Македонија
Реконструкција на улици во должина над два километра во Горно Оризари
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски и претставници од општинската администрација, извршија увид на работните активности во Горно Оризари, каде се врши реконструкција на 10 краци, со вкупна должина над 2 километри.
Проектот за реконструкција, покрај нов коловоз, вклучува и реконструкција на канализационата мрежа и нови водоводни приклучоци.
„Лошата инфраструктура во урбаната и руралните средини, мора да стане минато и да биде заменета со услови во какви што заслужуваат да живеат сите граѓани на нашата општина. Токму затоа, на врвот на приоритетите на оваа локална самоуправа е реализацијата на проекти кои ќе ги решат инфраструктурните проблеми и ќе овозможат промени и развој на општината, согласно барањата на времето во кое живееме.
Еден од инфраструктурните проекти за оваа градежна сезона е и реконструкцијата на водовод, канализација и коловоз на 10 краци со должина од над 2 километри во Горно Оризари, со вкупна инвестиција над 44.000.000 денари.
Со оглед на должината која треба да биде реконструирана, паралелно се работи на коловозот во должина на трасата од 2028,27 метри за што општината инвестира 23.939.792 денари, а екипите на Нискоградба работат на канализационата мрежа на трасата од 2504 метри, со вредност од 18.717.159. денари. За водоводната мрежа и околу 107 приклучоци, со ангажираност на екипите на ЈКП Водовод, инвестираме 1.706.663 денари.
Од констатираната состојба на терен, можеме да видиме дека станува збор за еден голем инфраструктурен проект, кој се реализира со задоволителна динамика и кој значително ќе ги подобри условите во Горно Оризари“, изјави градоначалникот Коњановски.
Покрај на реконструкцијата на улиците во Горно Оризари, општината согласно Програмата за комунални дејности и уредување на градежно земјиште, развојната програма и во соработката со јавните претпријатија и други институции, работи и на улици во Долно Оризари, на улица „Бурса“, во населба „Недопирливи“, на улица „Солунска“, улица „Крушевска Република“, на патеката Тумбе кафе – Смолево и на други локации
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Одбија Законот за 600 евра плата да биде на дневен ред, сакаат авион за Мицкоски“, велат од СДСМ
„Пратениците од тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ, на вчерашната собраниска седница застанаа против работниците: одбија Законот за минимална плата од 600 евра да биде ставен на дневен ред“, велат од СДСМ.
„Иако СДСМ го поднесе предлогот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата на 31 јануари, со што согласно Деливникот целосно беше исполнет условот точките поднесени до крајот на минатиот месец да бидат ставени на вчерашаната седницата.
Додека работниците протестираа пред македонското Собрание, внатре во собраниската сала беа понижени од пратениците на тендер коалиција ВМРО-ЗНАМ
Затоа, во знак на протест пратениците на СДСМ ја науштија седницата.
Барањата на претставниците на Сојузот на синдикати за зголемување на минималната плата на 600 евра или 36.960 денари се реални и издржани. Во буџетот има пари, само со пренамена на две категории се обезбедуваат 200 милиони евра, доволно да им се излезе во пресрет на работниците.
Но, владата на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не сака да ја покачи минималната плата, го избра сопствениот луксуз наместо потребите на работниците.
Додека работниците едвај врзуваат крај со крај, додека минималната плата не ги покрива ниту основните трошоци за живот, Владата мисли на купување авион за Мицкоски, за нови туристички патувања, како она во Давос“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина:
· од 06:00 – 10:00 часот, корисниците од ул. Пајак и ул. Наум Наумовски Борче. (Општина Центар)
· од 08:00 – 12:00 часот, дел од корисниците од ул.Пејо Јаворов (општина Кисела Вода)
· од 09:00-11:00 часот корисниците од улиците со бр. 406 и бр, 408 во с. Марино. (Општина Илинден)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улица со бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улиците Индира Ганди, Брсјачка Буна, Овчеполска, Пелагонија, Демирхисарска, Сландол, Хаџи Јован Шишков,Злетовска, Тиквешка и ул.Нов Живот. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно облачно, попладне и кон крајот на денот повремен дожд
Променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини врнежи од дожд и снег. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 6, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно, попладне и кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува период на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер што ќе услови до недела релативно високи температури. Од недела попладне ќе започне да дува северен ветер и температурите ќе бидат во опаѓање.

