Македонија
Протест закажан во Тетово: се бара одговорност за пожарот во модуларната болница
Протест за правда и лоцирање на одговорноста за пожарот во модуларната болница во Тетово која изгоре до темел и одзеде 14 животи, се организира за утре. Според најавите, протестот ќе се одржи во 12 часот пред Основниот суд во Тетово. Најавата за протестот се шири на социјалните мрежи.
Ова доаѓа по документарецот објавен од Истражувачката репортерска лабораторија насловен како „Убиство во Тетово“. Тие споделија откритија, документи и направија реконструкција според искази од сведоци. Посочија дека објектите не се граделе според Законот за градење и немало соодветни материјали за заштита од пожари. Се осврнаа на германското вештачење кое беше изведено и во судница, каде токму несоодветната градба и лошата електрична инсталација се лоцирани како причина за пожарот.
За овој случај имаше и обвинение, како и пресуда. Обвинителот ги гонеше двајцата ексдиректори на тетовската болница и докторот задолжен за модуларниот објект. Но не за причините за пожарот, туку бидејќи немало противпожарна заштита, а во објект се дозволувал влез на роднини, што во време на пандемијата беше забрането.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција води уште една истрага, а која се однесува за тоа како е спроведен тендерот за изградба на сите модуларни објекти, дали се вградени сите материјали пропишани во техничката спецификација и каква била изведбата. Предметот е во фаза на истрага повеќе месеци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Минчев во Рим: усвоена новата декларација за реформи на јавната администрација во Западен Балкан
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, учествуваше на 17. седница на Управниот одбор на Регионалното училиште за јавна администрација (ReSPA) на министерско ниво, која се одржа во рамките на конференцијата „Партнерство за реформи: Министерски дијалог Западен Балкан – Италија“ во Рим, Италија.
На седницата беа презентирани и усвоени Годишниот извештај за периодот од 19 октомври 2024 до 19 октомври 2025, кој ги акцентира постигнувањата во реформите на јавната администрација, како и Буџетот за 2026–2027 година, кој обезбедува континуитет во активностите и поддршката за земјите од регионот.
Изгласана беше и Министерската декларација за реформа на јавната администрација, која потврдува заложбата за регионална соработка.
Оваа година декларацијата се фокусира на модернизација, дигитализација и унапредување на соработката со земјите членки на ЕУ.
Седницата заврши со предавање на претседателството на Управниот одбор на ReSPA беше свечено од министерот за јавна администрација на Црна Гора, Мараш Дукај, на министерката за јавна администрација и локална самоуправа на Србија, Снежана Пауновиќ.
Во рамките на оваа значајна регионална иницијатива, министерот Минчев со своето учество повторно ја потврди континуираната поддршка на Република Македонија за унапредување на реформите во јавната администрација, зајакнување на регионалната соработка и интеграцијата во европските административни стандарди.
Македонија
Два авиони наместо во Скопје пренасочени во Приштина поради силен ветер
Два вечерни лета кои требаше да слетаат на скопскиот аеродром, се пренасочени кон Приштина поради неповолни услови за слетување.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, изјави дека во скопскиот регион дува силен јужен ветер, кој создава проблеми за безбедно слетување:
„Поради силен јужен ветер, кој го зафати скопскиот регион, два авиони се пренасочени за слетување кон приштинскиот аеродром, додека други два сè уште кружат и чекаат насоки за слетување“, рече Ангелов.
Според информациите, ветерот дува на поголема височина, што дополнително ги отежнува процедурите за приод и слетување на скопскиот аеродром.
Македонија
Советник од Карпош пред исклучување од СДСМ поради гласање спротивно на ставовите на партијата
На денешната седница Извршниот одбор на СДСМ донесе одлука да почне постапка за исклучување од членство член на Советот на општина Карпош, заради непочитување на одлуките и ставовите на СДСМ и работење спротивно на интересите на партијата.
„Советникот гласаше за изборот на претседател на Советот во Карпош спротивно на партиските одлуки и ставови. Согласно Статутут на СДСМ, непочитување на одлуките, работење и гласање спротивно на интересите на СДСМ како и нанесување значителна штета на партијата повлекува одговорност а тоа се однесува и на сите избрани советници“, велат од партијата.
Социјалдемократите преку соопштение додаваат дека најостро ги осудуваат сите притисоци, уцени и закани врз советниците во советите на општините на локално ниво од страна на ВМРО-ДПМНЕ, за што партијата ќе преземе соодветни мерки за нивна заштита.
Mинатата недела се одржа првата конститутивна седница на Советот на Општина Карпош, кога со 14 гласови „за“, досегашниот уметнички директор на Операта, Христо Саракинов, беше избран за претседател на Советот на Општина Карпош. ВМРО-ДПМНЕ има 11 советници, Коалицијата „Искуство за успех“, СДСМ и Левица имаат по 4 советници, независната граѓанска иницијатива „Независни за Карпош“ три советници и ЗНАМ има еден советник. За изборот на Саракинов покрај советниците на ВМРО-ДПМНЕ и советникот на ЗНАМ, гласаа советникот од ГРОМ Зоран Краљевски и советникот од СДСМ Радослав Трошановски. Со тоа беа обезбедени 14 гласови „за“ и Саракинов беше избран за претседател на Советот на Општина Карпош.

