Македонија
Рашковски: Дали Ивана Трајчева и Вилма Русковска поминале обуки организирани од амбасадата на САД или канцеларијата на ЕК?
Правниот тим на поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски испрати допис до медиумите со став за јавните обвинителки Вилма Русковска и Ивана Трајчева.
Соопштението следи во целост:
„ Не пропуштаат и не пропуштија ниту осомничената јавната обвинителка Ивана Трајчева, ниту суспендираната јавната обвинителка Вилма Русковска во сите нивни настапи да го спомат случајот “Софтвери” како предмет со кој сметаат дека ја покажале својата неселективност, професионално делување и успешност во работата.
Познава историјата доста личности кои се гордееле со своите дела-недела, и заради нечистата совест барале публиката да им ги одобри потезите со аплауз.
Деновиве слушнавме дека Амбасадата на Соединетите Американски Држави издвоила милионски суми за обука на активните учесници во правосудниот систем, меѓу кои се и обвинителите. Потег кој само потврдува за каков вид на пријателство се работи имајќи ја во предвид народната поговорка “Ако сакаш да е човек среќен еден ден нахрани го – Ако сакаш да е среќен цел живот научи го да лови”. Токму тоа е целта на било која обука – да се научи некој “самостојно да лови”.
Дигиталната форензика е наука, но и техника на собирање на докази кои не зависат и не треба да зависат од правните норми, затоа што тие подлежат пред се на природни закони. Првите пишани правила во вид на технички норми – упатства или прирачници – доаѓаат токму од САД. Одтука мислам дека нема сомнеж дека и при споменатите обуки е опфатена и дигиталната форензика и синџирот на чување на докази, уште повеќе што опремата која е дадена како донација за обавување на дигитална форензика е исто донација од САД.
Една од водечките институции во САД која има и основна функција да се занимава со дигиталната форензика е Националниот институт за правда која е служба за истражување, развој и напредување при Министерството за правда на САД. За споменатите потреби тие го имаат создадено “ПРИРАЧНИК ЗА ПОЛИТИКИ И ПОСТАПКИ ЗА ДИГИТАЛЕН ДОКАЗ”.
Во него се вели:
Пребришливата природа на податоците на овие уреди бара соодветно одземање за да се зачува интегритетот на податоците и да се обезбеди нивната доказна вредност во правните постапки.
Наспроти тоа имаме:
Во ОЈО ГОКК никој не знае да каже каде биле уредите од моментот на одземање до моментот на предавање на лицата задолжени за некаква екстракција.
Понатаму во прирачникот се вели:
Уредите, исто така, мора да се обработуваат правилно, без разлика дали податоците што ги содржат се компромитирачки или ослободувачки. Подеднакво е важно овие уреди да се складираат на начин што ќе ги зачува податоците во нивната првобитна состојба за испитување од страна на одбраната и за воведување на оригиналниот предмет во судот кога е потребно.
Наспроти тоа имаме:
Уредите кои со наредба се одземени и се предадени на ОЈО ГОКК, се даваат на полициски службеници кои немаат овластувања ниту квалификации за дигитална форензика, а на видео запис кој ќе биде јавно објавен се гледа како на лица кои се само стручни соработници им се дава пристап ни помалку ни повеќе ДО СИТЕ ДОКАЗИ ЗА СИТЕ ИСТРАГИ И ПРЕДИСТРАГИ, компромитирајќи го на тој начин целокупниот “обвинителски опус” на сите останати колеги.
Поматаму во прирачникот се вели:
Целиот персонал назначен или вработен во лабораторијата за дигитална форензика е одговорен за сигурноста и безбедноста на лабораторијата. Мора да се вложат сите напори постојано да се одржува безбедноста на лабораторијата и да се осигура дека неовластени лица не влегуваат во лабораторијата.
Наместо тоа имаме:
Ќе објавиме и видео материјал со исказ на ОЈО ГОКК “вештакот кој не е вештак”, а кој си замина во Финансиска полиција, како детално опишува за чувањето на уредите во обично шкафче наместо во антистатски пакувања, и како клучевите од просторијата ги имале и двете обвинителки.
Дигиталната форензика не е нешто кои ние треба да го измислиме, Туку, треба да ги прифатиме стандардите на целиот напреден свет. Несомнено, таквите стандарди кои се унифицирани и само се надополнуваат ги имаат и ФБИ во “Директивата за корпоративна политика за дигитални докази и Водич за имплементација на политики” и Интерпол во “Глобалните насоки на ИНТЕРПОЛ за лаборатории за дигитална форензика”.
Сигурен сум дека ќе имаме убава “дигитално-форензичка пролет” се вели во дописот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст
Сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Времето во наредниот период
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст. До средината на следната седмица ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а по одредени котлини ќе има појава на магла.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.

