излезе во пресрет – на студентите им се покачени стипендиите, се реновираат студентските домови и ученичките домови, се обезбедуваат 15.300 денари за електронски уреди. Дали тоа е доволно? Не. Можеби треба повеќе, но толку можеме во моментов. Порано ни тоа не било. За сите, без да ограничиме дали се студенти на државни или на приватни универзитети. Пораснаа пензиите линеарно, сега во април 7 илјади денари, нешто што досега не било овозможено, рече Мицкоски по пуштањето во употреба на реконструираната гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ во Општина Тетово.
Премиерот нагласи дека комуникацијата на Владата со сите целни групи е на високо ниво и досега, рече, немало толку голема испорака од ниту една Влада,
-Буквално со сите целни групи со кои Владата комуницира и со кои држи релација, навистина имаме односи кои никогаш порано не биле на толку високо ниво и немало толку голема испорака со ниту една Влада. Оваа Влада тоа го направи за само 20 месеци. Дали е доволно? Не. Треба повеќе? Треба. Се сложувам, секогаш треба повеќе. Но, дали е подобро од порано? Можам да кажам дека неколку пати е подобро, рече Мицкоски.
Македонија
Во текот на ноќта и утре повремени врнежи од дожд
Под влијание на циклонска активност во текот на ноќта и утре ќе има повремени врнежи од дожд, а на планините од снег.
Како што соопшти УХМР, пообилни врнежи ќе има во југоисточните делови од земјата – над 20 литри на квадратен метар. Поради спуштање на постудена воздушна маса од север, врнежите ќе преминат во снег во повисоките, како и во некои од пониските места.
Во Скопје во текот на ноќта и утре ќе има повремени врнежи од дожд. На околните планини врнежите ќе бидат од дожд и снег.
Македонија
По 8.000 денари за секое бебе во општина Аеродром
Секое семејство со живеалиште во Општина Аеродром кое во текот на 2026 година добило новороденче или посвоило дете до една година, ќе добие еднократна парична помош во износ од 8.000 денари.
-Оваа мерка е наменета како практична поддршка за семејствата, особено во првите месеци од грижата за детето. Општина Аеродром останува посветена на семејствата и на децата, со љубов и внимание кон најмалите, создавајќи средина каде што тие можат да растат среќни, сигурни и поддржани, соопшти Општина Аеродром.

