Македонија
Раководител на ,,алфите”: Немаше потреба Бошкоски да го апсиме лежејќи, не даваше отпор
Далибор Трајковски, раководител во единицата ,,Алфи” кој учествувал во апсењето на лидерот на ОМ, Љубе Бошкоски, во денешното сведочење за случајот ,,Тортура” истакна дека командантот на единицата, Ивица Анчевски – Пуки, на 6 јуни 2013 година најавил дека ќе биде апсено вооружено лице за кое подоцна го информирал дека станува збор за Бошкоски.
Трајковски истакна дека при апсењето командантот Анчевски наредил Бошкоски да се уапси во легната положба и покрај тоа што немало потреба од такво нешто, бидејќи Бошкоски не давал отпор.
„Начинот на апсењето зависи од тоа дали лицето кое се апси пружа отпор. При апсењето на Бошкоски истиот не го правеше тоа, па им кажав веднаш да го станат и да го потпрат на автомобилот”, рече Трајковски.
Сведокот истакна дека Бошкоски при апсењето извикувал ,,луѓе што правите, Сашо ме намести”, на што некој од припадниците му возвратил. На прашањето на обвинителот од СЈО, Љубомир Лапе што точно „алфите„2 му кажале на Бошкоски, сведокот изјави дека не му текнува точно на зборовите, но веднаш по кратката вербална расправа наредил да не се воспоставува никаква комуникација со Бошкоски.
„Не можам да се сетам кои зборови беа упатувани. Сите бевме под адреналин, знам Љубе викаше ‘Сашо, Сашо’, а од друга страна колегите мислам дека му викаа ‘многу збориш, многу лаеш'”, рече Трајковски.
Според сведокот, нетипично било тоа што апсењето траело повеќе од еден час. На прашањето на обвинителот зошто се чекало тоа, Анчевски кажал дека треба да дојдат новинари и крим-техника.
Во случајот ,,Тортура” обвинет е ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков заедно со уште петмина припадници на единицата „Алфи“ за насилно постапување при апсењето на лидерот на ОМ, Љубе Бошкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес во 18 часот состанок на Советот за безбедност поради случувањата на Блискиот Исток
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за денеска закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18:00 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Членови на Советот за безбедност се: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Македонија
Од денеска побезбедни онлајн купувања со платежни картички
Од денеска стапува во сила законската обврска за засилена автентикација при онлајн-плаќања со платежни картички. Наместо досегашната потврда со СМС-код, корисниците на платежни картички ќе добиваат известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобрат трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање лице. Без оваа потврда плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Целта е да се обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при плаќањата без физичко присуство.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежните услуги и платните системи. Таа се воведува постепено во земјата и веќе е во примена при извршување онлајн-увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршување плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство.
Македонија
Од денеска до 5 март пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 март 2026.
Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, како и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата.
-Студентите што ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, се наведува во објавата на МОН каде што се наведени и условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк и контакти за поддршка при аплицирањето.
Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови.

