Македонија
Реконструирана полициската станица во Зајас
Од сега вработените во Полициското одделение Зајас ќе работат во реконструиран објект, чијашто реконструкција и санација е изведена со средства од буџетот на Министерството. Објект што ќе биде надополнет со нова базна станица, односно канцеларија за издавање лични документи за граѓаните, рече министерот Оливер Спасовски по денешната посета на реконструираниот објект на Полициското одделение Зајас, Кичевско, кој е уште еден во низата реконструирани објекти во периодот од јуни 2017 година до сега.
Во овој објект сменети се прозорците и вратите, поставена е нова електроинсталација и осветлување, извршена е санација на кровот, како и низа други градежно-занатски работие со цел да се овозможат подобри услови за работа.
,,Сакам да потенцирам дека како раководство на Министерството за внатрешни работи стоиме цврсто зад сите наши најавени и планирани активности во поглед на значителното подигање на функционалните стандарди на полициското работење на целата територија на државата. Имаме квалитетно срочена и прецизна програма, која, како што гледате, ја реализираме. Продолжуваме со подобрување на условите за работа на полициските службеници затоа што само со овозможување подобри услови можеме да имаме и подобри резултати во работењето, а тоа значи и подобра безбедност за граѓаните. Во јуни минатата година затекнавме полициски станици кои беа во загрижувачка состојба, во кои полициските службеници работеа во супстандардни услови и веднаш преземавме активности за да ја поправиме состојбата, односно да обезбедиме соодветни услови за работа. Еден од тие објекти е и Полициското одделение Зајас. Во таа насока продолжуваме со овие активности, на ред се објекти во рамки на Секторите за внатрешни работи Велес и Битола, но и други објекти од полициската инфраструктура важни за квалитетно и непречено функционирање на полициските организациски единици”, рече Спасовски.
На средбата со раководството на СВР Охрид беше потенцирано дека безбедносната состојба во овој регион е стабилна. Има намалување на криминалитетот за околу четири отсто споредено со истиот период минатата година и се преземаат мерки и активности за и овие резултати да бидат уште подобри.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Ја слушнавме пораката од граѓаните и ја прифаќаме, ќе продолжиме да се бориме
„СДСМ ја слушна пораката од граѓаните и ја прифаќа. Ние ќе продолжиме да се бориме за секој граѓанин, за прогресивна и европска иднина на Македонија. Резултатот на изборите на 8 мај сè уште не е одлучен“, велат од СДСМ.
„Со десничарите може да се соочиме со мрачни сценарија од минатото, кои ќе стават крај на европските перспективи и кои водат во нова долга изолација и нови поделби во општеството.
Веќе се гледа дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ играат опасна игра со мултиетничкото ткиво на нашето општество. Тензиите што се сега се прават меѓу Македонците и Албанците може да нè вратат назад во грдото минато.
Затоа е исклучително важно граѓаните да излезат и да гласаат на 8 мај, за напредна држава, држава во која ќе имаме подобар животен стандард. Нема откажување од иднината!“, соопшти СДСМ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот
180.000 гласа разлика во корист на Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ пред Пендаровски и СДС е порака дека народот сака промени и крај на понижувањата, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Народот не поддржува политика на понижување на Македонија. Граѓаните јасно кажаа дека се против криминалот на СДС и ДУИ. 7 години Македонија тоне на секое поле. На почеток на секоја учебна година немаше учебници за учениците, за болните немаше лекарства, за земјоделците немаше откуп. Народот не се чувствуваше безбеден, криминалот царуваше по улиците“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што истакнуваат, народот не сака да живее повеќе во несигурност.
„Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот. Победата во вториот круг ќе биде уште поголема, а СДС и Пендаровски, заедно со нивните газди од ДУИ никогаш повеќе нема да бидат во позиција да го понижуваат народот. Македонија повторно твоја“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
ЦУК: Коловозите во државата на многу места се влажни и имало ситни одрони на сите патни правци
Во Центарот за управување со кризи, имало вкупно 1 694 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи 112.
Од нив „реални“ повици биле 49,82 отсто, а 50,18 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон полиција биле упатени 69,92 отсто и кон итната медицинска помош 28,91 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК.
Во последното деноноќие немало евидентирани пожари на отворено.
Од ЦУК потсетуваат дека коловозите во државата на многу места се влажни и имало ситни одрони на сите патни правци во последното деноноќие.
Екипите ги отстранувале одроните на патот и нема прекин на сообраќајот.