Македонија
Работниците што не добиле покачување на платата за март од 4.000 денари може да тужат, ССМ обезбедува и бесплатна правна помош
Тужби до работодавците може да поднесат сите работници кои со мартовската плата не добиле покачување од 12,6 % колку што предвидува Општиот колективен договор. За оваа можност, која им стои на располагање на работниците, денес зборуваше претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов. Тој укажа дека право на тужби имаат сите работници кои се потписници на договорите, а не добиле околу 4.000 денари повисока плата за март. Такви се вработените во образованието, кои, место 12,6 %, добија 7 % покачување, вработените во здравството, на кои им беше ветувано 5 % зголемување на платите со онаа од март, но сè уште го немаат добиено и тоа мало покачување место покачување од 12,6 % и сите вработени во јавниот сектор што не добиле плата за март во согласност со Општиот колективен договор, односно не им е зголемена 12,6 %, туку им е зголемена само линеарно за износот на усогласувањето на минималната плата за речиси 1.800 денари.
„Работниците имаат право врз основа на колективните договори потпишани од синдикатите, пред сè, од ССМ и со гранските синдикати, а кое може да го користат во наредниот период, за тужби. Иако обезбедуваме бесплатна правна помош за сите работници, нам нè загрижува тоа што некој свесно сака да предизвика крах на јавниот буџет преку тужбите од страна на адвокатски канцеларии, адвокати. Според адвокатските тарифи, тие би зеле огромни адвокатски трошоци на сметка на една месечна плата на еден работник. Во пракса, доколку на работникот не му е исплатена плата за 12,6 % покачена или не добил приближно 4.000 денари за еден месец зголемување на платата предвидено со Општиот колективен договор, адвокатските трошоци до последната инстанција изнесуваат речиси 60.000 денари. Адвокатите ќе земат десетпати повеќе од она што им следува на работниците“, рече Трендафилов.
Отворена можност за работниците да поднесуваат тужби Трендафилов потсети дека имаше во 2008 година во Министерството за внатрешни работи.
„Тогаш министрите трчаа во полициските станици да ги спречат работниците да не тужат за тогашниот 10 % додаток на нивните плати. Она што е клучно, и денеска вработените во Министерството за внатрешни работи, наместо 12,6 % зголемени плати, добија 10 % и се остава простор некој од вработените да тужи за 2,6 % во согласност со Општиот колективен договор. Најчесто тужат оние што први се пензионираат и потоа создаваат пракса. Меѓутоа, загрижува тоа што изминатите денови, особено преку медиумите и преку некои други наши канали, слушаме дека ќе се прави притисок врз судството да се создаде судска пракса преку која ќе се отфрлаат тужбите за барањата за зголемувањата на платите во согласност со колективните договори. На таков начин ќе се обидат да го стивнат овој процес“, вели Трендафилов.
ССМ апелира да се почитуваат законските обврски и платите да одат во џебовите на работниците, кои ги заслужуваат и кои ги одработуваат, а не во џебовите на адвокатските канцеларии, адвокатите или во судовите и во државната каса за судски такси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
АХВ: Спречен увоз на над 26 тони замрзнато пилешко месо од Бразил
Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спречија увоз на над 26 тони замрзнато пилешко месо од Бразил на граничниот премин Ќафасан.
Пратката, составена од 2.167 пакувања по 12 килограми, е вратена во земјата извозник поради неисполнување на условите за увоз.
Од АХВ соопштија дека забраната е донесена врз основа на претходно решение за забрана на увоз на живи животни, производи и нуспроизводи од животинско потекло од Бразил, со цел да се спречи внесување на вирусот на високо патогена авијарна инфлуенса (птичји грип).
Според правилата, забранет е увозот на пратки добиени од животни кои се заклани, натоварени и сертифицирани пред 1 август 2025 година.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Пукна меурот од конструкции на СДС, документи и докази ги рушат мигрантските лаги на СДС, Филипче е разоткриен
„Хистеријата на СДС и Филипче за лажните вести што ги создаваат и пласираат се распукнаа како меур од сапуница“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Лицемерието на СДС и Филипче излезе на виделина пред очите на целокупната јавност.
За разлика од глумата на Филипче во улогата на патриот, менувањето ставови и ширењето лаги за непостоечки теми од страна на СДС, ВМРО-ДПМНЕ има јасна државотворна позиција против политиките што ја загрозуваат безбедноста и интересите на граѓаните на Македонија. ВМРО-ДПМНЕ и тогаш, и сега води антиемигрантска политика.
Фактите се јасни и документирани, СДС на чело со Заев и Филипче отворено нудеа Македонија да стане паркинг на мигрантски кампови. Вистина е дека постоеја планови, постојат изјави и постоела волја кај СДС, Заев и Филипче да се вдомат мигранти.
Филипче и Заев биле спремни за населување на мигрантите во Скопје, во 2018 година усвоиле План за изградба на мигрантски камп во Бардовци.
Филипче туркал камп во Бардовци и гласал да се доселат мигранти во Македонија, а за сето тоа има и доказ во Службениот весник од 2018 година, каде што е објавена одлуката на владата за изградба на мигрантски камп, со Имотен лист бр. 2140 за КО Бардовци.
Филипче растура пердуви со лажни теми и игра криенка по партиските штабови додека бега од новинари и новинарски прашања.
Додека Филипче бега, вистината ги стигна и излезе на виделина. Наместо спинови и паника СДС нека одговори колку мигранти беа спремни да примат во 2018 година?
Кој ги договараше камповите?
Зошто тогаш Филипче молчеше во знак на одобрение а денес глуми патриот и принципиелност?
Време е СДС и Филипче да се посветат на мигрантите од сопствените редови кои им бегаат во други партии и да си ја реформираат партијата. На Македонија и е потребна зрела и конструктивна опозиција“, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
СДСМ: ДПМНЕ не ја потпишува Резолуцијата затоа што има скриена агенда за мигранти
„ДПМНЕ не ја прифати подадената рака на СДСМ за заедничко потпишување на Резолуцијата и со една одлука на Собранието граѓаните да бидат сигурни дека мигранти во Македонија нема да има“, велат од СДСМ.
„По толку јавни повици за заедничка акција, секој ден, добивме молк. На сите им е јасно дека ова е свесна политичка одлука на ДПМНЕ и дел од нивната стратегија.
Доколку немаше задкулисни договори и преземени обврски за кои јавноста дозна од британските медиуми, Резолуцијата одамна ќе беше потпишана.
Сега веќе можеме јавно да констатираме: ДПМНЕ одбива да ја потпише Резолуцијата затоа што има скриена агенда за мигранти.
Ние повеќе нема да ги повикуваме. Одбивањето кажува сè за нивното предавство за пари – мигранти во Македонија ќе има.
Народот ова нема да го дозволи. Борбата за одбрана на Македонија продолжува“, пишува во соопштението на СДСМ.

