Македонија
(Видео) Рамчиловиќ: Телото за национално помирување е најдобар начин за обединување

Пратеникот Зекир Рамчиловиќ од Здружението за културно обединување на Бошњаците од Македонија (АВАЗ), по средбата со премиерот Зоран Заев, рече дека предлозите на осумтемина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во најголем дел се прифатливи.
„Се разговараше и за координативното тело за национално помирување. Со премиерот констатиравме дека тоа е најдобро решение за обединување. Деновиве ќе испратиме барање до Џафери за негово формирање“, рече Рамчиловиќ.
Тој додаде дека секоја иницијатива е добредојдена. „За координативното тело, сите предлози се добредојдени и со тоа да се дадат најдобри решенија. Ние ќе работиме транспарентно. Сите ќе бидат поканети. Се надеваме дека сите ќе земат учество, дека ќе го разберат ова“, рече Рамчиловиќ.
Тој додаде дека сè уште не е одлучено кој ќе биде координатор на новата пратеничка група и дека тоа ќе се знае во текот на денот.
Како што рече, АВАЗ останува на ставот дека референдумот не е успешен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Министерството за животна средина ги демантира СДСМ и ДУИ: Во ниту еден момент не е констатирана злоупотреба на службена положба или друг вид незаконско постапување

Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија најосторо ги отфрла и демантира „шпекулациите и лажните наводи изнесени од страна на политичките партии СДСМ и ДУИ во последните неколку денови“.
„Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија, во врска со наводите и шпекулациите во медиумите поврзани со решението на Управниот инспекторат, сака да ја информира јавноста за следните клучни точки:
Прво, опомени и забелешки за канцелариско и архивско работење на службите во Министерството не претставуваат скандал. Редовниот инспекциски надзор од страна на Управниот инспекторат се однесува исклучиво на технички аспекти на архивското и канцелариското работење. Во ниту еден момент не е констатирана злоупотреба на службена положба или друг вид на незаконско постапување.
Второ, станува збор за редовен и тековен инспекциски надзор.
Управниот инспекторат постапувал според редовна програма за работа и не станува збор за постапување по никаква пријава или наод за гршка во постапувањето.
Трето, забелешките на инспекторатот се однесуваат на пракса воведена во 2017 година. Начинот на канцелариско и архивско работење во Министерството за животна средина е воспоставен уште во 2017 година и оттогаш непроменето се спроведува од сите министри кои раководеле со министерството – и од редовите на СДСМ и ДУИ. На овој начин на работа постапувале министрите Нурхан Изаири, Башким Амети, Садула Дураку, Насер Нуредини и Каја Шукова. Ова значи дека евентуалните забелешки на инспекторатот не се поврзани со работата на актуелното раководство, туку со континуиран административен процес кој е наследен од претходните години.
Четврто, Министерството останува посветено на транспарентноста и ги повикува сите медиуми на увид во документацијата. За целосна транспарентност и точна информираност на јавноста, Министерството за животна средина и просторно планирање ги повикува сите заинтересирани медиуми да дојдат на лице место во просториите на Министерството, каде што ќе им биде презентирана целата архивска граѓа поврзана со оваа постапка. Нема што да се крие – работата на Министерството е отворена за увид на јавноста.
Министерството останува доследно на својата заложба за законито и професионално работење во интерес на граѓаните на Република Северна Македонија“, се наведува во соопштението на Министерството за животна средина и просторно планирање.
Македонија
Финансиската полиција поднесе кривична пријава за даночно затајување

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Тетово поднесе кривична пријава против Б.Ф. во својство на сопственик и управител и против четири правни лица поради основи на сомнение за сторено кривично дело „Даночно затајување“ од член 279 ст.3 в.в ст.1 в.в чл.45 од КЗ на РСМ.
Првопријавениот Б.Ф. во период од 2013 до 2023 година, извршил серија на истородни противправни дејствија со цел намалување на даночната основа за пресметка и плаќање на данокот на добивка, со кои дејствија го сторил кривичното дело „Даночно затајување“ од член 279 ст.3 в.в ст.1 в.в чл.45 од КЗ на РСМ.
Даночното затајување го вршел преку фирмите „БИБАЈ ГРОУП ДООЕЛ“, „БИБАЈ ДООЕЛ“, „ПРО ТИРЕ ДООЕЛ“ и „РАЕН ДООЕЛ“.
Обвинетиот се сомничи дека префрлал средства на основ на позајмици на своја и сметка на правните лица, кои потоа не биле евидентирани во даночните биланси и не биле отпишани по истекот на законските рокови.
Првопријавениот Б.Ф со намера да ја намали даночната обврска за утврдување на данок на добивка со цел да одбегне плаќање на данок, во име, за сметка и во корист на пријавените правни лица, во периодот од 2013 до 2023 година, не пријавил, не пресметал и не платил данок на добивка по даночна стапка од 10% во вкупен износ од 16.085.644 денари, за кој износ е оштетен Буџетот на Република Северна Македонија, со што првопријавениот Б.Ф го сторил кривичното дело ДАНОЧНО ЗАТАЈУВАЊЕ” од член 279 ст.3 в.в ст.1 в.в чл.45 од КЗ на РСМ, а пријавените правни лица го сториле кривичното дело “ДАНОЧНО ЗАТАЈУВАЊЕ” од член 279 ст.4 в.в ст.1 и ст.2 од КЗ на РСМ.
Македонија
„Вреди“ за модернизирањето на болницата „8 Септември“: Здравството добива нов здив, благодарение на Таравари

Коалицијата „Вреди“ продолжува со својата непоколеблива и посветена работа за граѓаните на земјата, носејќи крупни проекти кои директно влијаат на подобрување на квалитетот на животот. Денеска со гордост објавуваме дека во болницата “8 Септември“ во Скопје започна имплементацијата на извонреден проект, невидена инвестиција од 12 милиони евра, со која оваа здравствена установа ќе се модернизира и трансформира по највисоките европски стандарди, соопштуваат од „Вреди“.
Овој проект, како што појаснуваат, опфаќа целосна реконструкција и најнапредна опрема на одделението за интензивна нега, со проширување на инвестицијата на површина од 2000 m², каде што ќе бидат изградени седум супермодерни операциони сали.
„Со оваа инвестиција, болницата „8 Септември“ ќе се врати во здравствен дом од највисоко ниво, ставајќи крај на инфраструктурните и технолошките недостатоци од минатото. Оваа стратешка инвестиција предвидува две специјализирани сали за абдоминална хирургија, две за уролошки интервенции, една за операции на уво, нос и грло, една за очна хирургија и како апсолутна иновација – роботска хирургија, која е прва од ваков тип во земјава! Ова е огромен чекор кон модерно и напредно здравство, каде што најновата технологија се става во служба на граѓаните.
Како дел од оваа голема инвестиција, целосно ќе се реновира покривот на болницата и ќе се постави ефикасен систем за греење и ладење, што ќе гарантира оптимални услови за пациентите и медицинскиот персонал. За прв пат операционите сали ќе бидат опремени со најнова генерација на хируршки маси, напредно LED осветлување, медицински компјутери, софистицирани апарати за анестезија, опрема за каутеризација, пумпи за инфузија, дефибрилатори и целиот потребен медицински инвентар. Тоа значи дека нашите пациенти ќе имаат супериорни здравствени третмани, како оние на најдобрите европски болници“.
Според нив, министерот за здравство Арбен Таравари е клучен двигател на овој трансформативен проект, покажувајќи ја, како што велат, својата извонредна посветеност на модернизацијата на здравството во нашата земја.
„Благодарение на неговата визија и поддршката на коалицијата „Вреди“, нашите граѓани ќе имаат пристап до поквалитетни, поефикасни и подостоинствени здравствени услуги.
Овој проект ја означува новата ера на современото здравство во нашата земја. Инвестициите во здравството се инвестиции во животот и благосостојбата на граѓаните, а „Вреди“ докажува дека неговата работа и посветеност се над секоја политичка пресметка. Здравјето на граѓаните е апсолутен приоритет и тоа го докажуваме со конкретни и револуционерни проекти“.