Македонија
(Проширена) Бесплатен јавен превоз во Скопје до намалување на загаденоста на воздухот
Бесплатен јавен превоз за сите граѓани во Скопје се до моментот на намалување на загаденоста на воздухот, е една од мерките и препораките кои во понеделник ги соопшти градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, поради енормната загаденост на воздухот во главниот град последните денови.
Трајановски апелираше сите скопски градоначалници да помогнат во финансиско субвенционирање на јавниот градски превоз.
Сите граѓани од вторник бесплатно ќе може да се возат и во автобусите на ЈСП и во приватните автобуси.
Градот ќе ги контролира сите градилишта и возилата кои ги напуштаат градилиштата. Ја задолжи „Комунална хигиена“ да продолжи со миење на градските улици, а доколку дозволат временските услови ќе продолжи да се прска со калциум ацетат.
„Апелирам до вработените на Град Скопје да доаѓаат со јавен превоз наместо со свои автомобили – рече денеска Трајановски на прес конференција.
Тој истакна дека службените возила ќе се користат само за инспектпратот.
Инспекцискиот надзор спроведен од Градот врз топланите во Скопје покажал дека сите топлани работат исклучително на гас и не загадуваат.
„Во согласност со сегашните прописи во градот не може да се воведе пар-непар, но затоа апелирам до надлежните министерства – за животна средина и просторно планирање, за внатрешни работи и за здравство да предложат измени во законот за да може да се спроведува оваа мерка“, рече Трајановски.
Комуналните инспектори на Градот изрекле 12 казни поради непочитување на законот.
Трајановски рече дека Градот Скопје и јавните градски претпријатија ги ослободуваат од работа лицата над 60-годишна возраст со хронични заболувања, како и бремените жени.
„Го повикувам министерот да изврши засилена инспекција врз инсталациите кои се во негова надлежност. Немаме сознанија зошто беше рекордната загаденост во Карпош. Шпекулации се информациите дека имало согорување на депонијата Дрисла“, рече тој најавувајќи дека ќе се интензивираат контролите за „Годел“.
На прашањето дали ќе понесе одговорност откако проблемот се продлабочи, Трајановски рече:
„Градот направи многу за намалување на оваа појава, направивме повеќе од 300.000 м2 зеленило. Во Скопје нема депонии, засадивме голем број дрвја и со тоа ќе продолжиме. Направен е центар за контрола на сообраќајот со што се намалува емисијата на гасови од возолата. Секоја година мерка по мерка подобруваме, загадувањето не се решава преку ноќ“, додаде Трајановски./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) СДСМ бега од темата Груби и од борбата против корупцијата, рече Петрушевски
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција оцени дека Социјалдемократскиот сојуз, како што рече, бега од темата Груби, и наместо да го поздрави справувањето со криминалот, нуди приказни за театар и циркус.
„Времето покажува дека на СДС – безрбетна најдобро ѝ оди кога нешто треба да се продава, распродава и да се мести. И тоа е така без разлика дали тоа е местење на тендери или продавање на државата“, изјави Петрушевски.
Тој рече дека партијата наместо да поздрави, како што наведе, „чин на справување со незаконити дејствија, криминал, фаќање на лица кои бегаат или бегале од правдата“, се занимава со други теми.
„Очигледно е зошто го прават тоа, веројатно затоа што во конкретниот случај со Артан Груби не можат ни да се сетат во што се биле заедно вмешани, во какви зделки, коруптивни активности или криминал. Поточно во што се шурувале“, изјави Петрушевски.
Тој додаде дека актуелното раководство на СДСМ, меѓу кои ги спомена Венко Филипче, Оливер Спасовски, Јованка Тренчевска и Јон Фрчкоски, „кажуваат секојдневно некакви приказни“, но дека суштината, според него, е борбата против корупцијата.
„Професионална, координирана активност на надлежните служби за да се фати бегалец од правдата покажува на дело дека сега борбата со корупцијата и криминалот е решителна“, изјави Петрушевски.
Тој нагласи дека за ВМРО-ДПМНЕ клучна е борбата со корупцијата и криминалот и, како што рече, „поставувањето на здрави темели на начелото на владеење на правото“.
Македонија
Кардиологија и Кардиохирургија стануваат еден центар: заштедите од спојувањето ќе одат во опрема и едукација, најави Алиу
Владата на последната седница, која се одржа минатиот вторник(24.02.2026), на предлог на Министерството за здравство, донесе одлука за спојување на Клиниката за кардиологија и Државната клиника за кардиохирургија, со цел обезбедување повисок степен на интегрираност, координација и ефикасност во третманот на пациентите со кардиоваскуларни заболувања, преку рационално искористување на постојните човечки, просторни и технолошки ресурси на двете установи.
„Со донесената одлука за спојување на двете клиники формираме единствен центар на терциерно ниво за кардиоваскуларна медицина, кој овозможува континуитет на дијагностичко-терапевтскиот процес, од превенција и дијагностика, до интервентен и хируршки третман. Преку укинување на административните дупликати и оптимизација на организациската структура, создаваме предуслови за заштеда на средства кои ќе се реинвестираат во унапредување на квалитетот на услугите, модернизација на медицинската опрема и професионална едукација на кадарот“, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
На овој начин ќе се овозможи подобра искористеност на капацитетите, односно зголемен број интервенции со интеграција на лабораториските, стерилизациските и операционите служби. Пациентите ќе добиваат комплетна кардиолошка и кардиохируршка грижа во рамки на единствена установа, без административни пречки и чекање трансфер, што значи поголема достапност и континуитет на здравствените услуги.
Воедно, спојувањето на клиниките ќе придонесува кон развој во сегментот на едукација и истражување, со креирање обединет академски центар со повеќе можности за обука на специјализанти, супспецијализанти и развој на научни програми.
Македонија
Исчистен просторот кај СЦ „Борис Трајковски“, подигнати 3.500 м³ отпад за 100 дена
Општина Карпош спроведе сериозни активности за уредување на јавните површини. Дивите депонии на повеќе локации се расчистени, а просторот околу Спортскиот центар „Борис Трајковски“ е целосно исчистен. На потегот кај „Скупи 5“ и кон Бардовци се подигнати над 3.500 кубни метри отпад, информираат од општината.
Покрај тоа, од општината велат дека се реализирани повеќе од 50 интервенции на јавното осветлување, спроведена е редовна дератизација и одржување на противпожарната инфраструктура во училиштата и градинките. Исто така, објавен е повик за стерилизација на улични мачки, а во училиштата започнаа активности за производство на компост и намалување на аерозагадувањето.

